Илузиите на ромскиот интелект ќе се наплатат со поголема беда и позиционирање на општествените маргини

Месеци наназад, до неодамна, Ромите ширум Европа многу позитивно ме изненадија упатувајќи конструктивни критики и објективни осуди кон контроверзни светски политички фигури од неодамнешното минато како Медлин Олбрајт, Џорџ Буш, Барак Обама, идентификувајќи ги како воени злосторници и хипокрити кои пропагираат фиктивна демократија. Таквата зачестена тенденција која конечно ја забележав по речиси две децении опсервирање на нештата ме поттикна да акцентирам неколку (вечно) актуелни тематики со цел да ги охрабрам и останатите млади свесни Роми да ги изразуваат сопствените мислења и ставови не стравувајќи и не грижејќи се дали ќе се совпаднат со мислењата на одредени структури кои гравитираат врз и околу нас наметнувајќи ги.

Повеќето, ако не всушност и сите ромски полувладини (семејни) движења тежнеат кон реализација на индивидуални/семејни интереси, како и останатите на поднебјево и при системот впрочем. Погубно е што мнозина млади едуцирани Роми при несоодветни прилики ставаат преголем акцент на сопствените лични достигнувања, експонирајќи ги своите дипломи (од дискутабилни катедри и универзитети), завиткани во ленти и целофан, не со интенција да ги инспирираат младите сонародници да го надградуваат своето формално/ неформално образование, туку меѓу другото „да им покажат на Mакедонците“, истите оние Македонци пред кои се срамат да зборуваат на ромски во јавност. Патем на некои фото сесии од „состаноците“ на кои се дискутираат проблемите и тешкотиите со кои се соочуваат Ромите всушност се водат жестоки, бесрамни пазарења за вработување или пак некаква бенефиција во форма на хонорар за тие „неколкумина прогресивни и поинакви Роми“.

Освен индивидуален, успехот на младите ромски „лидери“ и „општествени организатори“ наводно бил и од взаемен, етнички карактер, па дури се нотира и како субјект на „љубомора“. Но, зар такво нешто е возможно?, па тие деца поминале макотрпни патишта, стотици наутички милји пловидба, долго-часовни турбулентни летови, неспиени ноќи по светските аеродроми, пијанчења по белградските сплавови, флертувања на Јадран, перверзни чочеци по романските барови, консумирање казани гулаш во Будимпешта, илјадници селфиња пред, зад и во „европскиот парламент“, така што сиот нивен публицитет е докрај заслужен, но сепак сè уште останува мистерија како горенаведените нешта како нивна лична афирмација би се примениле во однос на подобрувањето на животот на Ромите во Европа или квалитетот на политичкиот сензибилитет на младите Роми во Македонија. Со децении се провлекуваат фрази и им се аплицираат етикети на младите Роми од типот: „лидер“,  „биди и ти лидер“ , „општествен организатор“, па како последица на тоа се создава една непотребна, нездрава компетиција која младината ја дефокусира од примарните и приоритетните цели на заедницата. При една таква констелација во која што која сите би имале „лидерски тенденции“, ставајќи акцент на индивидуалниот прогрес, не само што тешко би се реализирала колективната цел, туку уште потешко би се развила и колективната свест, што за жал е на незавидно, ниско ниво, а неопходна е сплотеност наместо поделби и конфронтации.

Честопати се форсираат и тези како „ние градиме авторитет во рамките на ромската заедница“. Чуму градење „авторитет“ во сопственото опкружување? Впрочем дали воопшто таквата терминологија е адекватна и ненавредлива? Зар на една таква страдалничка народност ѝ е потребна дополнителна вжештена маша која ќе ѝ наметнува уште повеќе директиви, ограничувања и контроли од веќе постоечките?

Токму затоа таквите фигури и конструкции од движења се перципирани како продолжена рака на домашните системски апарати но и на „меѓународните“ господа кои работат на материјализација на свои, сечии и секакви интереси, освен на Ромите, чија ситуација се злоупотребува како платформа.

Секако профитираат и „младите лидери“ за кои сè уште не може да се направи дистинкција во однос на тоа дали се владини, невладини или провладини, но за сигурно е евидентно дека во државните институции каде фигурираат се невидливи фантоми, а нивната дејност се сведува на фреквентни меѓусебни дијалози во живо и на годишни објави по социјалните мрежи како „отчет за сработеното“.

Оттука се побива тезата околу „акумулацијата на авторитет во рамките на ромската заедница за засилена протекција на правата на истата од системот“ затоа што на крајот испаѓа дека се одвива цел невиден театар, или поконцизно „протестираат против истиот тој систем за кој обработуваат“ несвесно (или свесно)!

Сомнежите дека ромските студенти и активисти дејствуваат според наметнати шаблони од структурите кои ги финансираат особено се потврдија кога односите помеѓу Русија и Украина дојдоа до конечна ескалација по речиси деценија војување во засегнатите Донбас и Лугањск, воен конфликт за кој многумина разбраа кога беше конвенционално за „меѓународната заедница“ да разбере.

Тогаш и ромските надежни интелектуалци прокоментираа, се консолидираа со украинската армија (вклучително и наци-баталјоните како Азов), изразуваа поддршка за украинските власти и осуда за Руската Федерација. Паралелно додека Ромите низ Европа лепеа стикери со украински инсигнии, додека мирољубивите украински војници ги врзуваа и бојадисуваа нивните сонародници за метални огради и бетонски столбови со оправдување дека наводно ограбувале складови за храна, при воена состојба! Особено иритирачки беше апсолутно непотребниот и контрапродуктивен циркус изведен со точката каде трактор влече тенк при одбележувањето на 16-ти Мај, а притоа „прогресивците“ регуларно неми на 9-ти Мај, датумот кој се слави како „денот кога фашизмот бил поразен“, фашизмот од кој настрадале илјадници Роми, но очигледно сепак продолжил да егзистира во поинаква форма, овој пат дури и атрактивен за своите довчерашни жртви. Длабоко разочарувачки се и кадрите кои студирале/магистрирале на тема политологија. Како аналитичари и „познавачи“ на нештата нужно беше да ја осудат ресурекцијата на рускиот империјализам, но и да ги адресираат и украинските политички определби, присуството на нацистички структури во редовите на украинската армија, рехабилитацијата на украински нацистички колаборатори кои меѓу останатите егзекутирале и илјадници Роми, децениското глорифицирање на фашистичка идеологија без разлика дали формално или неформално.

Пласирањето на такви игнорантни размислувања и пристрасно заземање страни во име на сите Роми е неприфатливо а воедно е професионална навреда за сите титули со кои си ги декорираат образовните резимеа.

Односот кон Ромите во земји членки на Европската Унија како Унгарија, Романија, Чешка, Словачка, Бугарија (со идентичен, но далекусежно понасилен менталитет од овдешниов) не би требало да се игнорира како индикатор кој е најочигледен за тоа како загрозените малцинства се всушност третирани. Да престанеме да забележуваме заблуди од таков тип како некаков предуслов за членство, затоа што големата слика е уште покомплексна за полемизирање.

Сите мои адресирања се општи со оглед на тоа дека се работи за девијација од општ карактер, така што подготвен сум за сите евентуални лични забелешки, критики или реакции, притоа одговорно тврдам дека сличностите со кои неименуваните би се самоидентификувале воопшто не се случајни, затоа што доколку во догледно време не се одважиме и не престанеме да бидеме неми „воајери“ без да ги преиспитуваме актите на „неколкумината спонзорирани“ кои дејствуваат повикувајќи се на името на сите Роми, во блиска иднина, илузиите на младите ромски интелектуалци во потрага на лична афирмација и градење кариера, ќе резултираат со дополнителна беда, соочување со уште пожестока дискриминација, наоѓајќи се на крајните маргини на општеството.

Руфат Јашари

Редакцијата на „Гласник“ не нужно се согласува со ставовите изразени во колумната.

|2022-07-13T08:47:47+00:0013 јули 2022|Некатегоризирано|