Денес е светскиот ден на театарот, па ние поразговаравме со Нина Максимова – актерка во Народниот театар во Куманово. Нина дипломирала на Факултетот за драмски уметности при Универзитетот „Кирил и Методиј“ во Скопје, на отсекот за актерска игра во класата на професорката Зоја Бузалковска (од кои една година со професорот Кирил Ристоски). Потекнува од Кочани, нејзина потесна желба е работата со деца, па таа се занимава со детски креативни работилници, држи часови по театарска уметност за деца, се занимава со театар на сенки (Наш Мал Театар), илустрација (NM Illustrations) и понекогаш дизајн на плакати. Во театарот во Куманово работи веќе пет години, а таму има играно до сега во седум претстави, меѓу кои „Физика на тагата“ во режија на Милош Андоновски, а според истоимениот роман на Георги Господинов, во претставата „Жена од минатото“ од Роланд Шимелфениг, во режија на Нела Витошевиќ, како и неколку претстави и перформанси надвор од Кумановскиот театар, како што се соработките со Драгана Гунин, Билјана Радиноска, Зоја Бузалковска, Ангелчо Илиевски, Нина Николиќ, Кренаре Невзати, Мартин Кочовски. Добитничка е и на две награди за млада актерка.
Никола Шиндре: Нашето општество нема многу долга историја на театар, а за жал и не може да се каже дека е премногу богата. Сепак, македонските актери и режисери се трудат да им парираат на регионалните театарски ансамбли и достигнуваат успеси и надвор од нашата држава. Како е да се биде актер, а со тоа и работник во Македонија?
Нина Максимова: Секоја земја, во зависнот од сопствената историја и развој, паралелно и во зададените социо-економски прилики и околности, ја развива, осмислува и гради сопствената култура. Уметноста неминовно е дел од создавањето на таа култура, нејзиниот повик е да биде некакво огледало на општеството. Ако го анализираме развојот на уметноста со географска одредница – во одредени граници/држави (имагинарни или сепак политички), тогаш јасно и разбирливо е дека секако малите и понови држави не можат да им парираат на државите со побогата историја. Во границите на нашата држава, во околностите во кои можела да се развира и да опстои – уметноста, еве конкретно театарската уметност сепак успеала да заземе важно место во македонската културна историја. Како е да се биде театарски работник во Македонија, сега? Работата во институционален театар нуди загарантирани месечни примања, здравствено осигурување, летен одмор, можност за отплата на кредити. Институциите се како држава во мало, така што надворешните прилики (социјални, економски, а со тоа и политички) секако дека влијаат во самото управување на институцијата а со тоа и со креирањето на театарската политика/репертоар/историја во неа. Македонскиот театар во државните институции се соочува со многу предизвици, и апстрактни но и конкретни. Речиси сите згради на државните културни институции во земјава (Освен МНТ и Велешки театар) се дотраени, стари и во распаѓање, тоа значи дека нема пристојни и достојни услови за работа и создавање театарска уметност воопшто. Македонските театарџии со години се навикнати да работат со кров од кој тече вода или дува промаја, со стара техника и сцена, дотраени гледалишта, без обезбеден простор за осамување и работа за актерите, и да, без соодветно греење. Во тие услови, ти како актер – работник, играш во претстави кои се дел од некаква зададена репертоарна политика – некои со поголем, некои со помал предизвик. Во овие услови, жилаво но и веќе уморно се бори да опстане и преживее театарот, а во истите услови се трудиме и ние да си ја работиме работата и притоа да си го зачуваме психофизичкото здравје. Потребна е здрава средина за да се работи продуктивно. Но, сепак, вистински загрозени се моите колеги – дипломираните невработени актери, кои се соочуваат со вистински предизвици да дојдат до хонорарен проект (а тоа верувајте, не е лесно, посебно кога целата културна политика е поделена на групации, кланови) или да чекаат да се вработат во некој театар. Несигурноста на таквиот начин на живот и нецелосното живеење во и од професијата, немањето придонеси, здравствено и пензиско осигурување е навистина тежок предизвик. Голем дел се принудени да работат други работи или да преминат во други професии. Од друга страна, алтернативната сцена не е доволно развиена, се прават мали и скормни обиди преку своевиден театарски/перформативен јазик. Кај младите има многу мал интерес и волја за групации и работа во трупи, независни продукции. Ова би требало дополнително да се анализира зошто. Големо влијание врз разочараноста кај младите уметници се јавува токму поради тешкотиите да се дојде до проект/филм/претстава, поради затвореноста на кастинзите, нетранспарентното информирање за истите, селекција на соработници преку одредени друштва/кругови итн. Од друга страна, театрите исто така не соработуваат доволно со размена, гостувања, заеднички проекти итн. Исто така, во последната деценија -две, не се појавиле големи и значајни драмски писатели кои ќе го промислуваат и артикулираат нашето време. Ако може да се каже дека уметноста е огледало на општеството, тогаш веројатно сеуште ја бараме смислата во овие чудни времиња, т.е. македонскиот театар бара сопствена артикулација.
Н.Ш.: Сигурно е тешко да се добие прозрачност на регионалните и светските театарски и актерски фестивали кога јазикот на зборување не е доминантен и публиката не го разбира или не го разбира доволно добро. Театарот е перформативна уметност, но и книжевна. Како е да се пренесе актерската игра, улогата, ставовите на ликот во претставата кога не може тоа да се долови со јазикот?
Н.М.: Точно дека јазикот сепак е средство за општење, и да, секој јазик е посебно убав и богат, но театарскиот јазик – тоа е сосема поинаков и посебен јазик во една метафизичка смисла. Театарската метафизичка сензација ги крши јазичните бариери затоа што комуницира на едно друго ниво – со потсвеста и емоцијата – тоа е јазикот на кој што зборуваат меѓусебно колегите актери на сцена, и тоа е јазикот кој што ја допира публиката, во некоја несвесно запакувана меморија. Театарот се случува токму тогаш – лице во лице, очи во очи, здив до здив со публиката, тука и сега, барајќи смисла позади значењето на зборовите, во подтекстот, во скришна, невидлива комуникација и неповратна размена на емоции. Во моментот на препознавање на емпатија. На пример, може да се случи да ве трогне/вознемири/предизвика/испровоцира некоја претстава која е на јазик што вам ви е далечен, значи на некој начин до вас допрела одредена емоција која сте ја процесирале, благодарение на успешниот концепт и актерската игра. Многу поважно е препознавањето на идеите и филозофијата на изразот, дури и кога е конфронтација. Меѓународните фестивали се многу важни и свечени средби за театарскиот свет и њубителите на театарот, затоа што преку таквите средби се случува таа важна еманципаторска и инспиративна размена, која е повеќе од потребна и пред се здрава за развојот на театарот воопшто. Важно е затоа што треба да знаеме со што се занимава регионот, светот воопшто, а со што се занимаваме ние. Затоа, македонскиот свечен празник на театарџиите во Македонија е и останува фестивалот МОТ (Млад отворен театар) каде што можеме да гледаме квалитетни претстави од светската театарска сцена и да разговараме за театар, да разменуваме идеи, да влегуваме во конструктивни конфронтации или да се заљубиме во одредени форми на израз/режија/игра, да размениме идеи за професионални соработки и гостувања.
Н.Ш.: Одамна се знае дека театарот како уметност има големо значење и дека големо значење што го зазема неминовно носи и големи одговорности. Одговорностите пред сè стојат пред уметникот, а потоа и пред публиката, па општеството. За одговорностите на уметникот, како мислите дека актерот треба да ја создава улогата и ликот што му се дадени, ќе треба да обрнува внимание на општествениот дискурс, ќе внимава повеќе на техниката на изработка на ликот и играта, ќе го следи Станиславски, треба да експериментира?
Н.М.: Градењето на ликот сепак не е само независна работа и не може да се оддели од процесот/проектот за кој станува збор. Во еден процес на конвенционален, класичен театар, режисерот го избира текстот кој сака да го работи и ја прави поделата. Зависно од неговиот концепт и неговата замисла во однос на актерската игра, на пробите актерите заедно со режисерот прават своевидни креации и толкувања на ликот извлечени од понудениот текст и околности. Но, колку режисери – толку различни концепти и воопшто начини на работа, така да, секој процес е тотална приказна за себе. Некои режисери работат „по тефтер/книга“ и го имаат осмислено секој детал, некои сакаат да експериментираат и влегуваат во непознати води, некои сакаат да работат колективно и производот да биде резултат од таа колективна размена на идеи, некои сакаат да се инспирираат од актерите, така што, ниту еден процес не личи еден на друг и тоа зависи колку од концептот и идејата на режисерот, толку и од разбирањето/уживањето во материјата и енергијата на групата. Така што, доколку концептот се повикува на игра според Станиславски, само затоа што го спомнавте (а неговата е една од најважните книги на факултет – Самоизградба на актерот) тоа значи одредена реалистична игра на преживување и си има свој процес и израз. Доколку одреден концепт налага игра исклучиво со телото, без зборување, тогаш тоа е сосема поинаков процес на креација и истражување. Сепак, театарот е во постојана трансформација и барање на нови форми и изрази, визуелни и мислечки.
Н.Ш.: Театарот има извршено реформи од моментот кога Аристотел во „За поетика“ кажа каква треба да биде трагедијата, несомнено сите нови форми на израз кои доаѓаат од актерите, режисерите, целата култура воопшто придонеле во таа промена, но нас не интересира како Вие гледате на суштината на театарот, што е тој, каков треба да биде, што треба да прашува, а што да одговара?
Н.М.: Ако истражиме за историјата на театарот, ќе дојдеме до податоци дека театарот постои колку што постои и човекот, а за првичните форми на театар се сметаат обредите/ритуалите уште во неолитот – чинови на комуникација со боговите со своевиден перформативен карактер. Ако продолжиме, ќе дојдеме до една позната приказна која датира уште од пред 5ти век, за првиот актер – Теспис кој со своја дружина патувачки актери, со импровизирана дрвена кола стигнал на плоштадот во Атина за време на Дионисовите слави и извеле некаков перформанс кој театролозите подоцна го нарекуваат првата театарска претстава. Низ различни делови од светот, различни култури го осмислуваат и именуваат театарот. Конкретно, Балканот има богата историја со карневалите и маскирањето кое само по себе е театарски чин, а од голема важност е и појавата на Скомрахите – патувачките актери без „влакна на јазикот“. Питер Брук вели: „Можам да го земам било кој празен простор и да го направам сцена. Некој човек помина низ тој празен простор, додека некој друг тоа го гледа, и тоа е се што треба да се случи за да се создаде театар“. Шекспир пак, вели – “Целиот свет е сцена“. Театарот, на свој начин отсекогаш се борел против сè она што му штети на човештвото, покажувал со прст кон сите можни облици на скратување на слободата, кон тоталитаризмот, фашизмот, безочната власт. Може да се каже, во зависност од околностите и времето во кое се создава, сеуште го прави тоа, (или барем се обидува) експериментирајќи со изразот и средствата, зависно од моменталниот општествен дискурс. Театарот раскажува приказни за човекот, за неговите најдлабоки пориви, за она што е скриено и несвесно, за животот и смртта, Тој отсекогаш ја барал и ќе ја бара смислата на постоењето. Една од неговите задачи/повици е да го потсетува човештвото на неопходноста од љубовта кон животот, да зборува за надежта која сепак произлегува од волјата која ја создава заедницата, дека човекот е можеби мал, но не и безначаен. Театарот (а тој не е сепак апстракција, тој е луѓето кои творат и го создаваат) треба постојано да пркоси, да поставува прашања, да излегува од границите на општоприфатеното и „нормалното“, да интригира, да ги опушта и ослободува општествените стеги, да зборува за животот тука и сега но во форма која нè одлепува од секојдневниот реалитет. Но, не да релативизира, не да биде млак и недефиниран во мислата, не да делува како „дијазепам“ зашто таа улога веќе долги години ја имаат телевизијата и социјалните мрежи. Идејата е нешто да остане во потсвеста после завршувањето на претставата што ќе те тера да мислиш, да преиспитуваш, да бараш и да ја препознаеш нужноста на промените во вистинскиот живот. Не знам каков точно треба да биде театарот, нема унифицирани правила како тоа треба да се дефинира, тоа се дебати кои траат и ќе траат со векови, убавината е во тоа што има толку многу форми на изразување и за секоја една од нив има одредена публика. За нас, театарџиите, нескромно е да кажеме дека тоа е повеќе од обична работа и професија. Самата игра на сцената нуди посебно чувство на моќ, на ослободување. Маската (театарска маска, шминка, костим) е она што ја дава потполната слобода на изразување, која не ја крие туку напротив ја ослободува идејата на мислата и таа сама го наоѓа својот израз. Маската не крие, туку прикажува, ослободува, ги напушта концептите на општоприфатеното рационализирање и танцува со ирационалното и потсвесното. Јас сум јас, но во исто време и не сум јас, можам да бидам што сакам, јас сум креација на самиот себе. Таму некаде во таквата слобода на изразот, се раѓа љубовта на актерот кон театарот, а верувам и на секој оној кој се занимава со некаква перформативна уметност.
Н.Ш.: Денес е светскиот ден на театарот. Театарот кај нас уште важи за културна инситуција каде што човекот може да го помине и мудро да го искористи своето слободно време, а да не го потроши залудно. Кажете ми, достапен ли е театарот за работниците? Актерите се културни работници, па сигурно имате некоја идеја за тоа зашто има помалку посети од публиката итн… Ја прифаќате ли тезата дека социјалните услови ги диктираат културните навики, но повеќе за Вашиот став околу тоа.
Н.М.: Секако дека социјалните услови ги диктираат културните навики, и не секој има еднаков пристап до културниот живот во земјава. Кога веќе зборуваме за театарот, тој би требало да биде достапен за сите. Концептот на еден од најголемите (по значајност, не по квадранти метри) за театарската историја – Глоуб – театарот на Шекспир во Англија – бил дека тој е отворен за сите, за обичниот граѓанин, театарот се играл под отворено небо, пред врата имало турканици за да се влезе, било преполно и буквално публиката стоела во кал. Историјата на европскиот и воопшто балканскиот театар е богата со патувачки трупи кои изведувале претстави од едно до друго место, за широките маси. Но, времињата се менуваат и светот влегува во поинаква трка за преживување, се јавуваат големи продукции, институционалниот театар работи со полна пареа со голем број вработени за плата. Сепак, цените за театарски билет во Македонија не се високи (многу пониски од развиените земји, но сепак не може да се спореди поради различните животни стандарди), за нашиот стандард сметам дека се достапни – билетите во Скопските театри се од 150 до 200 ден, а во театрите во внатрешноста се 100ден, освен специјалните цени за премиерите. Цените се исти како цените на едно кафе во кафичите, така што мислам дека еднаш месечно, човек со примања на просечна плата може да си дозволи да посети некоја претстава. Но, дури и во тие околности, не баш секој има пристап и можност затоа што голем број работници во земјава кои работат во производствениот сектор или мали приватни компании и бизниси, работат не во една, но во три смени наизменично, за сè уште минимални плати со кои издржуваат семејства и покриваат тековни месечни трошоци и кредити, немаат слободно време, работат прекувремено, немаат достапен превоз итн. Што е со оние кои се невработени или со несигурни месечни примања, хонорарни работи и сл? На овие категории на граѓани, извинете, ама најважно и прво им требаат работнички права, покачување на животниот стандард, релаксирање од финансиските стеги и крпење крај со крај на сметка на богатењето на нивните газди, па потоа релаксиран пристап и учество во културниот живот. Секој би требало да има пристап до културниот живот. Но, за тоа, треба да се избори целото општество, заеднички, кога би се поставиле поинакви хуманистички принципи и вредности и кога човекот ќе гради општество на солидарност и поддршка, и еднаквост. Тоа не се прави преку ноќ, и не е одлука на неколкумина, туку колективна заложба. Во услови на денешното модерно робовладетелство, и повеќе од потребно е да почнат да се менуваат работите. За тоа сме одговорни сите ние, треба да сме солидарни и да покажеме поддршка и заедничка борба со обесправените категории. Кога сите би имале таква свесност и емпатија едни кон други, тогаш и општествениот живот би бил поинаков. До тогаш, секој нека придонесе во заедницата онолку колку што може, на пример – ако станува збор за театарски билет кој некој не може да си го дозволи, тогаш нека биде ослободен од плаќање, нека бидат отворени вратите за ранливите категории, а пак фирмите би можеле исто така да организираат посети во театар/кино/музеј/концерт за своите работници, сè до моментот кога би се избориле за правото и можноста секој да има пристап и тоа да се подразбира. Тогаш, многу работи би почнале да се менуваат.
Н.Ш.: Како може актерот да се бори за работничките права кога и самиот е работник, но истовремено и уметник. Како во овие услови да се допре врвната уметност на театарот? Како да се примени техниката за создавање на добра претстава доколку не секогаш се имаат предусловите за да се изработи?
Н.М.: Па, искрено македонските театри со години работат без некои посебни услови и за жал се чекори назад за разлика од европските. Можеби никогаш нема да има совршени и потребни услови или погодена атмосфера, но дури и во такви околности, што би правел театарот ако не жилаво и со жар да создава и да зборува токму за тоа! „Добра претстава“ може да се направи и во најлошите можни услови ако таа е доволно искрена, силна и точна во изразот и намерата, во точно време кога за такво нешто има нужност, и ако целата екипа стои зад неа и верува со сиот ангажман во сработеното. Сè додека се зборува за проблемите, општеството е здраво и надежта не е мртва. Но, мораме да потенцираме дека не сме сите еднакви и не сите поддеднакво сме се избориле за тоа. Орвел во „Животинска фарма“ вели – „Сите животни се еднакви, но некои се поеднакви од другите“. Треба да сме свесни за привилегиите и да ги препознаваме нееднаквостите и неправдите. Привилегираните треба да се солидаризираат со оние другите, треба да знаат дека привилегијата е нешто што не го уживаат апропо сите, и додека безгрижно уживаат во околностите кои за нив се подразбираат да им бидат наклонети, некои се во постојана и мачна борба. Значи, ни треба дијалог, да се слушнеме едни со други, да размениме искуства, да зборуваме за потребите и проблемите, како и за идеите и радостите, да ги бараме сличностите и работите што не спојуваат, а не што не разделуваат. Условите ги создаваме ние! Секојдневно се соочуваме со секакви предизвици во општество кое никако да ја најде смислата и редот со бескрајните партиски поделби и препукувања, а животот си тече и сите тие дополнителни стресови ја отежнуваат волјата за креативна работа и творење. Мора да застанеме и да се преиспитаме прво самите, па потоа и светот околу нас. Изолацијата и неприфаќањето на другоста, затвореноста од дијалог и размена на идеи е конзервативна практика и штетна за развојот и прогресот кој е клучен за напредокот. Непознатото – тоа е она со што ние сакаме да се занимаваме и да го проучуваме, тоа е она што ја возбудува нашата креативна енергија да твори, да создава, да преиспитува. Како во животот, така и во театарскиот процес на работа, така и на сцената, потоа.
Н.Ш.: Во време на светска пандемија… многу театарски ансамбли, симфониски оркестри, музеи и разни културни установи ги отворија на некој период своите депоа… Како Вие гледате на тоа? Можно ли е уметноста да стане достапна за секој? Какви промени треба да се случат за да може секогаш и преку секој медиум да погледнеме што сакаме? Конечно, како тоа може да не направи подобри?
Н.М.: Неминовно е да зборуваме за страшниот предизвик со кој се соочува светот во овој момент. Останува да се надеваме дека науката ќе го направи своето што побрзо и дека ќе се изнајде решение, а за нас како општествено одговорни останува да ги слушаме препораките и да останеме дома. Во вакви времиња од исклучителна важност е секој да даде свој придонес, во рамките на своите можности. Таквите потези не зближуваат како човештво и ги бришат имагинарните граници кои историјата упорно ги поставува во некакви политички рамки. Прекрасна е идејата и гестот на сите културни институции кои своите проекти/изложби/концерти/претстави/опери ги објавија на нивните страни, достапни за секој. Така, во еден ден, виртуелно можеме да го прошетаме светот и за момент да се „преселиме“ во гледалиштата во кои можеби и не сме биле или сме немале услови и можности да ги посетиме. Оваа практика би можела да остане и после надминувањето на кризата. Од друга страна, зарем ние веќе со години не живееме на интернет, секојдневно? Сите ние имаме паралелни виртуелни животи, телефоните ни се залепени за прстите, а црните екрани се првото нешто што го гледаме кога се будиме и последното нешто пред да заспиеме. (Оф топик и препорака за серијата Black mirror). Несвесно станавме зависни и заведени од технологијата, а полека како да се оддалечивме едни од други, како да се оддалечивме од вистинските контакти и комуникации, гледање во очи, допири. Можеби ваквите кризи сепак на некој начин ќе не спојат да ги преиспитаме вистинските вредности и потреби за да преживееме и ние како вид, а и нашиот заеднички дом – планетата која е повеќе од загрозена. Во однос на технологијата и театарот – секако дека технологијата му помага на театарот во некакви визуелни и технички интервенции, визуелни сензации и интерпретации, но, сепак, театарот не би можел без човекот – актер и човекот – публика.
Интервјуто го водеше Никола Шиндре.