Летна работна акција во СЦ „Дуња“

На 17 Јули, 2022 година од 12 часот на пладне до 20 часот попладне се одржа работна акција за уредување на дворот на Социјалниот центар „Дуња“ во Скопје, одржана и поддржана од членовите на колективот и нивните поддржувачи. Работната акција траеше осум часа со два часа убава и пријатна пауза за да може работниците да одморат и да работат во хумани услови на високите температури.

Веќе неколку години секое лето се одржуваат повеќе работни акции во СЦ „Дуња“ за да може да се обезбеди непречено функционирање на Центарот, и за да се разубави просторот точно од тие кои најмногу го користат – членовите на колективот и нивните поддржувачи.

Работната акција беше осмислена да опфаќа повеќе аспекти особено важни за развивање на поинаков начин на создавање на култура. Работниот процес за расчистување на дворот се состоеше од повеќе единични задачи кои се дополнуваа една со друга за да може да се добие целина. Така, главни активности беа копањето и хортикултурното уредување на дворот, расчистувањето од гранки и обраснати цветови, бојадисувањето на дел од ентериерот, но и приготвувањето храна за да можат работниците да се нахранат, осмислувањето на теми за разговор за да може полесно да се открие целта на една ваква акција и забавниот дел, поткрепен со помошта на локалниот еснаф кој што во „Дуња“ препознава некоја искра во борбата против капитализмот.

Добро е да се напомене дека овие работни акции треба да се одржуваат со поголема зачестеност за да може Социјалниот центар да функционира подобро, но одржувањето е една од најзначајните ставки во секое планирање и организирање, а не секогаш има доволно доброволци кои сакаат да помогнат во уредување и одржување на просторот. Веројатно акциите треба да заземат некоја поорганизирана форма за да може повеќе активисти да ги најдат поинтересни за нив.

Од „Дуња“ кажуваат дека до крајот на летото ќе има уште неколку акции за одржување на просторот, но и за размена на употребени производи, размена на книги, донаторски акции, културни содржини и проекции на филмови. Можете да ги следите на нивните канали за комуникација и да добиете навремени информации за тоа како можете и вие да придонесете кон борбата за комунизам.

|2022-07-18T13:10:41+00:0018 јули 2022|Актуелно, Вести, Култура|