Во услови кога власта планира енормно раскрчмување на земјоделското земјиште, добро е да се има предвид дека распродажбата на земјиште е глобален тренд во кој капиталистичката класа заграбува земја во огромни размери. Во продолжение следи извадок на оваа тема од книгата на Џејсон Хикел „Поделба: краток вовед во глобалната нееднаквост и нејзиното решавање“ („Азбуки“, 2019).
На почетокот на 2007 година, се случи нешто неочекувано. Почнаа да се множат извештаите за растечките цени на храната ширум светот, а потоа, одеднаш, за само неколку недели, тоа стана сеопфатна криза. Гледајќи како им се загрозува опстанокот, луѓето излегоа на улиците во голем дел од глобалниот Југ. Во Буркина Фасо, цените на храната пораснаа за 65 проценти, предизвикувајќи протести и нереди во многу поголеми градови во земјата. Во Камерун, протестите станаа насилни и доведоа до смртта на 24 лица. Во Бангладеш, десетици илјади работници маршираа во главниот град. Мексико, Мароко, Мавританија, Сенегал, Брегот на Слоновата Коска и многу други земји беа погодени од слични немири. Во Египет, кризата со цените на храната го галванизира масовното социјално незадоволство што подоцна ќе ја собори диктатурата на Хосни Мубарак. Во 2008 година, ММФ објави дека светските цени на храната се зголемија за 80 проценти за само една година.1 Во светот каде повеќе од половината од населението живее под линијата на сиромаштија, таквиот пораст на цената на храната значеше можно изгладнување на стотици милиони луѓе.
За попатните западни набљудувачи, беше лесно да се окарактеризира оваа криза како природна појава – неизбежен резултат на флуктуирачката понуда и побарувачка на пазарот. И сигурно имаше нешто и од тоа во случајов. Растечките приходи во Кина се претвораа во повисока побарувачка за месо и млеко и, како резултат на тоа, големи делови од земјоделското земјиште во светот се реорганизираа за исхрана на добитокот наместо за исхрана на луѓето. Во САД, побарувачката за биогориво значеше дека една третина од приносот на пченка се насочува кон производството на етанол, при што многу фармери засадуваа помалку култури за храна со цел да фатат повеќе пари на модата со биогоривото. Истовремено, климатските промени предизвикаа суши во низа земји производители на жито, намалувајќи го нивниот обем на извоз; глобалната реколта продолжи да расте, но не така брзо како порано. Растечката цена на нафтата – која достигна историско високо ниво во текот на овој период – исто така можеби имаше врска со ова, покачувајќи ги трошоците за земјоделското производство и за транспортот на храната.2 Но, никој од овие фактори не беа доволни за да се објасни опсегот на она што се случуваше.
Почнувајќи од 1991 година, „Голдман Сакс“ ја искористи новата финансиска дерегулација и одлучи да ги спои стоковните фјучерси – вклучувајќи ја храната – во еден единствен индекс. Тргувачите потоа можеа да шпекулираат на овој индекс, а инвестициските фондови можеа да ги поврзуваат нивните портфолија со него. Тоа беше нов вид на финансиски дериват, еден од многуте такви инструменти кои беа пласирани на Волстрит во тие години. Во најголем дел, инвеститорите не му посветуваа премногу внимание, па индексот многу години беше во финансиска сенка. Но, како што се појавуваа првите навестувања за суб-примарната хипотекарна криза во 2005 година, нервозните инвеститори ги повлекуваа хипотекарните деривати и, наместо тоа, ги трупаа своите пари во стоките за кои се претпоставуваше дека ќе бидат стабилни дури и кога целата останата економија забавува. Резултатот од тоа беше екцесивна шпекулација со стоковните фјучерси, што се одрази на цените во реалната економија. Ова имаше особено драматично влијание врз цените на храната, кои отидоа до небо и достигнаа рекордна висина во 2007 година. Со други зборови, луѓето кои беа доволно паметни да се повлечат од меурот со недвижнините пред тој да пукне завршија со тоа што создадоа друг меур – овојпат на храната.3
Кризата не застана овде. Светските цени на храната продолжија да флуктуираат значително, во 2009 година паднаа на нивото пред кризата, а потоа во 2010 година повторно се искачија, рушејќи нови рекорди.4 Во 2011 година, цените беа два и пол пати повисоки отколку во 2004 година – тренд што беше влошен од временските појави предизвикани од климатските промени, а кои се одразија на приносите во регионите на Русија и Северна Америка што произведуваат пченица. Според извори на ОН, во 2011 година дополнително околу 40 милиони луѓе ширум светот беа втурнати во сериозен глад.5
Како кризата со цените на храната да не беше сама по себе доволно лоша за сиромашните во светот, таа имаше уште еден драматичен индиректен ефект што никој не го предвиде. Инвеститорите ја искористија приликата да купат милиони акри земја ширум светот за земјоделско производство – како за храна така и за биогориво – со цел да извлечат корист од растечките цени. Многу влади се вклучија во играта исто така, загрижени поради идните социјални немири и нестрпливи да обезбедат стабилно снабдување со храна во светот загрозен од климатските промени. Земјите кои не се самодоволни во врска со храната беа особено желни да зграбат обработливи земјишта, особено имајќи предвид дека низа големи земји производители на храна го намалуваа извозот за да се осигураат дека ќе имаат доволно храна за сопствените потреби.
Многу од овие купувања беа заграбувања на земја. Купувањето земја се квалификува за заграбување кога вклучува трансфер на најмалку 500 акри [200 хектари]* што од малосопственичко производство, колективно користење или корист за екосистемот се претвораат во комерцијална активност.6 Заграбувањата на земја можат да обезбедат апстрактна економска корист – зголемување на БДП, на пример – но тие често предизвикуваат еколошка и човечка штета: ранливите луѓе завршуваат дислоцирани од нивната земја, лишени од нивниот пристап до храна и независни средства за живот.
Тешко е да се знае точно колку земја е зграбена на овој начин, зашто многу од трансакциите се извршени тајно, зад затворени врати. Раните проценки од Светската банка ја утврдуваат бројката на 120 милиони акри во текот на деценијата по 2000 година, додека „Оксфам“ тврди дека заграбувањето земја достигна дури до 560 милиони акри во текот на истиот период, отприлика колку големината на Западна Европа.7 Овие бројки е тешко да се верификуваат, но најновите податоци од „Ленд Матрикс“, кој ги заведува само потврдените транснационални трансакции од 2000 година, покажуваат дека биле заграбени 162 милиони акри преку околу 1.500 зделки, кои или се веќе склучени или сѐ уште се договараат.
Иако најголемиот дел од заграбувачите на земја се инвеститори од богатите земји, а најголемиот дел од таргетираната земја е во сиромашните земји, приказната за заграбувањето земја не е црно-бела приказна за Северот што го ограбува Југот.8 Британија е најголемиот заграбувач на земја според бројот на зделки што ги има направено, а САД е најголем според вкупниот обем на своите заграбувања, но Кина и Индија не се далеку назад. А околу третина од сите заграбувања земја вклучуваат регионални инвеститори. Приказната е многу појасна ако ја погледнеме во класни рамки. Заграбувачите на земја се секогаш богати, без оглед од каде се (впрочем, најбогатиот 1 процент сега е глобална класа), додека луѓето што се дислоцирани од земјата се секогаш сиромашни. Всушност, заграбувачите на земја се склони да ги таргетираат оние региони каде луѓето немаат формално законско право на нивната земја и каде жителите се премногу сиромашни за да поднесат сериозни поплаки до судовите. Тие исто така се склони да ги преферираат земјите со ниски резултати за владеењето и онаму каде локалната корупција значи дека зделките можат да се склучат брзо и тивко – тренд што, патем кажано, ја свртува наопаку конвенционалната претпоставка дека доброто владеење привлекува странски инвестиции. На пример, Јужен Судан ги привлече едни од најголемите, најматни кражби на земја откако стекна независност, пред да воспостави соодветна власт, па дури и пред да бидат исцртани соодветните карти на новата држава.
Ова објаснува зошто 66 проценти од земјата што е заграбена помеѓу 2000 и 2010 година беше во Африка, достигнувајќи до 4 проценти од вкупната земјишна маса на континентот.9 Африка е идеална мета, зашто многу заедници се склони да ја држат земјата колективно, без формални права. Контролата над конкретни парцели често се утврдува врз основа на обичајните норми или усната традиција. А голем дел од оваа земја технички е во посед на државата – рецидив од колонијалната ера, кога европските влади едноставно присвоиле големи делови земја за себе преку законски налози. Оваа контрола им ја олеснува работата на политичарите и бирократите во Африка за бадијала да им продаваат земја на странските инвеститори или да им ја изнајмат за возврат на митото што купувачот е подготвен да го даде. Во многу случаи на заграбување земја, и двете страни се вклучени во очигледна корупција. А што се однесува до фактичките жители на земјата – тие се оние што на крајот ја плаќаат вистинската цена: тие ги губат своите домови, своите ресурси, своите средства за живот и своите заедници.
На многу начини, ова сценарио потсетува на заградувањата во Англија или на расчистувањата овековечени во „Плодовите на гневот“ на Џон Стајнбек. И многу често, државите што раздаваат земја веќе страдаат од сериозни проблеми со гладот.10 Во Либерија, 75 проценти од земјата во државата беше во рацете на крупните инвеститори во 2012 година, додека 24 проценти од либериските деца беа недоволно исхранети.11
Не сите заграбувања земја имаат цел подобрување на сигурноста на храната за заграбувачите. Фрапантно, некогаш заграбувањето се врши во име на подобрувањето на состојбата на ограбените. Кога се зголеми гладот по кризата со цените на храната, Г-8 и повеќе од 200 од најголемите агробизнис корпорации во светот (вклучувајќи ги „Монсанто“, „Сингента“, „Каргил“ и „Кока Кола“) ја искористија приликата за да започнат нов бран на заграбување земја врз наводно хуманитарна основа. Во 2012 година, тие ја стартуваа „Новата алијанса за сигурност на храната и исхраната“, која си зацрта за цел „да избави 50 милиони луѓе од сиромаштија во следните 10 години преку инклузивен и одржлив земјоделски раст“. Селаните-фармери се забележливо отсутни од алијансата. Проектот им ветува земјоделска помош и приватни инвестиции на африканските земји кои ќе се согласат да ги променат нивните закони со цел да се „олесни“ пристапот до земјата за странските фирми. Десет земји се приклучија, согласувајќи се да ги намалат корпоративните даночни стапки, да ја олеснат извозната регулатива, да ја продолжат должината на закупот и да одвојат огромни парцели на најдобро земјоделско земјиште за агробизнисите. Во Брегот на Слоновата Коска, овие зделки треба да им пренесат на странските компании околу 1,5 милиони акри, што, според извештајот од 2013 година на групата која ги внимава работите „Греин“, „ќе дислоцира десетици илјади фармери кои одгледуваат ориз и ќе ја уништи егзистенцијата на илјадници мали трговци – токму оние луѓе за кои Г-8 тврди дека ќе бидат ‘главните добитници’ од нивната Нова алијанса.“12
Земјата не е единственото јавно добро кое Алијансата се стреми да го загради.13 И семињата исто така се на агендата. Еден договор со Мозамбик бара тој „систематски да престане со распределбата на бесплатни и неподобрени семиња“. Танзанија беше натерана да изгласа нов Закон за семињата што ги штити корпоративните патенти на биолошкиот материјал. Слични „реформи“ им се натурени и на осумте други земји-учеснички.
Производството на храна и биогоривото можеби се најголемите двигатели за заграбување земја, но има и многу други сектори кои исто така се вклучени. Во Папуа Нова Гвинеја, повеќе од десетина од земјата на државата беше зграбена во една деценија и предадена на странските компании за сеча на дрвја, желни да ги активираат своите пили во познатите џунгли од тој регион.14 Во Камбоџа, 5 милиони акри – или половина од вкупното земјоделско земјиште – им беа предадени на приватните компании, главно за производство на шеќер. Толку многу камбоџански селани беа незаконски отстранети од нивната земја што новиот извоз на шеќер стана познат како „крвав шеќер“.15 Во цела Југоисточна Азија, околу 1 милион акри се претворени од селски имоти во плантажи за каучук, со кои работат кинески компании, подготвени да го снабдуваат незаситниот пазар на автомобилски гуми во Кина.16 А датабазата на „Ленд Матрикс“ покажува дека десетици заграбувања земја се извршени заради туризам. Една кралска компанија од Абу Даби неодамна се стекна со 5,5 милиони акри од ливадите на Јужен Судан, кои планира да ги преобрази во луксузен резерват за рекреација, зачинет со хотели со пет ѕвезди.
Но можеби највознемирувачкиот скорешен тренд е што заграбувањето земја сега се врши и во името на најпрогресивната кауза на овој век: ублажувањето на климатските промени. Во 2005 година, Обединетите Нации и Светската банка почнаа да развиваат нова стратегија за намалување на емисиите на стакленички гасови, позната како РЕДД, или по нејзиното помалку несмасно целосно име – Намалување на емисиите поради дефорестацијата и шумската деградација. РЕДД им дозволува на компаниите во богатите земји да купуваат јаглеродни кредити за да ги заобиколат своите ограничувања околу емисиите, а потоа ги употребува тие пари за да ги заштити шумите во земјите во развој од тоа да бидат исечени за комерцијални цели. Основната иновација на РЕДД е што утврдува дека нашиот сегашен економски модел им припишува вредност на шумите само кога се сечат дрвјата и се претвораат во стока; тој не успева да ги земе предвид разорните – и неверојатно скапите – трошоци кои ги предизвикува дефорестацијата во обликот на климатски промени. Во нормални услови, шумите служат како апсорбери на јаглеродот, но кога се уништуваат, тие испуштаат големи количини јаглерод во воздухот; дефорестацијата придонесува со 20 проценти од вкупните глобални емисии на стакленички гасови. РЕДД се стреми да го поправи овој ценовен неуспех, со тоа што им овозможува на сопствениците на шуми да профитираат од несечењето на дрвјата, утврдувајќи дека шумите обезбедуваат важна „еколошка услуга“ за целото човештво и дека поради тоа треба да им се припише економска вредност.
Во теоријата, ова изгледа како добар чекор. Но во практиката тоа имаше разорни последици. Во многу случаи, пилот-проектите на РЕДД доведоа до присилно отстранување на домородните заедници од шумите врз основа на тоа дека нивните земјоделски практики придонесуваат кон дефорестацијата. На пример, во Кенија владата соработуваше со планот на РЕДД, предводен од Светската банка, преку отстранување и уништување на домовите на 15.000 домородни Сенгверци, кои живеат во шумата Ембобут. РЕДД исто така поттикна нов бран на заграбување земја: корпорациите и државите се брзаат да купуваат шуми во земјите во развој со цел да заработат пари од исплатите, практика која сега е позната како „јаглероден колонијализам“. Некои ги користат дупките во РЕДД кои фактички дозволуваат дефорестација на изворните шуми ако се засадат нови шуми на некое друго место – дури и кога овие нови шуми испаднат дека се плантажи. Со други зборови, токму некои од компаниите кои поттикнуваат дефорестација преку заграбувањето земја сега заграбуваат уште повеќе земја со изговор дека ја надоместуваат еколошката штета што ја предизвикаа. Наместо да ги заштити шумите од разорните пазарни сили, РЕДД брзо ги внесува шумите во пазарот. И на крајот тоа ќе доведе до нула намалување на емисиите на јаглерод на самиот извор; всушност, целата идеја околу јаглеродните кредити е да им се овозможи на загадувачите да го избегнат намалувањето на нивните емисии преку плаќање за нивното заобиколување на правилата.
*
Иако локалните елити можат да заработат пристојни профити, еколошката штета што заграбувачите на земја им ја нанесуваат на земјите во развој е огромна. Но, има и значителна финансиска штета. Во многу од овие зделки, земјата се продава со цени на распродажба – доста пониски од нејзината фактичка вредност. Примерите од Етиопија и Перу покажуваат дека инвеститорите на крајот плаќаат околу 0,50 долари за акр годишно, па дури и само 0,30 долари за акр.17 Дури и при умерените проценки, реалната вредност на земјата на меѓународниот пазар е веројатно блиску до околу 600 долари за акр годишно;18 толку треба да заработуваат земјите од глобалниот Југ на нивните трансакции за земјата. При овој износ, вистинската вредност на земјата што е зграбена на глобалниот југ од 2000 година достигнува до околу 97 милијарди долари. Тоа е вредноста само на едногодишниот закуп; вкупната вредност расте како се зголемуваат и годините. И, се разбира, оваа бројка не ни кажува ништо за профитите кои ќе се направат од земјата во ерата на високи цени на храната, растечка побарувачка и опаѓачка понуда.
Некои од овие зделки креаторите на политиките во таргетираните земји можат да ги оправдуваат врз основа на тоа дека тие ќе обезбедат даночни приходи од корпоративната добивка. Но, имајќи го предвид фактот дека повеќето инвеститори кои се вклучени во ова се способни целосно да го заобиколат даночниот систем, не е изгледно дека некогаш ќе се материјализираат значителни придобивки.
Забелешки
1 Fred Pearce, The Land Grabbers: The New Fight Over Who Owns the Earth (Boston: Beacon Press Books, 2012), p. 23.
2 Pearce, The Land Grabbers, pp. 22–3.
3 Pearce, The Land Grabbers, p. 25. На 26 стр. Пирс пишува: „Во 2003 година имаше 13 милијарди долари во фондовите за земјоделски стоки. Но до 2008 година многу коментатори сметаа дека бројката е преку 300 милијарди.“ Види и Frederick Kaufman, ‘The food bubble’, Harpers, July 2010.
4 Ова е според графиконот на ФАО за индексот на светската цена на храната.
5 Olivier De Schutter, цитиран во Pearce, The Land Grabbers, p. 24.
* Еден акр има околу 0,4 хектари.
6 Ова е дефиницијата што ја користи Land Matrix (www.landmatrix.org).
7 Pearce, The Land Grabbers, p. ix. Околу прашањето на транспарентноста, види Josie Cohen, ‘What’s in a number? Why the struggle to quantify the global land grabbing crisis is part of the problem’, Global Witness, блог пост, 11 March 2014, https://www.globalwitness.org/en-gb/blog/whats-number-whystruggle-quantify-truncated/.
8 ‘Land grabs: the facts’, New Internationalist, May 2013, p. 17.
9 Ова е според првите податоци на „Ленд Мактрикс“, во 2012 година. Тие тврдеа дека 124 милиони од 203 милиони хектари се заграбени во Африка – преку 4 проценти од вкупната земја на континентот. Седумдесет проценти од зделките за кои објави Светската банка во 2008-2009 година се во Африка. Fred Nelson, ‘Who owns the Earth? A review of Fred Pearce’s The Land Grabbers’, World Policy Blog, 5 October 2012, http://www.worldpolicy.org/blog/2012/10/05/who-owns-earth-review-fred-pearces-land-grabbers.
10 Две третини од државите што раздаваат земја страдаат од проблеми со гладот. ‘Land grabs: the facts’, New Internationalist, May 2013.
11 ‘Land grabs: the facts’, New Internationalist, May 2013.
12 ‘The G8 and land grabs in Africa’, GRAIN, 11 March 2013, https://www.grain.org/article/entries/4663-the‑g8‑and-land-grabs‑in‑africa.
13 Како во однос на земјата така и во однос на семињата, државите се натерани да направат регистри, кои ги откриваат можностите за инвестирање што корпорациите можат да ги искористат. ‘The G8 and land grabs in Africa’, GRAIN, 11 March 2013.
14 Pearce, The Land Grabbers, глава 16.
15 Pearce, The Land Grabbers, глава 17.
16 Pearce, The Land Grabbers, глава 18.
17 Joseph Holden and Margarethe Pagel, ‘Transnational Land Acquisitions’, EPS PEAKS, January 2013, http://partnerplatform.org/?azrv33t9.
18 Според една студија на IFPRI, наведена во ‘Outsourcing’s third wave’, The Economist, 1 May 2009.