Дали постои трагедија на заедничките добра? Или приватизираните добра предизвикуваат трагедии поради ограничувањето на пристапот до добра од општ интерес?
Концептот за commons влезе во мејнстримот кога Американскиот екологист Герет Хардин го објави својот глобално влијателен, но краток есеј во научниот журнал Наука во 1968 год. Есејот наречен „Трагедијата на commons“ е за светот со ограничени ресурси и за проблемот со пренаселеност. За да ја поддржи својата расправа, Хардин го користи концептот за commons да покаже како рационалното поведение на индивидуите има ирационален исход. Како метафора за commons, тој користи „пасиште отворено за сите“ (1968, 1244) и опишува како секој овчар, за да ја зголеми добивката, рационално ќе додава повеќе и повеќе грла на пасиштето и бенефитот ќе биде индивидуален, додека цената на претераното пасење ќе биде колективна. Бидејќи секој овчар ќе се однесува на овој рационален начин, тоа неизбежно ќе води до претерано испасување и колапс на ресурсот, па сите ќе загубат – оттука трагедијата. Хардин го поврза овој механизам на неизбежната трагедија на commons насекаде низ светот со проблемот на глобалното население кое се зголемува:
„commons, ако се воопшто оправдливи, се оправдливи само под услови на ниска густина на населението. Како што човечката популација се зголемува, commons мора да се напуштат на овој или оној начин“ (Хардин, 1968, 1248)
Хардин продолжува да дискутира како првите commons во собирањето храна биле напуштени преку заградување обработлива земја и ограничување пристап до различни ресурси, што тој верува дека треба да продолжи и во иднината. Како решение на овој проблем, Хардин дава две опции – централна регулација од државата или приватизација, со алокација на права на приватна сопственост. Тој ја преферира втората и ги објаснува своите решенија користејќи го проблемот на пренатрупаните Национални паркови на Америка, кои им се достапни на сите посетители, кои полека ги уништуваат нивните природни вредности:
Што да правиме? Имаме неколку опции. Може да ги продадеме како приватна сопственост. Може да ги задржиме како јавна сопственост, но да го алоцираме правото да се влегува. Распределбата може да биде на основа на богатство, преку употреба на систем за аукција, може да биде на база на заслуга, дефинирано преку усогласени стандарди. Може да биде лотарија. Или може да биде на принципот прв дојден—прв услужен, применето на долги редици. Овие, мислам дека се сите разумни можности. (Хардин, 1968, 1248)
Постојат многу аргументи против статијата на Хардин, но тука ќе бидат презентирани три. Првата критика е од Елинор Остром (1990), која истакна дека замислувајќи пасиште отворено за сите, Хардин баш не си замислува commons. Како што веќе беше опишано во претходното поглавје, средовековните commons пасишта не биле со отворен пристап за сите, туку им припаѓале на добро дефинирани заедници на корисници кои ги дизајнирале правилата за употреба и пристап кои не биле отворени за сите. Хардин претпоставува дека пасиштето е заеднички склоп на ресурси, што значи дека е компетитивен во консумпција и неисклучив во пристап, но дури и кога првиот критериум би важел, емпириските докази опишани во претходните поглавја покажуваат дека пасиштата низ историјата биле организирани така што успешно ги исклучувале неавторизираните корисници, што не ја прави трагедијата неизбежна. Вториот аргумент е исто така понуден од Елинор Остром (1990) и покажува дека теоретскиот модел на Хардин е базиран на непостоечка комуникација помеѓу овчарите, што е тешко веројатно во примерите од реалниот живот. Повикувајќи се на долго минато на антрополошко истражување кое покажува заедници кои се самоорганизирале да ги владеат своите ресурси одржливо низ времето, како и на студии за кооперативно поведение во теоријата на играта и нејзини лични анализи на клучни случаи, Остром заклучи дека ако овчарите успеат да комуницираат, тие би ја предвиделе заканата од претерано испасување. Тие заедно би дизајнирале и наметнале правила да го спречат, и ова исто би било рационално однесување. Третиот аргумент е понуден од критичкиот географ David Harvey (Дејвид Харви) (2012), кој вели дека статијата на Хардин е базирана на погрешен заклучок затоа што не е заедничката земја таа што води до трагедија, туку приватната сопственост на добиток. Кога овчарите би имале заеднички добиток, како што бил случајот во некои средовековни commons, не би постоел индивидуален мотив за зголемување на придобивките, зашто би постоеле колективни придобивки и колективни трошоци. И покрај сиот критицизам, трагедијата на commons стана влијателен наратив кој оттогаш се користи за да се оправда понатамошна приватизација на природни ресурси. Ова е трагедијата на Хардиновата трагедија на commons.
Michael Heller (Мајкл Хелер) (2013), правен научник за сопственост, има поинаква перспектива на трагедијата на commons (2012). Хелер прво разликува три типа на сопственост: приватна, државна и commons, што личи на категоризацијата на Waldron (Волдрон) на приватна, колективна и јавна сопственост. Според Хелер, приватната сопственост е деспотско владеење на една личност над ресурс. Државната сопственост е, исто така, поврзана со еден носач на одлуки кој има контрола, пристап и го користи ресурсот, но базирано на претпоставка за потребите на целата јавност. Заедничка сопственост или commons е за споделени ресурси за чија употреба не постои само еден носач на одлуки. Хелер ги дели commons на два типа: „commons со отворен пристап“ и „commons со групен пристап“. Commons со отворен пристап оперираат под режим во кој никој не може да биде исклучен од користењето на ресурсот, како во случајот со океаните. Овој тип на Хелер е сличен на res communis omnium од Римското право. Commons со групен пристап се под режим во кој според правила дефинирани од групата корисници, некои се исклучени од користењето со ресурсот, како во случајот со некои средовековни селски commons. Хелер истакнува дека најголем дел од литературата која го вклучува есејот на Хардин е фокусирана на commons со отворен пристап, иако најчеста форма на commons во светот е онаа со групен пристап, и обично без појавување на било каква трагедија. Хелер исто така истакнува дека трагедијата на commons се фокусира на проблемот со прекумерна употреба на commons со отворен пристап и на тоа му спротивставува примери на недоволна употреба кога ресурсите се поделени и приватизирани, што го нарекува „трагедијата на anticommons“. Тој тврди дека недоволната употреба е многу поголем и почест проблем од прекумерната употреба и дава примери на интелектуални патенти кои се приватна сопственост на фармацевтски компании кои го блокираат развојот на нови фармацевтски лекови.
Антропологот Bonnie McCay (Бони Меккеј) (1998) дава друга перспектива на трагедијата на commons испитувајќи го случајот на одгледување на остриги во Њу Џерси. Меккеј со децении ги проучувала моделите на управување на заеднички рибници низ светот и нашла многу примери во кои заедниците успевале да ги управуваат рибниците на социјално праведен и еколошки одржлив начин. Сепак, таа истакнува дека според логиката на Хардин, државата интервенирала запоседнувајќи ги заедничките рибници за или лошо да ги управува или да ги приватизира. Иако на овој процес често му бил даван жесток отпор од страна на луѓето кои самоуправувале со овие commons, тие ја изгубиле битката и биле протерани од commons од кои им зависел животот. Ова таа го нарекува „трагедијата на оние кои практикуваат commons“ (McCay, 1998, xvii).
Референци
Hardin, G. (1968) The Tragedy of the Commons, Science, 162:3859, 1243–1248.
Harvey, D. (2012) Rebel Cities: From the Right to the City to the Urban Revolution. Verso, London.
Heller, M. (2012) The Tragedy of the Anticommons. In: Bollier, D, Helfrich, S (eds.) The Wealth of the Commons: A World Beyond Market and State. Levellers Press, Amherst, 125–131.
McCay, B.J. (1998) Oyster Wars and the Public Trust: Property, Ecology and Lay in New Jersey History.
University of Arizona Press, Tucson.
Ostrom, E. (1990) Governing the Commons: The evolution of institutions for collective action., Cambridge University Press, Cambridge.
Извадок од студијата „Commons во Југоисточна Европа: случаи од Хрватска, Босна и Хeрцеговина и Македонија“ во коавторство на Томислав Томашевиќ, Ведран Хорват, Алма Миџиќ, Ивана Драгшиќ и Миодраг Дакиќ (македонско издание: Плоштад Слобода, 2018). Англиската верзија на студијата е достапна на овој линк.