Веќе со децении знаеме дека согорувањето на фосилни горива и ослободувањето на големи количини на стакленички гасови во атмосферата доведува до глобална промена во климатските модели и дека ефектите кои следат од ова влијаат практично на секој аспект од нашите животи. И покрај сите достапни информации и научни докази, носителите на одлуки ширум светот сè уште не прават доволно за да го решат најголемиот предизвик на денешницата и многу луѓе покажуваат малку или воопшто непостоечки интерес за климатската криза, а некои дури и негираат дека таа воопшто постои. Студиите покажуваат дека нашите политички определувања всушност можат да влијаат на тоа како размислуваме и реагираме на климатската криза.
Дали сте свесни за климатската катастрофа? Колку знаете за истата? Дали знаете што ја предизвикува? Колку сте загрижени за тоа? Дали активно ги поддржувате политиките и политичарите кои работат на борба против оваа криза? Нашите согледувања за климатската криза (или верувања за климатските промени) влијаат на тоа како би одговориле на ваквите прашања.
Но, што ги обликува нашите верувања за климатската катастрофа? Истражувањата покажуваат дека нашата научна писменост, нивото на образование и добивањето информации за климатската криза се слаби индикатори за нашите перцепции (види овде и овде). На крајот на краиштата, многу од оние кои негираат дека климатската криза постои се високо образовани и научно писмени.
Реалноста е дека перцепцијата за климатската катастрофа на една личност е под влијание на голем број внатрешни и надворешни фактори. Многу студии покажуваат дека постарите мажи со помалку години формално образование се групата која е најмногу скептична и најмалку загрижена за климатската катастрофа. Постарите генерации не пораснаа под закана од климатска криза, па затоа е помалку веројатно да имаат силни мислења по ова прашање.
Перцепции за климатската криза на левата и десната страна на политичкиот спектрум
Се чини дека нашите политички определби исто така може да играат голема улога во нашата перцепција за климатската криза. Неодамнешна студија покажува дека ако нашите идеологии лежат на левата или на десната страна од политичкиот спектрум; работнички или конзервативни, републикански или демократски, социјалдемократски или националистички, можеби сме склони да размислуваме за климатските промени и климатските политики на различни начини. Поконкретно, студијата истражува како нашето образование може да има или силно или слабо влијание врз нашите верувања во зависност од нашата политичка определба.
Студијата тврди дека образованието игра важна улога за оние од политичката левица, но неговите ефекти се послаби за оние кои што се десничарско настроени. Улогата на политичката идеологија за верувањето во климатските промени не изненадува. Политичката десница дава приоритет на економскиот раст, додека левицата се фокусира на социјалната и заштитата на животната средина. Сепак, истражувањето истакна дека односот помеѓу политиката и образованието за убедувањата за климатските промени варира од земја до земја, засновано на тоа колку конкретната земја е економски развиена.
Поделбата на десницата и левицата во перцепциите за климатските промени е многу изразена во САД на пример, каде климатските промени се многу политизиран проблем, како што видовме при повлекувањето на САД од Парискиот договор од страна на Доналд Трамп. Во случаи како овој, лојалноста кон конкретни политички страни со силни ставови за климатските политики влијае на верувањата и сфаќањата за климатската криза.
Во Европа, климатските политики се нешто попрогресивни и негирањето на климатската катастрофа не е толку изразено, но ова варира од земја до земја. Студијата тврди дека политичката идеологија игра посилна улога во верувањата во климатските промени во земјите кои се економски поразвиени. Нациите кои се финансиски постабилни се во подобра позиција да го насочат вниманието на јавноста кон прашања кои се сметаат поапстрактни од прашањата за егзистенција и овие држави имаат поголема можност да дадат поголема важност на еколошките проблеми. Се разбира, ова само по себе покажува недостаток на разбирање за сериозноста на последиците од климатската катастрофа.
Во Европа, врската помеѓу политичката идеологија и сфаќањата за климатската криза може многу да варира помеѓу различните региони на континентот. Во Западна Европа, каде што земјите се генерално економски попросперитетни, беше откриено дека политичката идеологија игра важна улога кај луѓето чие политичко определување е на левата страна од политичкиот спектрум. Студијата покажува дека тие изразуваат посилни убедувања, појасно разбирање за причините и сериозноста на климатската криза и негуваат верувања дека со истата треба да се справуваме веднаш преку силни политички и индивидуални акции.
Ова е многу помалку истакнато или пак непостоечко во Јужна и особено Централна и Источна Европа; региони поранливи на економски тешкотии. Генерално земено, климатската катастрофа не е високо политизиран проблем во многу од овие земји. Пониските нивоа на граѓанска свест и загриженост, како и слабото медиумското покривање на кризата значи дека тоа не е проблем што политичарите во овие земји чувствуваат итност да го решат.
Најновиот Балкански Барометар покажува како и покрај тоа што регионот веќе доживува негативни последици од климатската криза, луѓето во овој регион изразуваат пад на интересот за климатската катастрофа, а помалку од една третина од испитаниците изјавиле дека сметаат дека тоа е „многу сериозен“ проблем.
Социјалните научници и истражувачи веќе одамна имаат заклучено дека едноставната едукација на луѓето на темата климатски промени не мора да значи и промена во перцепцијата односно однесувањето на луѓето кон оваа криза. Голем број на лични и надворешни фактори исто така играат многу важна улога, вклучувајќи ги и политичките определби. И покрај ова, еколошките и климатските движења и организации на граѓанското општество, едукаторите и меѓународните тела, продолжуваат да функционираат врз основа на ова верување. Со правилни перцепции и верувања кон климатската криза, луѓето можат да вршат притисок врз креаторите на политики, за тие да ги спроведат потребните промени за справување со кризата. Разговорите за климатската катастрофа треба да ги подигнеме на највисоко политичко ниво, особено во регионите на Балканот и Источна Европа, да најдеме ефективни начини за комуницирање на сериозноста и итноста на оваа криза и да престанеме да гледаме на неа како на партиско, левичарско или десничарско прашање.
The Climate Herald објавува редовни написи поврзани со климатската криза засновани на научни истражувања и разговори со специјалисти од овие области. Наша цел е да обелоденуваме како климатскиот колапс влијае на секој аспект од нашите животи, какви решенија ни се достапни и што треба да се смени за решавање на најголемиот проблем на денешнината.
Автор: Џеј Ди Фаруџиа | Превод и адаптација: Симона Гетова
Џеј Ди работи како проектен менаџер и менаџер на кампањи во приватниот и во граѓанскиот сектор, како и во областа на уметноста и културата од 2010. Некои од овие улоги вклучуваат: управител на граѓанска организација фокусирана на одржлив риболов, креирање и координирање на програми за граѓанско општество и координација на програмата на локален театар. Џеј Ди има МSс во Менаџмент со животната средина и Планирање и завршено додипломски студии во Психологија на Универзитетот во Малта. Тој во моментот е вклучен во различни проекти поврзани со екологијата и животната средина, како и уметнички проекти во Малта, Северна Македонија и на европско ниво.
Симона е докторант во областа на политичката екологија на катедрата за политички и социјални науки на Универзитетот Помпеу Фабра во Барселона. Таа е организатор за климатска и социјална правда и работи на пресеците на политичкото образование, управувањето и колективното делување за социјално-праведни и еколошко-здрави заедници на Балканот и пошироко.