Веднаш по антагонизмот, како клучно прашање за „политичкото“ се наметнува концептот за хегемонијата. За да се разбере „политичкото“ како вечно присутна можност за антагонизам, треба да се прифати и непостоењето на крајно решение и да се разбере неодлучноста што му претходи на секое воспоставување поредок. Односно, со други зборови, тоа подразбира препознавање на хегемониската природа на секој општествен поредок и нужно прифаќање на фактот дека секое општество е продукт на серија практики за воспоставување ред во еден контингентен контекст. Како што посочува Ернесто Лаклау: „Двете главни одлики на хегемониската интервенција се `контингентниот` карактер на хегемонискиот израз, како и неговиот `конститутивен` карактер, во таа смисла што воспоставува општествени односи не потпирајќи се на никаква a priori општествена разумност“. Политичкото е поврзано со дејствувањето на хегемониските институции. Токму затоа, општественото мора да се издели од политичкото. Општественото ги опфаќа седиментираните практики, односно, практики кои ги прикриваат првичните чинови на нивното контингентно политичко воспоставување и кои се земени здраво за готово, небаре се засновани сами на себе. Седиментираните општествени практики се конститутивен дел од секое општество, но не се преиспитуваат сите општествени односи во исто време. Така, општественото и политичкото имаат статус, според терминологијата на Хајдегер, на „егзистенцијални“, односно се неизбежен дел од секое општествено живеење. Ако политичкото, разбрано во неговата хегемониска смисла, вклучува видливост на чиновите на општествено воспоставување, тогаш е невозможно априори да се направи разлика меѓу општественото и политичкото како независни од контекстот. Општественото не може да се согледа како логично само по себе, без разлика на тоа кој би бил изворот на таа логика: дали производствените сили, или развојот на Хегеловиот „врвен дух“, или историските закони и сл. Секој поредок е привремен и непостојан израз на контингентните практики. Границата меѓу општественото и политичкото е во основа нестабилна и бара постојано поместување и договор меѓу општествените чинители. Нештата секогаш можат да бидат и поинакви, па секој поредок се заснова на исклучување на другите можности. Во таа смисла и е „политички“, затоа што е израз на одредена структура на односи на моќ. Моќта е конститутивна за општественото затоа што тоа не може да постои без односите на моќ кои, впрочем, и му ја даваат неговата форма. Па, она што во одреден момент се смета за „природен“ ред на нештата, секогаш придружен и со убедувањето дека е „најразумен“, всушност, е резултат на седиментираните практики, а не одраз на подлабока објективност независна од практиките што го овозможиле неговото постоење.
Да сумирам: секој поредок е политички и се заснова на некаква форма на исклучивост. Секогаш ќе постојат можности што биле потиснати и можат да се реактивираат. Начинот на кој одреден поредок и општествени институции се воспоставуваат е преку „хегемониски практики“. Секој хегемониски поредок е подложен на преиспитување од други хегемониски практики, на пример, такви што дејствуваат во насока на поништување на постојниот поредок за да воспостават нова форма на владеење.
Со слична ситуација се соочуваме и во однос на колективните идентитети. Веќе знаеме дека идентитетите се обликуваат низ процеси на идентификација и никогаш не може докрај да бидат стабилизирани. Никогаш не се соочуваме со опозицијата ние/тие како вродена и како нешто што му претходи на процесот на идентификација. Напротив, како што потенцирав, „тие“ постојат како предуслов за „ние“, како „конститутивно надворешно“, па формирањето на еден конкретен облик на „тие“, од кој се разликуваме. Ова е клучно сознание, затоа што ни овозможува да замислиме различни типови на односи ние/тие во зависност од начинот на кој ќе се конституираат „тие“.
Сакам да ги потенцирам токму овие сознанија зошто тие ја даваат неопходната рамка за еден алтернативен пристап кон демократските политики за кои се залагам. Значи, за да се прифати неминовноста на антагонизмот, а воедно и можноста за демократски плурализам, мора да се спори со пристапот на Шмит дека едното со другото се исклучуваат. Клучната поента е да се покаже дека антагонизмот може да се трансформира на начин што ќе дозволи постоење на опозиција ние/тие која би била во согласност со плуралистичката идеологија. Без ваквата можност, остануваат само следниве алтернативи: да се верува, како и Шмит, во противречната природа на либералната демократија или, пак, да им се верува на либералите дека елиминацијата на ваквиот ривалски модел е неопходен чекор напред за демократијата. Во првиот случај го потврдувате политичкото, но ја исклучувате можноста за плуралистички демократски поредок, а, во вториот, постулирате комплетно несоодветен, антиполитички поглед на либералната демократија, чии негативни последици ќе ги разгледуваме во следните поглавја.
- Исечок од книгата „За политичкото“ од Шантал Муф, во превод на Габриела Ивановска во издание на Фондација Отворено општество Македонија.
- Техничка подготовка: Стефан Видиков