Метрополската полициска служба на Обединетото Кралство, утрово (04.11.2019), од просториите на Еквадорската амбасада во Лондон, го приведе Џулијан Асанж. Ова приведување следеше по одлуката на Претседателот на Еквадор Ленин Морено за повлекување на правото на азил кое му овозможуваше престој во Еквадоската амбасада во Лондон на Асанж. Тој пред седум години побара од Еквадор засолниште, бегајќи од екстрадиција на органите за прогон на Шведска, каде што пак Шведските судови водеа постапка против Асанж во која тој се обвинуваше за сексуален напад кој тој наводно го извршил врз две жени. Подоцна овие обвинувања беа повлечени.
За Асанж особено заинтересирани се органите на правдата на САД, поради објавите на Wikileaks во кои се содржани документи кои според владата на САД се тајни, а чија содржина открива повредување на човекови права, политички манипулации, воени престапи и др. во кои се вмешани официјални лица и државни органи од САД. Во последниве неколку години американската власт ја засили својата реторика против Асанж, особено со изјавата на Мајк Помпео (директор на CIA) во кој тој го означува Асанж како „анти-државна непријателска разузнавачка служба често подржувана од државни актери како Русија“. Од тогаш наваму постојат основани сомненија дека владата на САД има тајно потегнато формални тужби против Асанж.
Еквадор во 2017 на Џулијан Асанж му додели државјанство и се обиде да го испрати како свој дипломатски претставник во Русија. Но англиската полиција одби да го почитува дипломатскиот имунитет на Асанж, па така тој остана во просториите на амбасадата. Во мај 2017 социјалдемократската коалиција PAIS на чело со Ленин Морено ги доби изборите во Еквадор. Оваа влада во 2018 година на Асанж во амбасадата му е забрани пристап до интернет под изговор дека го нарушил договорот и дека се обидел да влијае врз политиките на други држави. Потоа таа наметна и други рестрикции, од типот на ограничување на правото на посети, како и укинување на некои услуги кои ги добивал од амбасадорската админстрација. Во 2018 Асанж поради овие работи ја тужеше владата на Еквадор поради кршење на неговите права.
Во САД неколку еминентни новинарски куќи предупредуваат на опасностите што следуваат по слободата на медиумите и слободата на говорот доколку Асанж биде осуден во судовите на САД. Дејвид Меккроу (главниот адвокат на The New York Times) предупреди на правните последици што би следеле од таквата пресуда со зборовите: „сметам дека гонењето на Асанж би бил многу, многу лош преседан за издавачите. Од тој инцидент, од она што јас знам, тој е во некаква класична издавачка позиција и јас мислам дека законот ќе има многу голем проблем да направи дистинкција помеѓу The New York Times и Wikileaks“. На слични импликации предупредува и The Atlantic во кој стои: „Ако владата на САД го гони редакторот на Wikileaks за објавување на класифициран материјал, тогаш секој медиум е во ризик.“
Од Wikileaks предупредуваат дека администрацијата на Трамп се обидува да го искористи случајот на Џулајн Асанж како кршење на мразот во борбата против слободите на медиумите. Оттаму потсетуваат дека оваа администрација уште од почетокот на својата работа се соочува со низа на протечени документи кои постојано се објавуваат во медиумите во САД. Оттука добивање на судски преседан во случајот на Wikileaks ќе овозможи силен напад врз останатите медиуми во САД. Од Wikileaks дополнително предупредуваат дека вакви пресуди би имале катастрофални последици по слободата на медиумите глоблано. Односно доколку во САД биде осуден Асанж за објавување на документи кои според администрацијата на САД се тајни, тоа ќе повлече да бидат осудени и сите оние кои ги реобјавиле таквите документи. Дополнително според Wikileaks тоа би повлекло и глобален бран на правни реформи во државите по светот со цел тие да се ослободат од слични проблеми кои им се појавуваат со медиумите во вака дефинираната слобода на медиумите.
На приведувањето на Асанж реагираа и многу влијателни новинари и личности блиски до новинарството. Тревор Тим директор на Freedom of the Press Foundation напиша: „Било какви обвинувања против Wikileaks за нивните издавачки активности претставува длабока и неверојатно опасна закана на слободата на медиумите.“ Брус Шапиро (уредник во The Nation) напиша: „Помислата да се направат обвиненија против издавач за протечени документи треба да ги натера предупредувачките сирени да врискаат во секоја медиумска организација, тинк тенк, истражувачки сервис, универзитет… Сѐ уште тајните обвиненија за Асанж, доколку не се предизвикани, можат до темел да го изгорат скелето на американското истражувачко новинарство.“
По приведувањето од страна на Метрополската полиција на Обединетото Кралство Џулијан Асанж ќе биде изнесен пред суд во Англија, покрај другите обвиненија пред овој суд Асанж ќе треба да се брани и поради оптужбата за неплаќање на кауција која британскиот суд претходно му ја одреди.
Автор: Стефан Видиков