Не заборавај што направија фашистите

Улицата „Георги Димитров“ во Софија, Бугарија, август, 1965 година. (Photo by Archive Photos/Getty Images)

Во Бугарија се водат кампањи коишто го изедначуваат комунизмот и нацизмот, и тие не се прават за одбрана на демократијата против „руско замешателство“, туку за рехабилитација на бугарскиот фашизам и прикривање на соучесништвото во Холокаустот.

Седумдесет и пет годишнината од поразот на нацизмот е причина за славје. Така размислуваат во Културниот центар во Софија, коишто најавија изложба во главниот град на Бугарија, насловен како „Патот до победата.“ Но, иницијативата предизвика бура од негодувања, протест – и неколку денови пред планираното отворање на 9-ти Септември, бугарското министерство за надворешни работи испрати нота со силни зборови во коишто ги обвини Русите, за „мешање во внатрешните работи.“

Но, зошто, прослава за победата над нацизмот да се третира како упад во внатрешните работи? Одговорот е во специфичноста на годишнината којашто е предмет на комеморација – настаните од 9-ти септември, 1944, денот кога „Отечествениот фронт“, или „Татковскиот фронт“, го превзеде управувањето со владата. Тоа била антинацистичка унија на комунисти, земјоделци, социјал-демократи и воени генерали, формирана на фонот на пристигнувањето на Советските трупи. Овој ден вообичаено се смета за почеток на социјализмот во Бугарија, ден којшто го отвари патот за Бугарската Комунистичката Партија (БКП) да ја превземе власта во 1947 година.

Секоја година, годишнината позната како „9/9“, предизвикува дебати и осуди. Либералите не пропуштаат можност да ги преџвакаат настаните од 1944 како „криминална девијација на историјата“, којшто наводно го претставува бугарскиот социјализам. Но, оваа година, „деветто – септемвриската дебата“, со руската изложба доби интернационална димензија. Проблемот за многумина е во тоа што поразот на Бугарија – којашто беше дел од нацистичката коалиција како суверена земја – е интегриран во генералната прослава на ослободувањето на централно-источна Европа од нацистичката окупација.

Бугарското министерство за надворешни работи реагираше агресивно на наративот. Од таму аргументираа дека без оглед што е несомнен придонесот на Советскиот Сојуз за поразот на нацизмот, Црвената армија не ѝ донесе на Бугарија слобода, туку тоталитарна опресија, девијација од економските динамики на развиениот свет, и тн. Русите беа збунети: Тие прашаа, со право, како може да се осудува изложба којашто не се случила.

Но, се чини дека објаснувањето може да се пронајде во интензитетот на дебатите. Дури и без силно класно работничко движење или левица во Бугарија, силите на владејачката класа се опседнати со демонизирање на комунизмот. Европскиот парламент ги изедначи сите „тоталитаризми“, и иако таквата политичка насока денес се чини не е возможна, таа се води на тлото на историската меморија, со осуда и рехабилитација на демоните од минатото. Соочени со стварност без левицата, пораката на десницата доминира.

Историска меморија

Реакцијата на министерството е типична енкапсулирана позиција на бугарската десница и либералите, а таа е дека Црвената армија не била ослободителна, како што социјализмот ја нарекувал, туку окупациска сила којашто наметнала „антифашизам“ од надвор, како лажен преттекст за контрола. Ова тврдење е вгнездено во фактот дека неколку денови пред „9/9“, Бугарија ги промени страните и ѝ објави војна на Нацистичка Германија. Советите реагирале  ладно на ненадејната промена, а на 8-ми Септември 1944, Црвената армија се пробила во Бугарија преку Дунав и наредниот ден „Отечествениот фронт“ прогласил нова влада.

Претходниот ден, мала група на комунисти во воени униформи ја превзеле власта во клучни државни институции, при што следело и превземање на градовите од страна на партизаните, вклучувајќи го тука и востанието кај пристаништето во Варна, подигнато од партизани и политички затвореници. Владеачката класа била во хаос, поделена меѓу силите на оската и сојузниците, и додека инвазијата на Советите означувала крај на постоечкиот режим, не е за изнанадување што партизаните ја зграпчиле можноста да дојдат на власт. Комунистичката партија којашто во моментот го водела движењето, никогаш не ја криела желбата за револуција во Бугарија.

Но, дури и легитимитетот којшто може да имплицира од зборот „револуција“, сега е негиран. Навистина, во социјалистичката ера, „9/9“ беше славен како револуција, но после 1989, беше етикетиран како „удар.“ Историчарот Александар Везеников пишува дека, овој особен „удар“, е невообичаен по тоа што власта била веднаш предадена на цивилни лица од „Отечествениот фронт.“ Но, негирањето дека се работи за „револуција“ има сосем друга цел. Со години зборот „револуција“ е демонизиран, но сѐ уште создава масовна партиципација што имплицира степен на демократски консензус, а „удар“ реферира на илегална и фракциска претпоставка за моќ.

Десницата не може да признае дека се работи за „револуција“, затоа што тоа значи дека ќе треба да признае дека настаните од 1944 се аспирација на огромна маса на Бугари, туку само на руски „окупатори.“ Ова е дел од трендот во либералната јавна сфера, пост-1989, изворот на континуираниот историски ревизионизам, којшто негира дека постоело нешто како бугарски фашизам, таков за којшто би било потребно на водење на ослободителна борба. Ова негирање создава атмосфера за полесно да се портретира легитимитетот на антифашизмот како антидемократска, измамничка политика, наметната од надворешна империјална сила.

Овој историски ревизионизам не е поддржан со факти – на крајот на краиштата, Бугарија пред 1944 година не беше нешто посебно демократска држава. Покрај тоа што беше нацистички сојузник, беше уставна монархија со слаб парламентарен живот нарушен со пучови, суспендирање на уставот, паравоено насилство и кралска диктатура што го суспендираше партискиот политички живот од 1934 до 1944 година. Во јануари 1941 година, два месеци пред да ѝ се приклучи на Оската, Бугарија подготви Закон за заштита на нацијата со којшто „легално“ им ги одзеде граѓанските и политички права и имотите на бугарските Евреи и против нив започна државен терор.

Како сојузник на Оската, Бугарија ги депортира сите Евреи од териториите што ги окупираше во Грција и Македонија во логорите за истребување. Додека бугарската влада не беше експлицитно нацистичка, таа имаше очигледни фашистички склоности и создаде или толерираше голем број фашистички организации. Ако Бугарија навистина избегнала да потпадне под нацистичкиот чадор, како соседна Југославија или Грција, домашниот режим беше секако профашистички и имаше доволно добри причини за опозицијата да се бори против фашизмот дома. Всушност, антифашистички отпор се појави уште пред Бугарија да се приклучи на Оската: Тоа сигурно не беше само „увезено“ на бајонетите на Црвената армија.

Ова нè води до другиот и клучен факт што ревизионистите го забораваат – домашното спротивставување на фашизмот. Поради „незаконската“ природа на нивните активности, тешко е да се постигне проценка за точната бројка на партизани. Според историчарката Искра Баева, бугарското партизанско движење броело помеѓу 5.000 и 9.000 луѓе; Везенков го става бројот на минималната граница, но покажува дека на овие борци биле поддржувани околу 12.000 „поддржувачи“ коишто на партизаните им давале храна, сместување и други видови помош. Севкупно, овие бројки се импресивни, со оглед дека земјата не се соочуваше со егзистенцијална закана под нацистичката окупација како нејзините соседи.

И покрај немилата судбина денес, левицата во Бугарија беше историски силна сила. Везенков го забележува парадоксот дека т.н. „лична власт“ на кралот – забранувајќи ги сите политички партии во 1934 година – и помогнала на Комунистичката партија, додека активноста на другите партии зависела од нивната база во парламентот, којшто сега бил уништен, комунистите биле далеку подобро организирани и прилагодени за градење на тајни масовни структури.

Сепак, имаше и други локални левичарски традиции, од аграрната партија на Александар Стамболиски (првата вистинска масовна партија на Балканот, којашто го промовираше селанството како носач на социјализмот), до Социјалдемократската работничка партија. Наративот што го третира падот на кралот како ефект на „странска окупација“ мора да ги игнорира и овие домашни социјалистички сили и нивното спротивставување на војната и антисемитизмот. И тоа ненамерно завршува како извинување за фашизмот затоа што многу малку европски земји се ослободија од фашизмот без надворешна интервенција или инвазија. Антикомунистичкиот ревизионизам исто така мора да го игнорира фактот дека не само Советите, туку и Британците и Американците, ги поддржуваа партизаните.

Тоталитаристички близнаци?

Изјавата на Министерството за надворешни работи исто така открива уште една наративна точка кај десницата, имено, дека во 1944 година, еден тоталитаризам заменил друг. Секоја прослава за поразот на нацизмот се заменува со жалбата дека Бугарија „насилно била исклучена од Европа од советската инвазија.“

„Наводната“ морална еквивалентност на нацистичките и социјалистичките „тоталитаризми“ тогаш им оправдува и втор потег, имено, тврдат дека социјализмот бил полош, затоа што, 1) траел многу подолго, и 2) за разлика од нацизмот, го нарушил светото право на приватна сопственост. Последната точка ја посочи политичар како Жељу Желев, првиот демократски избран бугарски претседател и либерален филозоф којшто прв го воведе поимот за тоталитаризам во Бугарија. Се разбира, фашистите на власт ја нарушија приватна сопственост, на пример, на Евреите, но се чини дека ова била мала цена што треба да се плати за членство на Бугарија во Оската и воопшто за зачувувањето на капитализмот.

Ако бројните декларации на Европскиот парламент експлицитно ги поставуваат комунизмот и нацизмот во ист кош, постапките на либералите му даваат предност на еден „тоталитаризам“, пред другиот. Еден од спонзорите на неодамнешиот контроверзен предлог на Европскиот парламент за историска меморија, бугарскиот европратеник Андреј Ковачев, дури го покани и Денко Марков (Дянко Марков) – член на нацистичка паравоена група, позната како Сојуз на бугарските национални легиони – во Европскиот парламент. Марков го возеше бранот на нацистички рехабилитации во 90-тите години од минатиот век: Во една „свечена“ пригода, во чест на „жртвите на комунизмот“, тој ја оправда депортацијата на Евреите во Треблинка, нарекувајќи ги „непријателско население.“ Тој ги кажа овие зборови, ни помалку, ни повеќе, во бугарскиот парламент.

Другиот бугарски европратеник којшто го спонзорираше предлогот на Европскиот парламент, Александар Јорданов – политичар од раната либерална антикомунистичка опозиција – јавно кажува дека во Бугарија никогаш немало фашизам. Вреди да се нагласи дека овие европратеници се членови на владејачката централнo-десничарска Европска народна партија (EPP), а не се дел од екстремистичка партија.

Всушност, покрај креирањето на простор за појава на фашистички апологети, врв на либералниот ревизионизам којшто ги изедначува „двата тоталитаризми“ е тоа што ја замаглува можноста да се разбере зошто Советите воопшто се мачеа да се борат со нацистите. Или, навистина, зошто Бугарите се бореа заедно со Црвената армија во оваа кауза. Имено, во септември 1944 година, Советската армија влезе во Бугарија без да истрела ниту еден куршум, не се соочи со никакви спротивставувања од страна на бугарската страна – според тоа, тешко може да се каже дека станува збор за „инвазија“. Потоа, бугарската армија посветено учествуваше во последната фаза од Втората светска војна за протерување на нацистите од Југоисточна Европа – факт, којшто исто така се заборава од бугарската десница.

Може да се запрашаме зошто триесет години по 1989 година, комунизмот ги вознемирува духовите во Бугарија. Небитно е, во таа смисла, што при тоа отсуствува организирано движење на работничката класа или силна левичарска партија што се бори за освојување на власта. Сепак, опсесијата на владејачката класа на темата комунизам опстојува, без разлика дали се работи за законодавни иницијативи коишто го криминализираат комунизмот или се дискутира за постојаните поплаки дека учебниците ја кријат вистината за комунизмот.

Неодамна, пофалбите за комунистичкото минато дури беа прогласени и за „закана по националната безбедност“, од новиот евроатлантски тинк-тенк, основан од поранешен „втор човек“ на владејачката партија, после неговото разрешување од партијата поради корупциски скандали. Оваа параноична опсесија со минатото е стратегијата на десницата за да ја зајакне сопствената хегемонија контра растечкиот замор од консензусот на неолибералните реформи. Бугарите, но, не ја прегрнаа Социјалистичката партија или некоја хипотетичка левоориентирана алтернатива, а не се ниту ентузијасти за слабеењето на централно-десничарските партии.

Во контекст кога консензусот се намалува, но алтернативите се отсутни, антикомунизмот станува поинтензивен, изразувајќи ја, не, силата на десницата, туку нејзината слабост и опаѓачка способност за мобилизација. Владејачка класа е неспособна да му понуди иднина на отуѓеното гласачко тело освен со бесконечно повторување на истите антиработнички политики и штедење во рамки на деградирачкиот развоен модел заснован на ниски плати и ниски даноци.

Симболичките конфронтации за минатото се претвораат во единствен значаен терен за изразување на политички разлики, затоа што иднината е непостоечка. Како што објаснува социологињата Лилјана Дејанова, во отсуство на значајно политичко соочување поради распаѓањето на големите наративи, „граѓанската војна за сеќавањето“ започнува да дејствува како „ерзац-политика“ или политика на отсуство на субстанца. Но, од маршот на антикомунизмот и либералниот анти-тоталитаризам, единствен ефект е да стигнеме побргу до рехабилитација на фашизмот.

 

Авторка: Жана Цонева

Превод од англиски: Кирил Минанов

Извор: Јакобин Магазин

|2020-05-09T18:53:28+00:009 мај 2020|Актуелно, Свет, Став|