Јавноста, која после груевистичките популистички будалаштини, коишто ја егзалтираа интелектуалната почва во Македонија, исчеличена од еднодекадното умување и концепциско реанимирање, особено на она како не треба да изгледа државата, денес, како и во минатото, се соочува со исти или слични парадокси.
Колку за илустрација може да се земат и немилите настани низ македонските болници. Имено, хоророт со смртта на деца новореднчиња, но и луѓе од која било возраст, во нашава држава продолжува. Дел од критичката јавност, задоена со минатите прерогативи на една критичка и постојано прашувачка „маана“, продолжи да бара одговорност, но и одговори како е можна оваа појава, дури и откако еве режимот падна. Дел од клапата апологети на власта, кои се вгнездија по институции како експерти и советници, но и оние невработените на кои по интуиција срцата им пулсираат во духот на пи-ар стратегиите на владините домофони, ги накострежи потрагата по одговори но и одговорност, а секако и транспарентност на оние кои презеле некаква одговорност да дадат минимум одговор за тоа, што се случува во државава. Требало време, не можело да се решат проблемите туку така, е лекцијата за демократија којашто ја добиваме од страна на овие преторијанци. Но, демократската лекција, за забетонираните умови на партиската олигофренија, претставува само една епизода, којашто беше актуелна само како ефемерна дисциплина, тогаш кога другиот злоупотребуваше, етатизираше и неодговорно се однесуваше со моќта која на крај требаше да се редистрибуира.
Згора на тоа, вчера, министерот за здравство, Арбен Таравари, се одјави од функцијата министер, се пријави за функцијата градоначалник. Во нашава држава, кој што сака прави, без претходно да понесе грст одговорност за својата постапка. Јавноста повторно беше згрозена поради како што го нарекоа „дилетантскиот однос“ на министерот, кој наводно се исплашил од одговорноста.
Меѓутоа, проблем не претставуваат дневнопартиските надмудрувања со серија фејсбук статуси и брилијантни досетки кои го зголемуваат балонот на интелектуалната празнина. Едноставно, македонските прогресивци, па и интелектуалци, доколку ги има и едните и другите, превреднувањето на политичките концепти не го гледаат како превреднување на политичките институции. Дури и таа критика, којашто се однесува на „преземањето одговорност“ од страна на раководните органи на политичките партии кои раководат со дадената институција, претставува релативизиран но и површен политички пристап кој е заглавен во тињата на плиткоумноста и на политичката релативизација, без осет за политичкиот и економскиот фактор во општество како нашево.
Едноставно, сметам дека, „интелектуалците и прогресивците“, не пристапуваат политички на проблемот со здравствените политики, меѓутоа ист е случајот и со останатите области во политичкиот живот во Македонија. Злоупотребата во дневнополитички расправии за случаи како Тамара и другите деца, сведочи за миопичната потенцијалност на идеолозите на ова општество, кадешто стојат само усидрени во партиското мочуриште и прогресот го гледаат во „да дојдеме ние па ќе видите“ или „со нас започна се’“.
Приватизацијата стожерен проблем за состојбата со здравството
Приватизацијата на јавното здравство, претставува стожерниот проблем на македонското здравство. Во последниве 26 години, можеме да посведочиме како цела една јавна здравствена структура преминува во рацете на приватната услужна дејност. Три децении, здравството од година во година станува привилегија за граѓаните на Република Македонија. Можат да си го дозволат само оние граѓани, коишто не ги черечи раката на приватниот работодавач од индустриските сектори, кои практично претставуваат робовите на истите (работодавци). Уште повеќе, да не зборуваме за невработените или примателите на социјална помош. Така робовите се осудени да се лекуваат по државните болници каде целокупната структура е само една башибозук организација без идеја за организам кој би бил во постојан сооднос со останатите области во државава – социјален и трудов сектор, правен сектор, економски сектор итн. Граѓаните плаќаат придонеси за услуги кои не можат да ги добијат во оваа политичка конфигурација на здравството.
Уште потрагична е ситуацијата кога ќе се осврнеме на приватните здравствени установи, чиишто сопственици се луѓе кои ниту се лекари, ниту ги води мотивот за некаква здравствена солидарна иницијација. Тогаш, кога профитот станува главен мотив на ликови како бизнисменот Орце Камчев за инвестиции во приватното здравството, пишете му крст на здравјето на тоа општество.
Проблемот станува уште поголем, доколку се продолжи со персонализирање и барање одговорност од политичките актери, за кои ашиќаре можеме да видиме дека постојано се само инструмент на политичките партии и централен интерес им се интересите на политичките партии. Политичките партии си го носат кабаетот на нивните грбови, а нивните грбови испаднаа челични. Иднината нема да донесе ништо ново, туку само парадокс за неуспешно движење нанапред, доколку не се започне со менување на системот, особено здравствениот. Неопходни се инвестиции во јавното здравство во однос на нови болници, на нови специјализации, особено специјализирање во области коишто претставуваат најслабата карика на нашето здравство, а во исто време се и најчести и смртоносни за граѓаните. Исто така потребан е соработка со приватните болници и среднорочно покривање на трошоците на лицата, коишто јавното здравство не е способно да ги прифати и лекува и секако општествена одговорност на сопствениците на приватните здравствени установи. Состојбата со достапноста на лековите е исто така алармантна. Квотациското планирање на лекови за граѓаните претставува сериозна пречка, особено доколку лековите треба да се снабдат на крај на месец. Многу лекови кои се на позитивна листа, на крајот на месецот ги нема на позитивна листа и истите граѓаните ги плаќаат приватно.
На крај, треба да сме свесни за поврзаното поимање на здравството и општеството, затоа што здравството и општеството не претставуваат диференцијални и независни одредници, туку се иманентно меѓусебе поврзани.