Структурата на двојна моќ во капитализмот

Во социјалистичките системи кои досега беа спроведени, политичката и економската моќ беше концентрирана на едно место, во комунистичките партии. Оваа концентрација беше очигледна кога дојде до реставрација на капитализмот: заедно со политичката моќ, комунистичките партии ја изгубија и економската моќ. Онаму каде што комунистичките партии се „реформираа“ и ја задржаа власта, како во Македонија, тие продолжија да располагаат само со политичка моќ, но не и со економска моќ. Впрочем, онака како што е типично за капиталистичките системи.

Во капитализмот, политичката и економската моќ не се концентрирани на едно место. Постои поделба на моќта. Економската моќ е концентрирана кај капиталистичката класа, а политичката моќ кај политичките партии. И во класата и во партиите, има субјекти чиј удел во моќта е огромен, како и субјекти чиј удел е маргинален, но суштината е дека различни субјекти се носители на економската и политичката моќ, за разлика од досегашните социјалистички системи, каде што центарот на економската и политичката моќ беше еден. Оваа разлика е исклучително важна, бидејќи нејзиното неземање предвид, прво, создава илузија околу опсегот на промени што можат да настанат кога една политичка партија доаѓа на власт наместо друга и, второ, таквата структура има силен легитимизациски ефект за капитализмот, насочувајќи го незадоволството кон центарот на политичка моќ во системот. Да ги објасниме и двете поенти.

Кога една партија доаѓа на власт, доаѓа до замена на носителите на политичката власт. Оваа замена може да се чини како голема, особено кога до неа доаѓа по подолго време откако некој друг ја вршел политичката власт. Но, таа замена, веќе по самата своја природа, е само делумна. Замената на носителот на политичката власт, преку избори или на некој друг начин, сама по себе не доведува до промена на носителите на економската моќ. Тие си остануваат исти. Ако новите носители на политичката власт продолжат и понатаму да не ја проблематизираат воспоставената структура на економска моќ и акумулирање богатство, тогаш во голема мера работите ќе си останат исти. Политичарите се смениле, политиката останала иста.

Дали тоа значи дека е ирелевантно кој ја врши политичката власт, кој располага со политичка моќ? Се разбира дека не. Но, суштината не е толку во тоа дали одреден политичар или партија се чесни и некорумпирани, колку што е околу прашањето дали тие се подготвени да се судрат со носителите на економската моќ или не. Ако не се проблематизира воспоставената структура на економска моќ, дури и да дојдат на власт чесни и некорумпирани политичари, нивниот опсег да ги менуваат работите станува ограничен, а нивната чесност и некорумпираност доаѓа под силен притисок. Корупцијата во капитализмот не е некаква аномалија на системот, туку системска карактеристика. Бидејќи носителите на политичката власт се далеку понемоќни во капитализмот отколку што е јавната перцепција (имено, тие се носители само на политичката, но не и на економската моќ), носителите на економската моќ, крупните капиталисти, врз нив вршат постојан притисок не само да се одржи и унапреди легислативата која оди во нивна корист, туку и „лобираат“ околу тендерите, дозволите за градба, „замижувањето со очите“ и слично. Ако се погоди политичка структура која е чесна и некорумпирана и на тој начин им стои на патот на носителите на економска моќ, тогаш тие ќе ја искористат својата моќ за да влијаат врз перцепцијата на граѓаните за политичката власт во насока на нејзина дискредитација. Неслучајно, медиумската моќ во капитализмот е концентрирана кај носителите на економската моќ. И таа медиумска моќ, во дадениот случај, ќе се користи за да се убедат граѓаните дека политичката власт е диктаторска, дека ја носи земјата во провалија, дека овој или оној носител на политичката власт направил ваков и таков скандал итн. И таа медиумска моќ ќе си го одигра своето влијание врз ставовите на граѓаните кон политичката власт што се држела до својата некорумпираност и на тој начин влегла во судир со носителите на економската моќ.

Сепак, погорниот случај е само теоретски можен. Некорумпирани политичари, кои немаат слух за интересите на носителите на економската моќ, во капитализмот доаѓаат на власт само кога има широка народна мобилизација. Кога неа ја нема, носителите на економската власт си избираат носители на политичката власт. Овој избор се прави преку финансирањето на партиите и преку практикувањето на медиумската моќ. Оние партии што играат по нотите, добиваат пари и медиумски простор, а оние што ќе се осмелат да го нишаат бродот не добиваат ништо од тоа. На тој начин „рамниот“ терен на капиталистичката демократија се накривува во корист на првите. Таа огромна разлика во финансии и медиумски простор силно влијае врз изборниот резултат.

Во формално, но не и фактички суверените земји (односно, во вазалските земји на империјалните сили) изборот на носителите на политичката власт исто така зависи и од империјалната сила. Таа дава амин за практикувањето на политичката власт од страна на оваа или онаа партија. Од нејзина гледна точка, ирелевантно е кој ќе биде носител на политичката власт, сѐ додека тој носител игра по нејзините ноти. Кога ќе дојде до замена на едни носители на политичката власт со други (а кога и двата не го проблематизираат вазалскиот статус на сопствената земја), тоа од гледна точка на империјалната сила е поволно, бидејќи ја одржува жива илузијата дека има демократија, дека граѓаните биле тие што одлучуваат кој ќе владее со нив. Има уште една важна карактеристика за влијанието на империјалната сила во вазалските земји. Таа, исто како и носителите на економската моќ, делува во позадина. Секојдневната политика им ја препушта на носителите на политичката власт, а се вмешува само кога ќе бидат засегнати нејзините интереси.

Погоре ја спомнавме илузијата околу опсегот на промени што можат да настанат кога една политичка партија доаѓа на власт наместо друга. Системот ја перпетуира илузијата дека носителите на политичката власт се единствените носители на моќ. Бидејќи така носителите на економската моќ се во голема мера заштитени од јавниот интерес и јавниот револт. И следствено, ако луѓето не ја знаат структурата на моќта во капитализмот, тие ќе мислат дека, за да се променат работите на подобро, потребно е само да дојдат на власт правилните луѓе. Но, кога се знае оваа структура на моќта, се сфаќа дека, во услови кога нема спротивставување преку широка народна мобилизација, во капиталистичките демократии право да ја вршат политичката власт ја имаат оние што ќе добијат амин за тоа од носителите на економската моќ и од империјалната сила (во случајот на вазалските земји). Уште поважно, дека преземањето на политичката власт не значи преземање на целата власт. Во таков случај, дошло до замена на носителите на политичката власт, но носителите на економската моќ останале исти. Секако, носителите на политичката власт не се секогаш обични марионети на носителите на економската моќ, но нивната сфера на владеење е ограничена, а не неограничена, а нивната моќ – секундарна, изведена. Оттука, тие се истовремено и спроведувачи на интересите на владејачката класа и властодршци. По прашањата што ги засегаат интересите на капиталистичката класа, тие се спроведувачи на нејзините интереси. По прашањата што се ирелевантни од нејзин аспект, тие се властодршци и владејачи.

А зошто ваквата структура на одвојување на носителите на економската и политичката моќ има силен легитимизациски ефект за капитализмот? Бидејќи го пренасочува незадоволството од начинот на функционирање на системот кон носителите на политичката власт и служи како параван што ја прикрива моќта што ја имаат во системот носителите на економската моќ. Зошто не чинат работите? Зашто политичарите не чинат. А не зашто системот не чини. Делегирањето на политичката власт на луѓе кои нужно не се дел од капиталистичката класа, но се подготвени да ги спроведуваат нејзините интереси, овозможува производство на серија на потрошни луѓе, чија функција е да го фокусираат незадоволството врз себе. Тие ќе извлечат лична корист за себе, ќе располагаат со моќ во својата ограничена сфера, но од гледна точка на системот, тие вршат непроценлива работа. Бидејќи се видливиот аспект на моќта во системот, кога двојната структура на моќта во капитализмот не е осознаена, незадоволството на обичниот народ се пренасочува кон недостатоците на демократијата, а не на капитализмот. Од гледна точка на капитализмот, тоа е двојна придобивка: ем аурата на капитализмот останува нечепната ем се гради негативен сентимент кон демократијата, потенцијално секогаш разорно настроена кон капитализмот.

Здравко Савески

|2021-10-25T10:34:52+00:0025 октомври 2021|Актуелно, Економија, Некатегоризирано|