Поради новата пресметка на потрошувачката на електричната енергија, важно е да го избегнеме одвишното трошење на електричната енергија. Тоа треба да го направиме не само од економски, туку и од еколошки причини, со оглед на тоа што голем дел од струјата што ја трошиме доаѓа од необновливи, фосилни извори на енергија. Како и во многу случаи, економичното и еколошки-одговорното однесување одат рака под рака.
Еве некои од начините што јас самиот ги применувам и што може да ја намали потрошувачката на струја во вашиот дом за 20%, 30%, па дури и да ја преполови вашата потрошувачка. А парите што ќе ги заштедите, ќе можете многу попаметно да ги искористите.
Осветлувањето
1) Не го оставајте вклучено светлото во собите во кои никој моментално не е присутен. Исто така, не го оставајте вклучено светлото во тоалетот. Кога ги користите собите или тоалетот, вклучете го светлото, кога повеќе не сте таму – исклучете го. Покрај непотребното трошење енергија, се создава топлина од светилките што се во функција, па тоа придонесува кон дополнителното загревање на станот.
2) Заменете ги вашите обични светилки со ЛЕД-светилки. Овие вторите се поскапи, но трошат значително помалку електрична енергија. ЛЕД-светилките не само што ќе придонесат кон намалување на вашата потрошувачка на струја, туку „инвестицијата“ во нив ќе ви се исплати веќе за месец-два.
Апарати за домаќинството
3) Ако никој од вашето семејство не е подолго време во домот, извадете ги од кабел апаратите што не ги користите. Особено „понапредните“ уреди трошат т.н. фантомска енергија, односно иако се исклучени, сепак влечат одредено количество струја. Не го потценувајте тоа! Исклучете ги од струја, на пример, телевизорот и рутерот, кога излегувате на подолго од дома: нивното исклучување/вклучување нема да ви одземе многу време, зборуваме за 20-30 секунди.
4) Многумина имаат лоша навика да го оставаат приклучен телевизорот, иако никој во тој момент не гледа телевизија. Исклучете го телевизорот ако никој не гледа. Како позитивна нус-појава ќе добиете можност покреативно да го користите вашето слободно време.
5) Лаптопот, кога сте дома, користете го на saving mode. На таков начин, помала е светлината што доаѓа од екранот, но разликата е минимална и незабележлива. На отворено има разлика, но во затворена просторија слободно можете да го користите лаптопот на saving mode без да имате разлика во искуството. А на ваков начин, ќе трошите помалку струја за полнење на лаптопот.
6) Ако ги перете алиштата во машина за перење, дали баш морате и да ги сушите во машина за сушење? Зошто едноставно не ги испружите на балконот или на столиците во станот?
7) Ако живеете во станот сами или двајца, дали навистина има потреба да се потпирате во секоја прилика на машината за миење чинии? Има луѓе за кои е уживање миењето чинии. Можеби ќе научите и вие да уживате во тоа. Дајте му шанса на тоа искуство.
8) Кога размислувате што да јадете, не го правете тоа со отворена врата од фрижидерот. Одлучете се што ќе јадете, па потоа отворете го фрижидерот. Отворената врата на фрижидерот ја зголемува потрошувачката на струја.
9) Редовно чистете го фрижидерот од мраз. Повеќе мраз – поголема потрошувачка на струја.
Готвење
9) Не ја поставувајте рерната до фрижидерот. Ако имате можност за промена на распоредот во кујната, преместете ја рерната подалеку од фрижидерот. Топлината од рерната прави фрижидерот да троши повеќе струја.
10) Внимавајте да не го ставате тенџерето со храна на рингла што е поголема од тенџерето. Одберете ја ринглата што е најсоодветна на големината на тенџерето, а дури можете да одберете и рингла што е помала од тенџерето. И во тој случај јадењето ќе биде добро зготвено, се разбира, ако добро го приготвите.
11) Додека се готви јадењето, секогаш поклопете го тенџерето со поклопец. Така побрзо ќе се зготви, повкусно ќе биде и помалку струја ќе потрошите.
12) Исклучете ја струјата 5 до 10 минути пред јадењето да е приготвено. Ринглата/рерната веќе е доволно загреана, па и во тие 5-10 минути ќе има сосема доволна топлина за приготвување на јадењето. Дали тоа ќе бидат 5 или 10 минути, зависи од конкретното јадење што го приготвувате.
Ладење на станот
13) Спуштете ги ролетните во периодот кога вашиот стан е директно изложен на сончевите зраци.
14) Пијте повеќе вода, јадете повеќе свежо овошје, а помалку месо, и мијте го лицето, вратот и рацете почесто во текот на денот. Користете ладало. Добрата работа во врска со ладалото е што ќе придонесете кон надминување на родовите стереотипи.
14) Ако има потреба да користите разладен уред, дајте му предност на вентилаторот пред клима-уредот. Важна негативна придружна појава на користењето на клима-уредот е што со неговата употреба се вжештува надворешната температура.
15) Ако веќе сте се одлучиле на клима-уред, редовно мијте ги филтрите на клима-уредот, барем еднаш месечно. На тој начин, клима-уредот поефикасно ќе работи и ќе троши помалку струја. Исто така, не создавајте преголема разлика помеѓу надворешната температура и температурата во станот. Така нема да го изложувате вашето тело на шок, кога ќе излезете надвор. И имајте предвид дека само еден степен повисоко на вашиот клима-уред ќе ви заштеди значително количество струја.
16) Приквечер направете прошетка со вашиот партнер, со вашите деца или со пријателите во блискиот парк или на некое друго пријатно зелено место. Ем подобро ќе се чувствувате ем ќе избегнете како нервирање поради горештината во станот, така и потрошувачка на струја заради негово ладење.
Сите овие работи може многу лесно да се направат. Воопшто не е тешко. Потребно е само волја, поголема активност на умот и поголемо чувство за лична одговорност. Не е тоа толку тешко, нели?
Здравко Савески