Социјалниот центар „Дуња“ прослави четири години постоење

На 4.10.2020 година Социјалниот центар „Дуња“ од Скопје прослави четири години постоење во тивка атмосфера со членовите на колективот „Дуња“ и нивните најблиски пријатели.

Социјалниот центар низ изминатите четири години создава едно левичарско милје во Скопје затоа што низ тој простор се собираат левичари, феминисти, екологисти, квир активисти, комунисти, анархисти, млади уметници, новинари, теоретичари и многу други активни борци за правда, социјална правда, демократија, подобро општетво, поголема еднаквост и рамнопраност. Низ таа жолта куќа се собирале донации за бездомници, за сиромашни луѓе, за Роми, за деца во ризик, за социјално загрозени, за отпадници и неприфатени луѓе во ова општество. Во ладна зима „Дуња“ станала дом за бездомниците, а скоро секогаш е место за преспивање за левичари и патници кои немале можност да спијат во хотел.

Низ овие четири години таму се случиле многу иницијативи, се одржале повеќе од 300 настани, како кино проекции, политички дискусии, уметнички изложби, музички концерти и слични просветно – културни активности со кои се означиле одредени секуларни празници и мали политички победи, а се одржале и големи расправи.

Да се надеваме дека низ овој простор и во иднина ќе продолжи да се гради левичарското и слободарското милје на овој град.

|2020-10-08T14:02:42+00:008 октомври 2020|Актуелно, Вести, Култура|