Елизабет Терзакис: „Маркс и природата“ – V дел

Човечкото ослободување како наше комплетирање како човечки суштества

Една од работите за кои Маркс често не е обвинуван дека го кажал е дека треба сите ние да се вратиме кон природата. Но, јас сакам да тврдам дека тоа, всушност, било токму она што го имал Маркс на ум – но не на начинот на кој враќањето кон природата обично се сфаќа; односно, не мислам дека можеме да заклучиме од Маркс дека решението на нашето отуѓување е да се избегнува технологијата, да се откажеме од тоалетите и да јадеме сирова храна. Маркс и Енгелс не зборувале за тоа да се отстрани поделбата помеѓу градот и селото преку порамномерно распределување на луѓето на земјата. Но, многу основно, постреволуционерното „враќање“ кон природата би се состоело од колективно, демократско и информирано вклучување на работниците во рационалното планирање на нашиот труд и на нашиот однос кон природата. Тоа би значело демократско реорганизирање на производството за да се задоволат човечките потреби и да се врати назад нашето место во природата, при што природата би била заедничка „сопственост“ на луѓето наместо приватна сопственост на мало малцинство. Маркс бил јасен околу ова и околу фактот дека неговата концепција за „заедничка сопственост“ нема ништо со тоа како сопственоста и поседувањето се сфаќаат моментално:

„Од гледна точка на една повисока општествено-економска формација, приватната сопственост на поедини индивидуи на Земјината топка ќе изгледа исто толку апсурдна како приватната сопственост на некој човек на некој друг човек. Дури ниту некое цело општество, нација, па ниту сите истовремено постоечки општества земени заедно не се сопственици на земјата. Тие се само нејзини поседници, уживатели и треба како boni patres familias [добри глави на семејствата] да им ја остават подобрена на следните генерации.“[1]

Како многу што од неговата мисла, Марксовата концепција за човечките потреби често се искривува, било од буржоаската идеологија за човечката природа или од реалноста на таканаречените социјалистички општества кои постоеле досега. Но, ако навистина го прочитате она што го напишал Маркс, ќе утврдите дека неговата визија за комунизмот нема ништо заедничко со оргијата на консумеризмот, како што некои ја замислуваат врз основа на капитализмот, или со сивата едноличност на лишувањето, врз основа на постоечките таканаречени социјалистички земји. Марксовите критериуми за потполн развиток на човековата природа се доста високи, опфаќајќи ја не само слободата од физичката потреба, пристапот до физичкото здравје и способноста директно да се ко-еволуира со природата, туку и повисокиот развиток на чувствените, интелектуалните и креативните способности – односно, најполн развиток на нашата човекова природа. Како што тој пишува во „Комунистичкиот манифест“, во комунизмот „на местото на старото буржоаско општество со неговите класи и класни спротивности стапува здружувањето, во кое слободниот развиток на секој поединец е услов за слободниот развиток на сите.“[2]

Точно е дека ние, како човечки суштества, искусуваме потреби на кои им е неопходен или кои го креираат нашиот метаболички однос со природата. Сепак, а Маркс бил јасен околу ова на првата страница од првото поглавје на првиот том од „Капиталот“, со текот на времето овие потреби општествено се преобразуваат како што развитокот на производните сили ни овозможува поцелосно да се развиваме себеси како човечки суштества. На пример, огладнуваме, сакаме да јадеме, а природата нѐ снабдува со одредени работи, како оние боровинки кои ги береле германските селски деца пред да ги приватизираат шумите. Но, како човечки суштества сме способни, при јадењето на тие боровинки, да си кажеме себеси: „Знаеш што, може да им се додаде уште нешто на овие боровинки. Мислам дека доколку ги вариме 25 минути на 350 степени во сад со вода и шеќер, доколку им додадеме прелив од брашно и путер и на тоа додадеме крем од ванила, овие боровинки би биле навистина прекрасни.“

Исто како што е дел од човековата природа да јаде, дел од неа е и имагинативно да обмислува како да ги направи работите подобри и потоа да може потполно да ги цени кога ќе го направи тоа. Тоа не важи само за храната, туку и за музиката, визуелните уметности, поезијата, историјата, науката и природата. Имаме капацитет да ја разбираме, цениме и трансформираме природата на начин на кој другите животни не можат – дали некогаш се чудите зошто вашето куче среќно го јаде она што ќе го поврати? Неговите сетила за вкус се различни од нашите. И е наша должност кон нас и кон нашето неорганско тело, природата, да ги развиеме нашите човечки способности до максимум. „’Затоа не само во мислењето, ни и со сите сетила човекот се потврдува себе во предметниот свет… Создавањето на петте сетила е работа на сета досегашна историја.’ Еманципацијата од отуѓувањето на приватната сопственост за Маркс исто така е ‘полна еманципација на сите човечки осети и својства.’“[3]

Со цел да се постигне ова, Маркс мислел дека е најнужно не да се зголемува производството, туку да се зголемува слободното време. Всушност, Маркс отишол толку далеку што верувал дека во комунизмот вредноста не треба да биде одредена од таканаречениот општествено потребен експлоатиран труд, туку од слободното време. Помислете на ефектот од зголеменото слободно време врз нашите органски тела, колку подобро ќе можеме да се развиваме себеси ако го имаме повеќе. Помислете на ефектот од зголеменото слободно време и врз нашето неорганско тело, врз природата. Ако не произведуваме, ние не го експлоатираме нашиот однос со природата. Веднаш, притисокот почнува да се намалува.

Марксовото разбирање на човековиот однос со природата и неговата концепција за потполн развиток на човековата природа одат далеку понатаму од трудот и тие се, според мене, највозбудливите и најинспиративните позитивни аспекти од неговата теорија, зашто моќта што ја имаат да ги надминат многуте расцепи создадени како резултат или барем истовремено со метаболичкиот расцеп на примитивната акумулација: поделбата помеѓу луѓето и природата, помеѓу умот и телото, помеѓу природните и хуманистичките науки, помеѓу природната и човечката историја.[4]

Односно, наместо да ја гледа човековата природа како спротивна и спротивставена на природата, Маркс сфатил дека уште од почетоците на нашата историја, човечките суштества ко-еволуирале со природата и ја трансформирале, исто како што природата нѐ трансформирала нас. Исто така е важно да се забележи дека пред и за време на капитализмот, трансформациите што луѓето ги извршиле врз природата не секогаш биле негативни, како што тоа го разјаснија Чарлс Ман во „1491-та“ и многуте автори на „Општествените животи на шумите.“[5] Всушност, омаловажувањето на здравите ефекти кои го зголемувале биодиверзитетот преку огнот при зачувувањето на шумите од страна на домородните народи на Америките е еден од начините како капиталистичкото општество продолжува да го промовира расизмот и да ги потиснува домородните американски култури. Освен во случај на изумирање на човечката раса, а што за жал не е невозможност, ќе има понатамошна општествена трансформација на природата и природна трансформација на општеството. Прашањето е: каков вид однос тоа ќе биде?

Оние што тврдат дека Маркс бил ентузијастички во врска со зголемувањето на продуктивниот капацитет овозможен од технолошките напредоци под капитализмот се во право – тој тоа бил. Но, Маркс не бил приврзаник на технологијата заради технологија. Тој разбирал дека вложувањето во технологијата е услов за капиталистичката конкуренција. Без овој услов, ние сме значително неограничени. Можеме да избереме да ја користиме технологијата кога тоа ја помага нашата хармонична ко-еволуција со природата и да ја отфрлиме кога тоа не е случај. Исто така можеме да се навратиме на традиционалното еколошко знаење (TEЗ) што го има во рацете и умовите на домородните општества. Во моментов, TEЗ првенствено се гледа како закана на капитализмот, како што јасно се гледа од статијата на Крис Вилијамс околу користењето на водата во Кенија:

„Пасторализмот на неплодна и полуплодна почва е најеколошкиот одржлив метод за опстанок во животна средина во која има недостиг на вода. Поради оваа причина толку многу луѓе во Источна Африка се пасторалисти и се успешни во тоа толку долго време. И покрај официјалната реторика што го кажува спротивното, пасторализмот игра мала улога во размислувањето на кениската влада околу иднината на Кенија – освен како нешто што треба да се искорени, зашто одредени моќни сили го сметаат за ‘заостанат’. Никоја влада не сака 18 проценти од нејзиниот народ да скита наоколу независно одржувајќи се себеси, при што самиот нивни начин на живот нуди сублиминален предизвик на капиталистичките стандарди за користењето на земјата и на нормите на приватната сопственост, при релативна автономија од централната државна контрола, често со опсег на напасување што се протега преку границите на другите држави.“[6]

Маркс, според Фостер, исто така ја сфаќал важноста на TEЗ:

„Најважниот проблем со кој би се соочувало општеството на здружени производители, Маркс нагласувал одново и одново во своите дела, би бил адресирањето на проблемот на метаболичкиот однос помеѓу човечките суштества и природата, под понапреднатите индустриски услови во предвечерието на конечната револуционерна криза на капиталистичкото општество. За таа цел, јасно било дека е неопходно да се научи повеќе за човечкиот однос кон природата и обезбедувањето средства за живеење, преку развивањето на облици на сопственост, при големиот опсег на етнолошкото време. Така, Маркс бил поттикнат да се врати назад, од материјалистичкото начело на неговата анализа, кон разгледувањето на потеклото на човечкото општество и на човечкиот однос кон природата – како средства за осмислување на потенцијалот за поцелосно трансцедентирање на отуѓеното постоење.“[7]

Забележете дека во оваа визија нема отфрлање на технологијата, туку заложба технологијата да се користи на начин кој повеќе одржува здрав однос со природата преку разбирање на тоа како односот бил посредуван пред капитализмот. Има такви кои го отпишуваат традиционалното знаење од секаков вид, зашто тврдат дека тоа е ненаучно. Не се согласувам со тоа. Мислам дека таквите отпишувања се втемелени на прекумерното привилегирање на пишаната историја и на разбирањето на науката што е омеѓено од капиталистичките приоритети. Во секој случај, ние исто така не мора да го отфрлиме Маркс за да ги проучуваме и да се застапуваме за зачувување на одредени домородни или традиционални пристапи кон природата, зашто токму тоа Маркс го правел кон крајот на својот живот.

Покрај организирањето на производството и, следствено на тоа, изградбата на нашиот однос кон природата врз основа на човечките потреби, а не на профитот и акумулацијата, во социјалистичкото општество нашите одлуки мора исто така да бидат, според Маркс, навистина демократски. Демократското донесување одлуки на здружените производители, зголемената достапност на научни информации и прогресивниот развиток на човечките интелектуални способности овозможени преку зголемувањето на слободното време – а сето тоа Маркс го гледал како некои од одредувачките карактеристики на социјализмот – би значело дека повеќе луѓе би учествувале на поинформиран начин во одлуките во врска со нашиот однос со природата.

Обвинувајќи го Маркс за прометејство и антропоцентризам, критичарите често посочуваат на изјавите на Маркс и Енгелс околу „потчинувањето на природните сили на човештвото“ и на нивниот позитивен одговор на идеите за „претворање на цели делови од светот во ораници“, зашто биле повеќе загрижени за спречувањето на гладот отколку за зачувувањето на дивината.[8] Иако се надевам дека дадов јасно до знаење дека таквите навидум анти-еколошки изјави треба да се контекстуализираат, исто така сакам да нагласам дека вистинската демократија е централна за Марксовата концепција за идното општество и дека марксизмот е жива теорија – односно, дека е метод, а не догма. Како негувачи на таа теорија, како еко-социјалисти, ние треба да одлучиме кои од Марксовите третмани на природата мислиме дека треба да се унапредат, а кои треба да се тргнат настрана.

 

[1] Karl Marx, Capital, vol. 3 (London: Penguin Books, 1991), 911. [Marx, “Kapital”, trеći tom, 646-647 str.]

[2] The Communist Manifesto, 71. [Карл Маркс, Фридрих Енгелс, Mанифест на Комунистичката партија, глава 2.]

[3] Маркс, цитиран и протолкуван во Foster et al., The Ecological Rift, 231. [Карл Маркс, Фридрих Енгелс „Од раната мисла“, „Нова Македонија“, Скопје, 1974, 392 и 393 стр.]

[4] Foster, Marx’s Ecology, 210, 229.

[5] 53. Susanna B. Hecht, Kathleen D. Morrison, and Christine Padoch, The Social Lives of Forests: Past, Present, and Future of Woodland Resurgence (Chicago: University of Chicago Press, 2013).

[6] Chris Williams, “Damming the Future: The Struggle to Protect Kenya’s Ewaso Ngiro River,” Truthout, June 17, 2015.

[7] Foster, Marx’s Ecology, 221; нагласувањето е додадено.

[8] The Communist Manifesto, 46. [Mанифест на Комунистичката партија, глава 1.]

 

Извор: International Socialist Review

Преземено: Марксистичка архива

Превод: Здравко Савески

Кон првиот дел

Кон вториот дел

Кон третиот дел

Кон четвртиот дел

|2020-06-09T15:34:34+00:009 јуни 2020|Актуелно, Екологија, Свет, Став|