Што се крие зад владиниот план 3-6-9? – (втор дел)

Демонтирање на остатоците од Асномска Македонија и Русофобија

Измина месец и половина од објававувањето на првиот дел од обидот низ анализа на мотивите и целите да се продре, во тогаш нејасната содржина на владиниот План 3-6-9  (задолжителни и забрзани чекори кои ги најави новата влада на полето на „евроатланските интеграции“ во првите 9 месеци од мандатот).  Првиот дел на оваа анализа се задржа на две генерални прашања, за кои не беше неопходно да се сочекаат да излезат на виделина првите чекори на власта во остарувањето на планот. Затоа првиот дел се осврна, прво, на клучната пречка за секоја власт која ќе се обиде да спроведе неуставен прием на Македонија во воен сојуз, преку заобиколување на задолжителното референдумското изјаснување на граѓаните, и второ, на пропагандата во изминатите 20 години која го спремаше теренот граѓаните да го прифатат приемот во НАТО како апсолутна неопходност.
За овој, втор дел на анализата, изминатиот месец и половина даде доволен материјал за обработка. Власта продолжи со практиката да потпишува, или спрема за финален потпис, договори, за кои јавноста дознава после неколку дена или недели. Политичарите по кој знае кој пат решија да се занимаваат со историјата, која пак продолжи да се ревидира подеднакво несмасно и бескрупулозно како што тоа го правеше претходната власт на ВМРО ДПМНЕ. Ако за претходната власт, неопходниот надворешнен непријател за плашење на народот беа опасните намери на соседите, за новата власт тоа е „опасно и силно влијание на Русија“. И за едниот и за другиот измислен надворешен непријател – спасот бил во брз и неодложен прием во НАТО.
Но да одиме со ред.

Договор за добрососедски односи меѓу Р. Македонија и Р. Бугарија и двете средби Борисов – Заев

На овој договор му претходеше скандалозна најава на премиерот Зоран Заев дека ќе се брише квалификацијата „фашистички окупатор“ од учебниците во основно и средно образование, кога се однесува на бугарските војски за време на Втората светска војна. Како тоа во новите учебници ќе биде стокмено, останува да видиме. Дали македонските партизани се бореле против ветерници, или се бореле против идеолошки недефинирани окупатори, кои можеби не биле окупатори, туку туристи?
Потоа следеше средбата во Софија со бугарскиот колега Бојко Борисов, каде планот за бришење на историски факти беше повторно нагласен. Во Струмица биле отстранети зборовите „фашистички окупатор“ од споменик на НОБ. За возврат Заев се сликаше со Борисов до споменикот на Цар Самоил, со натпис „Цар на Бугарија“. Договорена беше, и реализирана возвратна посета на Борисов во Крушево. Повиците историското помирување да го стори во Ваташа, местото во кое бугарските фашисти извршија масакр врз недолжно население- не беа земени предвид ни од македонската страна.
Како и да е, договорот беше објавен пред Илинден. Текстот изобилува со поетски изрази и ветувања за соработка и унапредување на добрите взаемни односи. Тука се поставува прашањето, ако се веќе добри, со овој договор, како меѓусебните односи ќе станат уште подобри?

Заедничка мултидисциплинарна експертска комисија за историски и образовни прашања предвидена во чл. 8 од Договорот, има избор меѓу две зла. Прво, да ја отвори пандорината кутија и да разговара за идентитетските прашања за кои во принцип и не се разговара, затоа што секако нациите се конструкт на договор и историска нужност. Второ, да изнаоѓа соломонски решенија (во духот на добрите политички односи на лидерите) и да се нафати со дополнително чистење на учебниците од порблематични историски факти. Понатаму, во член. 11 од договорот, маркантни се точките 4. и 5.

4. Секоја од Договорните страни има право да ги заштитува правата и интересите на своите државјани, на територијата на другата Договорна страна, во согласност со меѓународното право.

5. Република Македонија потврдува дека ништо од нејзиниот Устав не може и не треба да се толкува дека претставува или некогаш ќе претставува основа за мешање во внатрешните работи на Република Бугарија, со цел заштита на статусот и правата на лица, кои не се државјани на Република Македонија.

Забележлив е дисбалансот, непропорционалноста на правата и обврските на двете договорни страни. Се поставува само по себе прашањето: Зошто нема исти гаранции и ветувања и од страна на Р. Бугарија за немешање во внатрешните работи на Р. Македонија? И што подразбира бугарската страна кога се обврзува „во согласност со меѓународното право“ да го штити правата на своите државјани на територија на Р. Македонија, а знаеме дека таков статус имаат речиси 100.000 македонски граѓани. Што вели исечокот од меѓународното право кој ќе го толкува бугарската страна за извадените бугарски пасоши поради економски и социјални причини… не знаеме.

А Втори Август беше посебен. Во Крушево, Заев и Борисов, го чествуваа Првиот Илинден, како на денови на поезијата, рецитираа за светлата иднина на двата народи со заедничка историја после целосно завршените „евроатлански интеграции“ на Македонија. Протоколот се погрижи подеднакво свечен настап да има и Командант Форина, бившиот министер за одбрана во Владата на ДПМНЕ и сегашен претседател на Собранието, г-динот Талат Џафери, кој исто така им даде приоритетно значење на „евроатланските интеграции“ т.е НАТО. Со ова трио говорници, се заокружи рехабилитацијата на противниците на партизаните- вмровските контра чети под диктат на фашистичка Софија и балистите под диктат на фашистичка Албанија. Заев претходно, во преговорите за формирање влада, прифати делови од Тиранската платформа на албанските партии во која се зборува за геноцид извршен од страна на македонските војски. СДСМ, партијата наследник на Сојузот на комунисти на Македонија, ја остави подотворена вратата во иднина, од дневно-политички цели, да се осудат ако треба и македонските партизани за геноцид.

Во Пелинце, вице премиерот Кочо Анѓушев, делегиран од сојузот на стопански комори на Р.М, им зборуваше на борците, почитувачите на делото на борците и НОБ, за значајноста на „евроинтеграциите“ и неопходноста на влезот во НАТО за странските милијардери и домашни мулти милонери како г-динот Анѓушев, да се чуствуваат безбедни во инвеститањето и работењето. Логично прашање би било: како е можно, најнискиот и рамен коропоративен данок (данок на добивка) во Европа, од само 10%, да не им е доволен на домашните и странски газди да инвестираат тука? Експлоатацијата е загарантирана. Најниски плати во регионот и речиси никакво синдикално организирање на работниците во реалниот сектор.

Полицијата под раковоство на СДСМ како МВРО (ВМРО)

Пологично прашање би било. Што бара Анѓушев, да говори како главен преставник на Владата на РМ во Пелинце? „Асномци не се бореа за капиталисти“ гласеше транспарентот на група членови и гости на кумановскиот огранок на партијата Левица, транспарент за кој МВР на СДСМ обезбеди над 10 полицајци да ги држат активистите на голема далечина од официјалниот простор на настанот.

Ова сепак претставуваше “фина“ реакција на полицијата во споредба со реакцијата 3 дена претходно, на 29-ти Јули, кога американски војници, наоружени до заби, качени на возила за масовно уништување, пристигнаа на плоштадот Македонија во Скопје. Група активисти на Левица, ДСП Ленка и Солидарност, истакнаа транспарент на кој пишуваше: „Против војните за профит“. Под изговорот дека тоа било „говор на омраза“ полицијата задолжена за безбедноста на наоружаните до заби американски војници, насилно приведе и лиши од слобода три момчиња, кои место разорни автоматски пушки, во рацете имаа транспарент и знаме. Откако информацијата за приведувањето се рашири на социјалните мрежи, МВР на СДСМ побрза да демантира дека имало приведување. Рекоа дека имало само легитимирање. Но, откако се појавија снимки од местото на настанот, на кои јасно се гледа насилно приведување со ставање лисици на раце, по подолго колебање, МВР спроведе внатрешна контрола, која пак изнајде „соломонско решение“ – да се казнат извршителите (полицајците), но не и наредбодавачите (раководителите на сектори/полициски станици, министерот).

На една од ретките дебатни емисии кои во средишетото го имаат НАТО прашањето, или „НАТО фактот“, Нано Ружин, истакнат натофил и сегашен декан на  Универзитетот ФОН, кажа дека „НАТО е неопходно за македонската демократија, за функционирањето на правната држава и почитувањето на човековите права“. Дали НАТО подразбира држави членки со слаба или речиси никаква армија, а јака, бројна полиција? Секако дека подразбира. И насекаде. Слаба или речиси никаква армија за никакви изгледи за одбрана на државниот суверенитетот од пресудното влијание на САД- главниот суверен во НАТО, а јака и бројна полиција за ефикасно и брутално сузбивање на социјални, студентски и работнички бунтови и движења.
Во првиот месец и половина од Планот 3 – 6 – 9, новата власт, со еден оглас, прими 500 нови полицајци. Дека старата и новата власт спроведуваат една иста политика за претворање на Македонија во полициска држава, нема веќе дилема. Жалосно е тоа што СДСМ го порази на извесен начин ВМРО ДПМНЕ, токму врз критиката на претворањето на Македонија под водство на ДПМНЕ во полициска држава.

Руското влијание како страшило во медиумскиот врт на СДСМ

Интересно е однесувањето на новата власт предводена од СДСМ на меѓународна сцена. За разлика од “еквидистанцата“ промовирана од Киро Глигоров во средината на 90-тите, и јасната про-нато и про-американска политика на Бранко Црвенковски Владо Бучковски без русофобија, новиот двоец на СДСМ на власт, Заев-Шеќеринска, особено ја промовира последната, компонента, русофибијата т.е заплашувањето на домашното население со „опасното руско влијание во внатрешните работи на Македонија“. Интересно е тоа што, Македонија под водство на ова раководство на СДСМ, има шанси дури и да успее да ја продаде приказната за наводното силно руско влијание.
Во антируската пропаганда, особено се агилни главните пишани и електронски медиуми блиски до СДСМ, медиуми кои се’ уште се сметани за објективни и непристрасни од страна на гласачкото тело кое гласаше за партиите на владината колација. Македонија, под водство на новата влада, веројатно сака да се прикаже за најпослушен и најкорисен ученик на НАТО на Балканот, во пропагандната машинерија против Руската Федерација. Во ситуација кога главна пречка за приемот во НАТО е наметнатиот спор со името со Грција, нејасно е зошто толкавата потреба на новата власт со беспотребните антируски изјави да се создава анимозитет кон државата, која располага со неограничени природни ресурси од кои македонската економија може да има бенефит. Која е следната мерка која ќе ја преземе новата власт со која одново и одново ќе се покаже како најпослушен Натов ученик? Воведување економски санкции кон Русија? Одбивање руска помош во време на пожари, како што тоа го стори најновата членка на НАТО, Црна Гора?

Завчера, на 18. август, АРМ одбележа четврт век постоење. Сериозна армија ваков јубилеј би прославила подостоинствено од сувопарни говори на државните лидери и коктел после тоа, ако историјатот на АРМ не беше четврт век унишување низ реформи на концепотот на народна одбрана и претворање на македонската армија во грст мали одреди за мисии во жариштата кои ги отвара САД или НАТО пактот. На „свеченоста“, претседателот Ѓорге Иванов и Министерката за одбрана Радмила Шеќеринска, беа едногласни. Според претседателот, приемот во НАТО пактот е привилегија но, и обврска за Македонија да го зголеми буџетот за одбрана согласно НАТО стандардите, на што министерката се согласи и нагласи дека од витален интерес на Македонија е најбрз прием на државата во НАТО.
Нема логичен потврден одговор на прашањето, дали има знаци и опасност од руско вилијание во внатрешните работи на Македонија, кога раководствата на двете главни партии, и сиот позначаен медиумски простор е стабилен партнер на американската надворешна политика и визија за светот. Напротив, опасноста за народниот суверенитет е присутна веќе 20 години. Но, сега повеќе од кога било…
Ќе подлегне ли народот на пропагандата која про-НАТО едноумието ја посеа?

(Продолжува)

Автор: Зоран Василески

Ставовите во оваа анализа, не нужно се совпаѓаат со ставовите на редакцијата.