Положбата на просветниот работник во македонската современост

Vasko Gichevski

Наоѓајќи се повторно пред извесно политичко и економско премрежје на кое сè уште не можеме да му ги одредиме крајните форми, на површина секогаш ни излегуваат старите проблеми. Во нашата земја евидентни се процесите на руинирање на образовниот систем, културата , економијата, а сето тоа е во суштина вина на политиката која се практикува во изминативе три децении. Преку ерозијата на економско производните услови на земјата по распадот на социјализмот, се распадна и морално-идеалистичкиот постамент на сите останати општествени столбови. Науката, културата, образованието, станаа и се само мртво слово на хартија. Хартија која што нималку не вреди доколку зборовите испишани на неа не произлегуваат од праксата и не решаваат практични проблеми. Но од каде всушност започнаа овие проблеми? Виновник за овие состојби се пронаоѓа во онаа категорија што овој систем треба да го управува, стимулира и надградува, а тоа е политиката сфатена во широка смисла на зборот. Долго време наназад овие општествени столбови не беа ништо повеќе од проста декорација на партиското владеење. Просветниот работник секогаш во очите на власта бил само еден пион, преку чиј грб се прегазувало за да се дојде до власта, за да биде алиби за некакви „реформи“. Притоа работникот во целиот период беше оставен на работ на егзистенцијата, на маргините на општеството, губејќи го дури и достоинството на професијата.

Одлуката на СОНК (Синдикатот на образованието, науката и културата) за генерален штрајк, само ги разгоре дискусиите во јавноста, се сврти работник кон работник, судејќи еден на друг кој колку не заслужува да добие покачување. Ваквото коренито лошо судирање и негирање на правото на еден работник од страна на друг работник, впрочем е само едната од игрите на капитализмот и неговиот менталитет. Имено капитализмот не се стреми кон праведност и заслуга, не ја вреднува подеднакво работата на сите општествени чинители, туку се труди да истакне кој повеќе вреди од другиот, секако изразено во определена сума пари. А колку денес вредат парите? Денес во услови на сеопфатна криза, придонесите на работникот не можат да обезбедат ни гола егзистенција.  Според ССМ, за месец јануари 2022 година,  минималната синдикална кошница изнесува 35 811 денари.  Платата за наставник почетник со полн фонд на часови (најмалку 21 час неделно), односно полно работно време, се движи во опсегот од 24 000- до 25 000 денари. Работниците со поголем работен стаж можат да стигнат до приближно 30 000 денари. Дури и при многу стаж, и при полн фонд на часови, просветниот работник е 5000 денари под потребниот синдикален минимум. Другата, уште полоша страна на приказната е фактот што во огромен број училишта во државата, наставниците немаат полн фонд на часови. Поради долгогодишното популациско девастирање на Македонија ситуацијата е траорна. Во редовните средни училишта бројот на учениците на крајот од учебната 2019/2020 година изнесува 68.273, што претставува намалување за 2,5 % во споредба со претходната учебна година, соопштуваат од Државниот завод за статистика. На крајот од учебната 2019/2020 година во Македонија биле регистрирани 128 редовни средни училишта со 3.519 паралелки и 68.273 ученици. Во нив биле вработени вкупно 7.409 наставници, од кои 4.538 жени. Со полно работно време биле 6.414 наставници. Ситуацијата не е подобра ни во основните училишта. Податоците на ДЗС покажуваат дека во Македонија има 972 редовни основни училишта со 11.146 паралелки и 19.138 наставници, од кои 16.213 се со полно работно време, а 2.740 се на определено време.  Од претходно изнесеното можете лесно да воочите дека  една не мала бројка од 3.735 наставници, немаат полн фонд на часови. Поинаку кажано дел од тие наставници во зависност од бројот на часовите  во извесни случаеви земаат плата далеку помала и од минималната.  Тие бројки се движат во опсегот од 3000 денари па се до 18 000 денари. Особено ова важи за наставните предмети со мал фонд на часови еден или два наставни часа неделно. Вработените во руралните средини се во екстремно лоша состојба бидејќи и од онака малите примања треба да одвојат огромен дел од своите скромни примања за патни трошоци. Пандемиската криза, Руско-Украинската војна и низата други дефекти на капиталистичкиот систем што со години лесно се согледуваа, сега кулминираа. Ништо од она што се случува не беше непредвидливо, единствено потребно беше да се следи дијалектичкото движење на материјалните опстојби и да се изнесат соодветни анализи.  Ние целото свое време го трошевме и го трошиме убедувајќи се дека ова е само еден кошмар од кој ќе се разбудиме, не сфаќајќи дека тоа е нашата единствена реалност. Просветниот работник впрочем како и сите останати работници со порастот на цените е сведен на ниво на општа мизерија! Кон ова сведочи и фактот што скоро сите синдикални организации во Македонија го изразија својот револт, или најавија дека ќе го изразат преку низа на протести или штрајкови. Ваквото движење е доминантна слика на Стариот континент, но и ширум светот!

Треба да и да се запрашаме што и колку може македонската држава да стори и да помогне на работниот народ? Страшната реалност која не сакаме да ја согледаме е дека сите покачувања кај нас се фиктивни. Покачувањата, па и воопшто целото наше општествено финансирање се базира на задолжување. Ние одамна преминавме над црвената граница, па сега расходите по основи на долг ни се околу 60% од буџетот. Поинаку кажано економијата е непостоечка, а тоа значи дека воопшто нема ни како да се покачат платите. Владата реши да го покачи минималецот поради политичка стабилност. Таа стабилност чини многу и не е изводлива, но искрено работникот и воопшто не треба да се грижи за тоа. Согласно законите секој е должен да си го бара своето! Државата е таа што одлучува и согласно тоа треба и да си ги санкционира своите должности! Од друга страна пак дури и помислата дека ние имаме држава е огромна лудост. Ние имаме омеѓена територија во преддржавно уредување. Тука владее хаосот и партијата! Во тој контекст вие не можете да ја спроведете законската правда, бидејќи се изнаоѓаат 3000 механизми како истата да се саботира. Колку за пример, просветните работници имаа еден колективен договор од 2008 година кој со сите свои последователни измени и дополнувања никогаш не е реализиран во целост. Едноставно никој не сака да го спроведе. Тогаш, зошто и воопшто говориме и се бориме, кога ултимативно знаеме дека нема ништо од тоа да се спроведе? Се сеќавате на реформата на Царовска? Промени ли нешто што сите можни релевантни институции и купишта професионалци излегоа против неа? Апсолутно не. Стручните лица беа прогласени за нерелевантни и законски заобиколувајќи ги ја наметнаа  својата политичка идеја. Соодветно на се ова, ние мораме да увидиме дека тука нема дијалог туку диктатура!

Работникот е паметен човек, тој одамна увидел дека е пион и веќе е апатичен и не гледа спас во вакви потфати. Тоа е можеби најумешната и најгадната страна на владетелите, а тоа е да ве убедат дека сте безвреден, но работникот не е безвреден! Работникот во овие моменти треба да ги збие своите редови, да избие на чело работничката солидарност! Сите поделби во овој момент носат само кон ултимативна беда на работникот! Крајната беда која секој работен човек ја чувствува во моментот, всушност е двигател на многу поголеми општествени промени кои надоаѓаат. Просветниот работник кој низ милениумите беше носител на идеите за рамноправност, хуманост и сеопшто добро нужно треба да одговори на природниот повик за одбраната на своите права. На овој начин ќе се издигне од бедната материјална положба, од уништеното достоинство и ќе стане светол пример во борбата за подобро утре!

8.4.2022

Васко Гичевски

Редакцијата на „Гласник“ не нужно се согласува со ставовите изразени во колумната.

|2022-04-11T10:07:10+00:0011 април 2022|Актуелно, Култура, Став|