(Здравко Савески) Политички консументи

Надминувањето на консумеристичкиот менталитет, не само во политичката сфера, туку и општо, е клучно за да се излезе од гравитациското поле на капиталистичкиот систем на вредности и да се поведе борба енормните ресурси на современите општества да се користат за подобрување на животниот стандард и квалитетот на животот на мнозинството од луѓето, а не на капиталистичкото малцинство.

Бес кон политичарите. Пцости упатени на нивна сметка. Убеденост дека сите се корумпирани. Но и: неволност да преземе нешто; чувство на немоќ; повлекување во приватната сфера.

Зошто е ваков односот кон политиката на многумина граѓани? Може ли да се промени политиката без да се промени односот на граѓаните кон неа? За да излеземе од маѓепсаниот круг на незадоволство од едните – гласање за вторите – незадоволство од вторите – гласање за првите, во кој круг се вртиме веќе 30 години, треба да се потрудиме да сфатиме што ни се случува, кои се причините за тоа и што треба да преземеме тоа да се промени.

Поданичката политичка култура

Политичката култура на граѓаните е важен елемент на политиката, зашто таа има потенцијал, кога има демократски карактеристики, да спречи лошото владеење глатко да се спроведува, а добрите закони да се претворат во мртво слово на хартија. Околу политичката култура на граѓаните во Македонија „експертите“ обично се жалат дека таа доминантно е поданичка. Таа нивна оценка се потпира на една стара (и не многу добра) поделба на политичката култура на парохијална, поданичка и партиципативна, а која во 1960-тите ја утврдија американските политиколози Габриел Алмонд и Сидни Верба. Кај нас времето како да е застанато, кога станува збор за интелектуалните анализи, па веќе 30 години „експертите“ немаат отидено подалеку од тврдењето дека политичката култура на нашите граѓани доминантно е поданичка, а треба да биде партиципативна.

Точно дека политичката култура треба да биде партиципативна (и тоа на посуштински начин од она што го сфаќале Алмонд и Верба давајќи му поданичка суштина на партиципативниот поим). Но, одредувањето на доминантната политичка култура на нашите граѓани (и пошироко) како поданичка не ќе да соодветствува на лоцирањето на вистинскиот проблем и, следствено на тоа, не нуди можност за исцртување пат кон излезот од сегашната состојба.

Несомнено е дека многу нашите граѓани имаат поданички карактеристики. Тоа и премногу добро се гледа на работното место, во односот не само кон газдата, туку и кон шефовите. Има поданички однос и кон партискиот лидер и разноразните локални шефчиња, за што исто така има изобилство примери. Но, тоа повеќе го опишува односот на луѓето внатре во организацијата од која се дел, а не општиот однос кон политиката и перцепцијата на сопствената улога во неа. За ова второто, консумеризмот далеку поточно го опишува односот на голем број луѓе, кои, едноставно, онака како што се научиле да се однесуваат во своето секојдневие, се однесуваат и во политичката сфера.

Консумеризмот како интернализиран вредносен систем

Како се однесува на пазарот потрошувачот што го има интернализирано консумеристичкиот вредносен систем? Она што него единствено го интересира е да го добие производот (или услугата) што сака да го поседува и при тоа за што помалку пари да добие што поквалитетен производ. Тој е тука за да го добие (купи) производот, а не да го произведе или продава. Тој би се зачудил ако некој побара од него да го произведе производот. Зашто тоа не е неговата улога во купопродажниот чин. Тој поседува пари (заработени или на кредит) и за тие пари очекува бенефит. И тоа поседување пари му дава впечаток (или илузија) дека тој во купопродажниот чин има надредена позиција и дека тој „секогаш е во право“. Другите се тука за него, а негово право е да бара, очекува, да наоѓа маани, дури и да се однесува разгалено. Сето тоа е легитимно, зашто „му се може“, зашто тој ги има парите.

Што би значело едно вакво однесување во политичката сфера? Човекот со себе-перцепција и очекувања на консумент не смета дека тој треба да се вклучи во произведувањето на политичките одлуки со цел да ги подобри и да ги направи посоодветни за себе (и за другите). Тој единствено бара и очекува другите да го снабдат со поволни политички резултати кои тој ќе ги ужива. Тој, согласно консумеристичкото гледање на работите, себеси се гледа во надредена позиција, чувствува дека тој има право на поволни политички резултати, а обврската е на политичките фактори (државата, партиите, синдикатите) да го снабдат со тоа. Во крајна линија, тој плаќа (како данокоплаќач) за услугите, па зошто да не очекува да ги добие тие услуги за тие пари? И да очекува што помалку да плати (преку пониски даноци), а при тоа да добие што поквалитетен производ? Таа негова незаинтересираност за процесот на обезбедувањето на услугата и фокусираноста само на финалниот производ го објаснуваат и неговиот амбивалентен однос кон корупцијата. Ако тој го добие она што мисли дека му следува, него не го интересира дали во тоа или во нешто друго има елементи на корупција, вработување луѓе по партиска линија или присвојување јавни пари. Важно тој го добил она што му треба. Но, ако не е така (а ретко е така), тој чувствува дека има право да биде незадоволен, да пцуе на политичарите и да ги обвинува за корумпираност и неспособност. Но, во таквите моменти ниту на крај памет не му паѓа дека тој треба (по)активно да се вклучи во политиката ако сака да добие поквалитетни резултати од неа. Како што на никој консумент, незадоволен од производот, не му паѓа на памет самиот да го произведе производот. Како и на пазарот, човекот со себе-перцепција и очекувања на консумент и во политичката сфера, кога е незадоволен од некој производ, реагира преку промена на продавачот, односно партијата за која гласа.

Поданиците и консументите во политиката

Доаѓа до мешање на консумеристичкото и поданичкото однесување во политиката, зашто има одредени сличности во нивното однесување. Така, и едните и другите имаат пасивна улога во политиката и не се гледаат себеси како активни учесници во неа. Ја трпат политиката и не се трудат да ја обликуваат. Ниту ги користат постоечките можности за да влијаат врз неа, ниту пак притискаат да отворат дополнителни можности за влијание. Политиката е отуѓена сфера од нив, нешто што се случува настрана од нив, нешто што не го чувствуваат за блиско.

Но, меѓу консументот и поданикот има и разлики. Поданикот себеси се гледа како човек кој фактички има малку права, кој не може да влијае врз политиката дури и ако сака, кому му се наметнуваат обврски, врз кого се спроведува политиката. Наспроти него, консументот не само што не ја гледа политиката низ призмата на обврските, туку и неговите сопствени обврски целосно отсуствуваат од неговата перцепција на политиката. Тој има само права – во неговата перцепција на работите. Тој не се откажува од активното учество во политиката, зашто мисли дека тоа е залудно, туку зашто не сака да се занимава со неа – единствено што сака и бара е резултати во своја корист. Од поданикот тој се разликува и во поглед на перцепцијата на луѓето на власт. Додека поданикот кон властодршците имаат однос на стравопочит и смета дека тие ја одредуваат неговата судбина, консументот ги гледа од високо: тие се тука да го снабдат со политики во негова корист и, начелно, тој никогаш не е целосно задоволен од нивниот перформанс, без разлика колку тие и да се потрудиле.

Утопијата на консумеристичкиот пристап кон политиката

Дали политичката култура која преовладува кај луѓето е поданичка или консумеристичка не е некакво чисто терминолошко прашање без практични импликации. И покрај заедничкиот пасивен однос кон политиката, поданикот и консументот имаат значителни меѓусебни разлики. Нивното неосознавање доведува до погрешно дијагностицирање на проблемот, а тоа пак доведува до утврдување погрешни излезни решенија. Конкретно, ако се утврдило дека кај луѓето доминира поданичка политичка култура, тогаш тие треба да се убедат дека во постоечката демократија имаат на располагање механизми да влијаат врз политиката, дека треба да се запознаат со нив и да ги користат. Покрај обврските, граѓаните имаат и права. Тоа луѓето со поданичка политичка култура треба да го осознаат и да се охрабрат да ги користат тие права. Но, ако луѓето имаат консумеристичка, а не поданичка политичка култура, ваквите аргументи ќе бидат потполно несоодветни. Кај консумеристот не се работи за тоа дека тој не знае дека покрај обврски има и права. Тој не сака да се вклучи во политиката. Тој само сака на готово да добие поволни политички резултати, онака како што во продавница очекува да добие производ кој ќе ги задоволи неговите потреби.

Несомнено, за многумина консумеристичкиот пристап кон политиката се чини привлечен. Не се замараш со неа и очекуваш на готово да го добиеш она што го сакаш. Ако тоа не ти биде дадено, одиш кај другиот „продавач“, односно гласаш за друга партија. Но, она што консумеристите не сакаат да го увидат е дека ваквата нивна визија за политиката е една голема утопија. Така едноставно не функционира политиката. Политиката секогаш се води на штета на оној што е пасивен. Утописки е да очекуваш, кога ти имаш проблем, некој друг да земе да ти го решава, додека ти седиш со скрстени раце, очекувајќи да добиеш позитивен исход онака како што потрошувачот го добива производот. Да, како и секоја утопија, тоа убаво звучи, но тоа го нема во реалноста, ниту може да го има. Ама, ќе гласам за друга партија, ако оваа не ми го даде она што го барам – ќе рече конзумеристот. Сето тоа убаво, но што кога на сите партии не им е гајле за тебе, кога сите имаат само добро разработен маркетинг, кога своите гнили производи само ги пакуваат во убави амбалажи? Во таков случај, ќе добиваш гнили производи без разлика колкупати да ги менуваш продавачите.

Нема унапредување на правата и интересите без сопствен ангажман. Консумеристот упорно одбива да ја научи оваа лекција и надежта ја полага во утопијата дека на готово ќе го добие она што го сака. И додека тој така утописки размислува, она што го прави е избирање кој ќе биде берберот што ќе го стриже во наредниот период.

Консумеристичкиот пристап кон политиката нема паднато од небо. Тој е составен дел од консумеристичкиот менталитет што е доста важен за функционирањето на современиот капитализам. И поради тоа современиот капитализам него го поттикнува токму со цел тоа да го овозможи своето непречено функционирање. Надминувањето на консумеристичкиот менталитет, не само во политичката сфера, туку и општо, е клучно за да се излезе од гравитациското поле на капиталистичкиот систем на вредности и да се поведе борба енормните ресурси на современите општества да се користат за подобрување на животниот стандард и квалитетот на животот на мнозинството од луѓето, а не на капиталистичкото малцинство. Од друга страна, очекувањето работите да се сменат на подобро по линија на консумеристичката логика од страна на силите на статус квото, без никаков ангажман на обичниот народ, си останува утописко размислување кое гарантира дека политичките консументи ништо повеќе од трошки и убави амбалажи нема да добијат.

Автор: Здравко Савески