Вера Ацева за градоначалник на Град Скопје


Споменот на 11 Октомври и предизборната атмосфера

Скопје, 11 октомври 2017г. Градот е во предизборна атмосфера. Никако празнична.
По улиците само се ѕвери насмеаната двоглава сфинга Коце Шилегов од билбордите.
Никако да се види државно знаме на јарболите. Од никаде да се чуе празнична атмосфера.
На пат до крајната локација, поминав покрај неколку запуштени спомен обележја на НОБ, обраснати со трева, сронети, со потемнети или избришани букви.  Поминав и покрај споменикот на Тодор Александров, осовачот на ВМРО, чии контрачети отворено соработуваа со фашистичкиот окупатор, против кого, младите комунисти на 11 октомври 1941 година дигнаа востание во Прилеп и Куманово, на што се приклучија младите комунисти од Скопје, организирајќи се во првите партизански одреди. Поминав и покрај зградата Фиком, карабина од цигли, симбол на криминалот со препродажба на непостоечки станови од 1000 евра метар квадратен. Пешачев низ пренатрупаниот центар на градот, поминав и покрај зградите на бившото ЕВН и бившите Македонски Телекомуникации, приватизирани од страна на одборот на владејачката класа,  двоецот ВМРО-СДСМ, државни гиганти продадени за ич пари на германски и австриски газди. Крајната дестинација ми беше Дебар Маало, старото градско јадро со откорнети куќи и мали дворчиња на кои се издигнале згради на домашните инвеститори. Ја имав „честа“ да газам по двете кратки боемски улици, вредни речиси половина милион евра. На тротоарите, овде онде, лежи по некој бездомник, по контејнерите, овде онде, се пребаруваат употребливи отпадоци или пластични шишиња за продажба на кило.
Тргнав назад накај дома. Светат билбордите платени со стотици илјади евра народни пари. Двоглавата сфинга ко уште понасмеана ми се виде. Се кезеше. Се ближи денот на одлука. По булеварите, уште луѓе кои просат. Мајки со деца во рацете, просат на ладното приквечерно време.

Скопје, 12 Октомври, 2017 година. Го нема веќе вчерашното непријатно чувство. Вчера да ти бил обичен ден како денес. Особено обичен беше за работниците од реалниот сектор, кои денес, исто како и вчера, р’мбаа за плата од 200 евра. Уморни како после секој работен ден, штета, не успеале да ги слушнат најновите мерки од пакетот „Нова ера живот за сите“, како изградба на некоја градинка, булевар или мини паркче, со позајмени пари од Дојче Банк. Во меѓувреме, не видов Коце Шилегов да положил цвеќе пред некој од спомениците на НОБ во Скопје. Додека не бидам демантиран, го поздравувам овој чин. Чуму кандидатите за градоначалници од редовите на гробарот на Асномска Македонија- одборот ВМРО-СДСМ, би се поклониле пред лешот кој го закопале-  идеалите за кои што се бореле македонските партизани. Скопје веќе не само што е социјално непријателски настроено спрема неимотните граѓани, туку и модерно Скопје на Кензо Танге со парковите и зеленилото веќе го нема…
Но, што друго да се очекува од Транзициска Македонија, за која 11 Октомври е лош сон, наместо завет. Зошто парче не остана од темелите на државата, чиј малтер беше крвта на партизаните, држава чии функции беа чест и со долгогодишен револуцинерен ангажман заработени, а не плен кој треба да се добие преку билборди, реклами и ветувања за нови ери и живот за сите со партиска книшка на одбор на владејачката класа, кој владее наизменично, од самиот почеток на независноста. Затоа не го славеше Скопје 11 Октомври. Одборот се спрема да слави четири дена подоцна, на 15 октомври, вечерта кога очекуваат да се обзнани победникот, една од двете глави на сфингата.

Вера Ацева и локалните избори 2017

Што да се направи за наместо елитите, народот да слави на 15 октомври? Има ли друг избор за скопјани, освен двоглавата сфинга Коце Шилегов на престојните избори?
Секако дека има. Но, не се рекламира на билборди и на ТВ реклами поради баснословните суми за нивно користење. За тој кандидат речиси воопшто не се зборува на ТВ вестите, тој избор го нема на страниците на дневните весници. Но ајде со ред, ќе стигнеме и до тој избор…

Прво да видиме, која е Вера Ацева и каква врска има таа со престојните локални избори.
Вера Ацева била македонски комунист, учесник во НОБ, учесник на првото Заседание на АСНОМ и народен херој на Југославија. Поради лошата материјална состојба, таа била принудена да го прекине образованието по завршувањето на втор клас гимназија за да се вработи во тутунската индустрија. На работничкото движење му пристапува кога имала 16 години. Станува член на Комунистичката партија на Југославија на почетокот на 1940 година. Ацева била еден од организаторите на првите прилепски партизански одреди. На почетокот од 1942 година работи во Покраинскиот комитет на КПЈ во Скопје, а потоа е партиски инструктор во Струмица, Битола и Штип. Во август 1943 година станува комесар на Шарскиот партизански одред, а во ноември 1943 година, кога е формирана Првата македонско-косовска бригада, Ацева е избрана за заменик-политички комесар. Во август 1944 година учествува на Првото заседание на АСНОМ, на кое е избрана во неговиот Президиум.

По ослободувањето, Ацева врши повеќе раководни функции. Малку е познат фактот дека во 1948 година,  била избрана за Градоначалник на Скопје. Вера Ацева останува до денес едниствениот градоначалник-жена на Град Скопје.

Лазар Колишевски, Јосип Броз Тито, Вера Ацева

Вера Ацева

Иако од програмите на ВМРО ДПМНЕ, СДСМ и Левица, не може лесно да се воочи разликата какви суштински промени и  новини ќе донесе реализацијата на овие програми, сепак разликата е огромна во самиот пристап кон решавање на градските проблеми, разликата е огромна кога ќе се види билансот на нереализирани ветувања на одборот ВМРО-СДСМ кој раководеше речиси подеднакво со централната и локална власт. Разликата е огромна и кога се разгледува историската и актуелна улога на овие партии. Урбанистичката мафија која го обезличи Скопје, немаше да постои доколку не постоеше партнерскиот однос со неа на одборот ВМРО-СДСМ. Во светлото на празникот 11 Октомври, само партијата Левица може да се препознае, во одредена смисла, како продолжувач на 11-Октомврските заложби и идеали. ВМРО и СДСМ, со своето четвртвековно владеење, ги погазија тие заложби и идеали.

Марија Јонес (Џонс) за градоначалничка на град Скопје
(или, зошто на Скопје му треба градска мајка, наместо градски очув)

 

Левица има свој кандидат за градоначалник на Град Скопје. Тоа е Марија Џонс.
Без претенциозност во компарациите, Марија Џонс е новата Вера Ацева за Скопје.
Спомнато беше дека Ацева своевремено беше обичен работник во тешката тутунска индустрија. Таа беше Ленка која имаше среќа да не нанижи жолти гердани на градите и усни да не свие кораво, туку да се бори со партиските другари и другарите од партизанските одреди и чети, против окупаторите и ограбувачите на народот. Марија Џонс, како активист на Движењето за социјална правда ЛЕНКА, се бореше заедно со своите соборци хонорарци, против неправедниот закон кој ги угнетуваше. Хонорарците, тие модерните тутуноберачи, кои без платен работен стаж и здравствено осигурување, се оставени на милоста на пазарот на доделени и распределени преводи, оставени сами на себе, од месец за месец да се снаоѓаат и стрепат како да ги подмират основните животни трошоци со нередовните и нередовно исплаќани преводи.

Спомнато беше дека Вера Ацева беше избрана во Президиумот на првото заседание на АСНОМ. Марија Џонс е дел од првиот состав на Президиумот на Левица. Партија која исто како КПЈ, во своите програмски заложби е на страната на работниците, партија која исто како КПМ, се залага за социјализам. Скопје слободно живееше и дишеше само во социјализам. Транзицијата од социјализам во капитализам, значеше и транзиција на Скопје од град со планска изградба после земјотресот, во град со непланска, рапидна и груба изградба после осамостојувањето. Како еден од најзагадените градови во Европа, денешно Скопје ги труе скопјани и сите граѓани кои од целата Македонија работат или учат во Скопје. Со нерешени основни комунални прашања, со соголено и урбанизирано Водно, со жители кои можат само да ги гледаат излозите на скапите продавници и кои може само да ги помирисаат јадењата кои се готват во скапите ресторани, со скапа приватизирана Топлификација која испорачува сметки со баснословни суми во зимските денови, Скопје останува да биде метропола само за мал процент граѓани ујдисани со одборот ВМРО-СДСМ. За останатите Скопје е само предградието во кое живеат, и маалото чиј парк пред зграда го нема за да никне нова зграда. Културно-забавниот живот во Скопје е Гранд Продукција и по некој странски диџеј во ноќните барови во кои се забавуваат децата на скопската буржоазија. На младите бендови не им се на располагање младинските културни центри од времето пред транзицијата. Училишните хорови и драмски секции ги нема. Нема ни ужина за основците и средношколците. Скопје се претвора во обичен град од Латнинска Америка каде јасно се гледа јазот меѓу богатите квартови со зеленила, ред и тишина, спрема сиромашните квартови на асвалт, бетон и бучава.

На Скопје му е потребен целосен ремонт. Скопје веќе не е Градот од замислите на неговиот главен проектант после земјотресот, Кензо Танге. Скопје двојно го зголеми бројот на луѓе кои живеат или престојуваат во градот. Во градинките нема место за сите, во сообраќајот нема место за сите. Забрана за натамошно градење згради на Водно е неопходно не само од еколошка гледна точка, туку и како гаранција дека при иден пороен дожд нема да следи лизгање на земјиштето и катаклизма. Скопје првиот пороен дожд во Транзициска Македонија не го издржа, атмосферската канализација не го положи испитот. На Скопје му е потребен ремонт вертикално од длабочините на атмосверската канализација до височините на воздушно Скопје кое сега нема проток на воздушна маса и преставува стаклена градина за отровните ПМ честички. На Скопје му е потребен ремонт хоризонтално, што ќе ја опфати секоја општина, а наместо да се градат нови прескапи згради во постоечките централни населби на местото на некогашните паркови, на Скопје му се потребни нови населби со станови по пристапни цени или целосно нови квартови со социјални станови за семејствата кои со примањата кои ги имаат или воопшто немаат, покрив над главата и не може воопшто да си ги дозволат. Градоначалникот на Скопје мора да биде отпорот против разузданата централна власт на одборот ВМРО СДСМ, а не негова продолжена рака.

На Скопје му е потребна обнова како после голема катастрофа. Втората светска војна беше катастофата од која Вера Ацева го извади Скопје и го постави на патеките на урбаниот и забрзан развој. Четврт вековното владеење на локалниот одбор на владејачката класа ВМРО-СДСМ и нивните градоначаланици, е катастофата од која Марија Џонс ќе го извади Скопје и ќе го постави на патеките на развојот на Скопје во повторно модерен, културно уметнички содржаен град, град кој плански се развива и кој не го губи, туку го развива својот автентичен дух. Скопје нема друга алтернатива.

Автор: Зоран Василески

|2017-10-12T12:59:27+00:0012 октомври 2017|Актуелно, Некатегоризирано, Став|