Зошто капитализмот инхерентно ја злоупотребува природата? Вредноста и акумулацијата
Досега видовме дека природата е клучна за Марксовата дефиниција на трудот и дека нарушувањето на човечкиот однос со природата е интегрална карактеристика на капитализмот. Сега сакам да се осврнам на прашањето на теоријата на вредноста и да покажам дека наместо да ја запоставува природата, како што тврдат некои екологисти, Марксовата теорија на вредноста ни помага да разбереме зошто капитализмот инхерентно ја злоупотребува природата. Како што уверливо објаснува Пол Баркет,[1] не Маркс туку капитализмот е оној што ја потценува и го исклучува придонесот на природата кон производството. Маркс напишал:
„Употребните вредности … [на] стоковните тела, се соединение од два елемента, од природната материја и трудот. Ако ја одземеме вкупната сума од сите различни полезни видови труд, … секогаш ќе ни преостане еден материјален остаток, што постои од самата природа без содејство на човекот… Значи, трудот не е единствениот извор на употребните вредности, на материјалните богатства, што ги произведува.“[2]
Сепак, во неговата трудова теорија на вредноста Маркс не го прикажува начинот како тој мисли дека треба да биде светот или што тој мисли дека е вредно од гледна точка на човечките потреби. Тој го објаснува економското однесување какво што е тоа под капитализмот. Не Маркс, туку капитализмот го изедначува само апстрактното општествено потребно работно време со вредноста – односно, вредноста под капитализмот е одредена од експлоатираниот труд (трудот што е продолжен преку и над своите трошоци), зашто експлоатираниот труд е изворот на профитот.
Употребните вредности – оние работи кои ни се обезбедени од природата за да ги исполнат нашите природни потреби – не се вреднувани од капитализмот: употребните вредности се ирелевантни за капитализмот, освен во онаа мера во која се „продажливи“; односно, само ако имаат разменска вредност, што овозможува реализација на вишок на вредноста или на оној дел од општествено потребното работно време што се врши при производството на стоки преку и над потребите на работникот за репродукција на нејзиниот/неговиот труд, а што, кога ќе се реализира преку размената, станува профит.
Марксовата расправа околу рентите е клучна за разбирањето на неговиот став кон природата, како и за разбирање на она што мислел Маркс кога напишал за употребните вредности дека се „бесплатни податоци“ од природата за капитализмот. Бидејќи нема експлоатиран труд при производството, да речеме, на некоја природно создадена шума, кога капиталистот ја монополизира таа шума и наплаќа рента за нејзиното користење, нема зголемување на капиталот во системот како целина. Односно, бидејќи за производството на шумата не е потрошен труд, од тоа не може да се екстрактира вишок на вредност. Ниту, пак, за тоа е потребно какво било вложување на капитал. Уште повеќе, сите услови што го прават трудот можен – земјата, воздухот, водата – се, барем на почетокот, бесплатни подароци од природата. Можеби затоа и тие се мети на „екстернализацијата“ на трошоците на капитализмот.[3]
Фактот дека вредноста под капитализмот е нераскинливо поврзана со експлоатацијата е една од пречките за капитализмот да има неексплоатирачки однос со природата. Друга пречка е компетитивниот поттик за акумулација. Под феудализмот, имало практична граница на експлоатацијата: „Кога потребите на феудалниот господар ќе биле задоволени, а неговата исклучителна потрошувачка платена, немало реална причина за понатамошна експлоатација.“[4] Но, капитализмот е поразличен. Исто како што неговите динамики се независни од потребите на работниците, тие се независни и од потребите на капиталистите. Капитализмот има свои сопствени потреби. Бидејќи производството е организирано врз основа на конкуренција, на вложувањето капитал од страна на една фирма мора да му се парира од страна на конкурентските фирми што го прават истиот производ или тие ризикуваат да банкнотираат.
Овој систем на компетитивно вложување, постојаниот поттик да се акумулира богатство или вредност, е централен за капитализмот. Според Мартин Емпсон, „централноста на акумулацијата на богатството на ваков начин е она што е од најголема важност за да се разбере еколошкиот однос помеѓу капиталистичкото општество и природниот свет. Поради оваа динамика капитализмот се однесува кон природата целосно поразлично од претходните човечки општества.“[5]
Да се вратиме накратко на дискусијата околу вештачките ѓубрива. Пред капитализмот, фармерите ја одржувале плодноста на земјата преку природни ѓубрива (човечки и животински екскремент), ротација на културите и поликултура (садење различни култури на исто поле), оставајќи ги полињата необработени, сечење и горење и „сечење и јагленисување“.[6] Но под капитализмот ова се променило. Бидејќи не само што постои научно знаење за да се употребува нешто друго освен човечки екскремент или животинско гноиво за да се наѓубрат полињата, туку цела индустрија може да се создаде од тоа – всушност, две индустрии: индустријата за отстранување на отпадот и индустријата за хемиски ѓубрива, а од нив едната, барем првично, нуди можност за меѓународна експанзија. И двете овие индустрии овозможуваат широк простор за експлоатација на трудот – многу повеќе отколку да им дозволите на кравите со денови да се шетаат по полињата или да дозволите добро-планираниот и контролиран оган да редистрибуира одредено количество јаглен. А бидејќи мотивирачката сила на капитализмот е поттикот за акумулација, одлуките за тоа како полињата треба да се наѓубруваат и како отпадот треба да се отстранува се прават со профитот, а не со зачувувањето и одржливоста, на ум.
Капиталистичката конкуренција исто така води до „тенденцијата на капиталот да ја забрзува стапката на производство преку неговите природни граници,“ што „не е само извор на кризи поради недостаток на материјали и акумулација; тоа исто така е интегрален елемент во процесот на еколошка деградација произведена од капиталистичката поделба на градот и селото.“[7] Овој поттик за забрзано произведување има многу аспекти: зголемената продуктивност на трудот ја забрзува потрошувачката на суровините, вложувањето на повеќе капитал во машини бара сѐ поголема употреба на горива за функционирање на тие машини, а „конкуренцијата ја наложува замената на старите средства за труд со нови пред истекот на нивниот природен живот.“[8] Додека, пак, фактот дека целото ова вложување продолжува без да им се посвети внимание на човечките потреби значи дека секогаш постои можноста стоките кои се произведуваат да не бидат потрошени.
Крајниот резултат е дека капиталистичката конкурентска акумулација е мотор на бесконечна експанзија и дека таа нужно доаѓа во судир со природата, која има граници. Тоа исто така води до краткорочноста спомната погоре – односно, донесувањето одлуки за тоа како да се алоцираат ресурсите и да се врши интеракција со природата втемелена на обезбедувањето профити наместо на запазувањето на човечките животи, животната средина или ко-еволуцијата на двете. Не станува збор за тоа дека капиталистите не можат да планираат однапред. Тие не се неспособни да ги утврдуваат идните профити. Но, планирањето за заштита на животната средина или на луѓето што мора да живеат во неа не е на врвот на нивната агенда. Тоа е искажано доста јасно од Енгелс:
„Ако поединечниот фабрикант или трговец ја продаде изработената или купената стока само со вообичаениот профит, тој е задоволен и не се грижи што ќе биде потоа со стоката и со нејзиниот купувач. Истото е така и со природните последици од тие исти дејствија. Шпанските плантажери на Куба, кои ги изгореа шумите по падините и на кои пепелот им даде доволно ѓубриво за една генерација високо профитабилно дрво на кафе – што им било гајле на тие плантажери што подоцна тропските дождови ја испраа сега незаштитената земја и што оставија само голи камења? При денешниот начин на производство, како во односот кон природата, така и кон општеството, претежно доаѓа во обѕир само првиот опиплив успех; и тогаш луѓето уште се чудат што подалечните последици од дејствијата кои одат за постигнување на тој успех се сосема поинакви.“[9]
[1] 26. Burkett, Marx and Nature, 79–80.
[2] Marx, Capital, vol. 1, in MECW vol. 35 (New York: International Publishers, 1996), 53. [Маркс „Капиталот“, Том први, глава 1.]
[3] Burkett, 74–75.
[4] Empson, 209.
[5] Empson, 210.
[6] Charles C. Mann, 1491: New Revelations of the Americas Before Columbus, 2nd ed. (New York: Vintage Books, 2011), 356.
[7] Burkett, 108.
[8] Karl Marx, Capital, vol. 2 in MECW, vol. 36 (New York: International Publishers, 1997), 173.
[9] Engels, “The Part Played By Labor in the Transition from Ape to Man,” 463. [Улога рада при претварању мајмуна у човека]
Извор: International Socialist Review
Преземено: Марксистичка архива
Превод: Здравко Савески