Васко Гичевски: „Економија на гласови“

Македонија во постсоцијалистичкиот период, веќе 30 години од страна на надворешените оценувачи, е оценета како хибриден режим. Инаку кажано за оваа земја не е со сигурност утврдено какво општествено политички и економско уредување има. Нашиот систем е мешавина на наследството од социјализмот и делумната примена на неолиберланата капиталистичка држава. Барем формално правно!

Македонското битисување е тема на која може да се изработат цели докторати, но тука накратко ќе се осврнеме на некои аспекти. Во Македонија постојат државни претпријатија, јавно приватни партнерства, мали, средни и големи приватни претпријатија. Државните претпријатија, како и дел од јавно приватните се насочени строго кон терцијарниот сектор односно услужниот сектор. Малите, средните и големите претпријатија се воглавно насочени кон примарниот и секундарниот сектор, односно производна дејност. Грубо кажано државните претпријатија во најголем дел влечат капитал од буџетот и притоа дел од нив намерно се скроени да се економски нерентабилни додека приватните претпријатија се тие кои што генерираат свеж капитал. Колкав е бенефитот и колкава е силата на македонската економија, не треба да се оди подалеку од фактот дека во моментот имаме 50,7 проценти од бруто домашниот производ, долг кон разни побарувачи.  Кажано со едноставен јазик ние сме држава која опстојува на вересија и доколку не се заемите, ние во суштина не ќе можеме да ги сервисираме основните обврски кон граѓаните.

Во погоре опишаната слика на општествено економски односи недостасуваат политичките односи. Кај нас формално правно власта е базирана врз претставничката демократија. Власта својата власт ја влече од „слободниот избор“ на своите граѓани. До тука и сè е јасно. Проблемот се појавува кога ќе загребеме под површината и ќе се обидеме да го дефинираме терминот „слободен избор“. Слободниот избор на луѓето секогаш е резултат на материјалните опстојности што го детерминираат човековиот развој и перцепцијата на општеството. Имено познавајќи го фактот дека кај нас имаме вкупно 793 416 работници, од кои за 2019 година имаше 132 900 лица работници вработени во јавниот (државниот) сектор. Од последната бројка 32 % се во образование и 18 % во здравство, а во органите на власта се врбаотени 16 522 лица. Доколку се одземат работниците од јавниот сектор од вкупната бројка на работници се добива дека 660 516 лица работат во приватниот сектор.  Додатно во Македонија има 327 125 лица пензионери. Познато е дека работниците во јавниот сектор се во 90% од случаите партиско членство, чии работни позиции се определуваат/напредуваат пред изборите. Се прават определени списоци според кои се вработуваат оние кои придонеле кон партиската победа, а напредуваат или остануваат на истата работна функција оние кои исто така се погрижиле партијата да ја освои власта. Веќе вработените тоа го овозможуваат преку изработка на списоци на роднини и пријатели до трето колено, кои се ставаат на список, па подоцна се проверува кој колку гласови донел. Воопшто е неважно дали сте компатабилен или некомпатабилен за работната позиција, сè додека носите гласови, доколку е можно во што поголем обем вие сте најсоодветниот за таа работна позиција. Барем што се однесува до партиските критериуми, општочовечките и професионалните воопшто не се предмет на разговор. Кога тука ќе се додадат пензионерите кои гласаат исклучиво за поголеми пензии, што покрај ЕУ интеграциите е редовно ветување во предизборните програми, јасно е како се мотивираат гласачите да излегуваат на избори. Избори, кои во суштина се само трошење на хартија, беспредметно губење време, но и начин да се вработите или одржите на работната позиција. Инаку и не е можно кога партиите ви се агенција за вработување, а партиските членови, трагачи по егзистенција. Тука обичниот човек и нема голема вина, тој се привикнува на постоечкиот систем и него го користи. По таа основа „партијата прозорец за вработување“ во Македонија според податоците од 2017 година 13% од населението е член на некоја трите партии кои изминативе децении биле на власт СДСМ, ВМРО –ДПМНЕ, ДУИ. Европскиот просек за овој период е 2 %. Овој емпириски  податок социолошки  треба да ни одгатне дека обичниот човек проценил дека друга партија тешко би победила па така својата иднина и своето вработување во најголем дел го доверил кон овие три партии. Во суштина овие партии, и покрај бројното членство, се мртви партии. Тука нема ниту идеолошки ниту било каков друг мотив за членување, освен обезбедување на материјална егзистенција, која очигледно е дека за населението е проблем да ја обезбеди на друг начин. Да не го заборавиме фактот дека овие членови имаат семејства, пријатели, роднини кои ги влечат до работни позиции користејќи го својот углед во политичката дејност. Секако доколку под политичка дејност се подразбира да сте безгласна буква, вешто следејќи ги лидерските позиции бидејќи тоа ви носи придобивка. Гласноста, напротив ви ја одзема таа придобивка!

Зошто сè ова можеме да го наречеме „економија на гласови“? Државните претпријатија во суштина се загубари или во нив воопшто не е вложувано, туку од нив само се цеди капитал. Се користат за задоволување на политичките потреби за стабилност така што се вработуваат таму, оние кои носат гласови. Приватниот сектор не обезбедува доволно капитал па така сосема е јасно зошто доаѓа огромното задолжување. Просто кажано власта ги користи механизмите на државата да ја задржи својата стабилност преку гласовите, каде за минимум средства за преживување, луѓето за возврат им обезбедуваат власт. Така, под превезот на модерноста, либерализмот и демократијата, власта кај нас однапред се обезбедува преку модел што не беше експлоатиран дури ни во тоталитарните држави. Безскруполозен модел на обезбедување минимум живеачка која генерира максимум власт!

Некои ќе кажат, а зарем нема да ѝ се одземе оваа привилегија на големите партии, така што сè ќе приватизираме? Сосема неумесна и лоша идеја. Приватниот капитал природно влече кон тоа да ја обезбеди покрај економската моќ и политичката моќ во државата. Тој тоа го прави денес преку определени „доброволни“ внесови во предизбориито за подоцна во моментот кога е освоена власта за возврат да се добијат разноразни тендери и поволности за економско делување. Воедно оваа година јавно излезе, она што потајно се знаеше, дека определени фирми „лобираат“ или присилуваат своите вработени да го дадат гласот опцијата која е полезна на имателот на претпријатието. Притоа капиталистот кај нас има тенденции на феудален владетел, каде вработените се најчесто експлоатирани, без синдикати или онаму каде што ги има тие се во служба на капиталот, а не во служба на работниците. Повеќе вакви феудалци чинат феудална анархија и доколку ѝм се даде привилигирано право да се поседуваат се што постои во државата, во услови на слаба држава, таа држава нема да биде ништо повеќе одколку рај за неколкумина, а пекол за илјадници. Овие појави ги има во нашето општество, но тие сега за сега, не се издигнати на нивото  на предходно опишаниот степен.

Како што беше кажано погоре, материјалните опстојности поприлично го креираат и општественото оденсување  и делување на индивидуата. Следејќи ги овие непишани, но постоечки правила и норми, индивидуата е општествено недговорна. Знае дека што и да направи, доколку нејзината опција е на власт таа нема да сноси никаква последица бидејќи таа индивидуа на некој начин е гарант за политичкото опстојување на таа партија. Од друга страна, оние кои што сè уште не се на работна позиција, а сакаат да просперираат во животот, се можеби најактивните и најострите борци против определена власт, која опозицијата знае да ги искористи. Треба да се напомене дека тука има и огромен број на млади лица кои поради овие или оние причини не сакаат да се вклучат во оваа „економија на гласови“. Таа група својата материјална сигурност и економски просперитет ја бара надвор од „темниот вилает“ Македонија. Па така денес веројатно имаме околу 400 000 лица кои се иселени од Македонија.

Што се случува со оние кои остануваат тука, а не сакаат да учествуваат во економијата на гласови? Човек не треба да е премногу мудар или далекуглед за да воочи дека општествено-економските услови во Македонија се нарушени. Реформите се изведуваат декларативно и формалистички, доскорешните идеализирани НАТО и ЕУ цели се скоро постигнати, пред сѐ поради нивните геополитички империјални интереси на Балканот, отколку нашата економска и воена подготвеност. Со ова македонските партии ги изгубија своите два најголеми адути во политичките програми. Останува да играат на веќе прочитаната и отфрлена карта на национализмот, кој сѐ повеќе е минато за најголемиот дел од народот. Соочувајќи се со овие услови лесно е да се види дека досегашните моќници веќе немаат што да понудат и се спремни за политичка пензија, а веројатно и за кривичен суд. Од тука  може да се извлече и поенатата дека во суштина оние кои не сакаат да се вклучат во оваа игра, а сакаат да продолжат да живеат тука, нужно ќе биде да го понесат товарот на отпорот. Отпорот кој нема да биде лесен ниту пак ќе биде брз. За сè ова ќе треба време, ќе требаат жртви. Не е едноставна задачата едно население да го издигнете интелектуално пред сè од ова игра на гласови и бројки. Сосема спротивно можеби најтешко е од една бројка, од едно гласачко ливче да направите ЧОВЕК!

 

Пишува: Васко Гичевски

 

Редакцијата на „Гласник“ не нужно се согласува со ставовите изразени во колумната.

|2020-10-16T08:10:47+00:0016 октомври 2020|Актуелно, Став|