Дијалог со Андријана Папиќ по повод 9 години „Прво па женско“

Оваа година во програмата на „Прво па женско“ изработена е и дискурзивната програма „Бескраен попис на екофеминистичка мисла и практика“, курирана од Кумјана Новакова и кокурирана од Јана Старделова и на неа учество ќе земе и Андријана Папиќ Манчева. Таа е работница во ХЕРА – Скопје, а како активистка за посветла иднина се занимава со НУЛА отпад, нешто за кое што треба да се учи. Таа е веќе една декада во Фестивалот „Македокс“ и свесна е дека одлуките за спас на планетата Земја не може да се носат индивидуално, туку колективно.

Никола Шиндре: „Ланското интервју со ППЖ го завршивме со цената на електричната енергија, но годинешново ќе го започниме со тоа прашање затоа што лани цената скокна за 10 %, а најавен е повторно скок во височина од 3-4 %. Каков е Вашиот екофеминистички пристап кон цените на енергенсите, начините на производство и родовиот јаз?“

Андријана Папиќ: „Живееме во линеарна економија која ги експлоатира ограничените природни ресурси и сиот жив свет за да создаде производи за еднократна или краткорочна употреба – производи кои ние, потрошувачите, потоа ги фрламе во ѓубре. Барем во Македонија јасно е дека речиси сето ѓубре завршува на над 300 депонии, неколку познати и делумно стандардизирани и еден куп диви – и таму останува со години, загадувајќи ги и воздухот и почвите и водите. Со почетокот на пандемијата лани општо се намали потрошувачката на добра и енергенси, па за да се ублажи дел од загубата на профитот кај нас, струјата поскапи и покрај тоа што здравствената криза удри по џебот на луѓето. Поскапувањето на струјата повлекува поскапување на ред други добра, што секојпат директно ги засега граѓаните, а особено маргинализираните и ранливите заедници.

За транзицијата кон нови обновливи извори на енергија кај нас и натаму главно само се дискутира иако горењето на фосилните горива, а со тоа и производството на струја, е еден од двата клучни фактори за климатската криза.

Постојниот систем не може да успее без експлоатацијата ама ни без консумеризмот. Па така, секојпат кога посегаме по паричникот за да купиме одреден производ или услуга, на еден начин „гласаме“ ЗА актуелниот начин и обем на производство, односно за експлоатацијата – како на луѓето, така и на природните ресурси. Доколку начинот на производство не се смени, нема да се сменат ни релациите што се дел од него, ниту родовиот јаз, па, на пример, брендовите на брзата мода и натаму ќе лансираат по 52 колеции годишно и ќе нè уверуваат дека станале поодржливи затоа што една од колекциите е од скроз еколошки материјали – што и да значи тоа! Жените и децата ќе шијат по последна мода, исполнувајќи нехумани норми во ужасни работни услови за ич пари, почвите и водите ќе стануваат се’ позагадени со хемикалиите со кои се фарбаат или избледуваат фармерките, а здравјето на сиромашните ќе трпи најмногу поради планините од облека што т.н. развиени земји свесно ги извезуваат во вековно експлоатираните и ограбувани земји.“

Н. Ш. Нема добро урбанистичко планирање. Целата екумена е загрозена. Од една страна градењето треба да запри, но во спрега со барањето за стопирање се материјалните животни прашања на едни од најугнетените работници во ова општество – градежниците. Како сметате дека ова може да се надмине?

А. П. Животните прашања на вработените не смее да се потценат, но не смее ни да се користат како изговор за работењето на индустрии кои бизнис-интересите ги ставаат пред јавното добро и здравјето на граѓаните.

Уништувањето на јавните простори како места за социјализација, подигањето згради со огромен број на станови преку чии тераси може да се види што прави комшијата откаршија, сечењето на раззеленети дрвја чии крошни не може да се надоместат со едвај пркнатите новопосадени дрвца и тоа само поради потребата од паркинг или канализација за нововселените станари или поради киното во Кисела Вода каде што со години ништо не се случува, драстично го уназадуваат квалитетот на живеење за секој од нас, па вклучително и за оние кои го вадат лебот како градежници. И кога мислам на квалитетот на живеење, првенствено мислам на здравјето кое е неделиво од животната средина.

Кога човекот сака да се развива, природата најчесто се гледа како пречка или како нешто што може да се експлоатира. И човекот гради, црпи без усул и мисли дека напредува, а всушност тој најмногу губи. За да се надмине поривот за профит, во градежната и која било друга индустрија, човекот треба да се гледа себеси како дел од природата и да сфати дека квалитетниот живот значи чист воздух, чиста вода и пристап до образование, здравствени услуги и култура за сите луѓе подеднакво, што бара засукување ракави и системски промени – за да може квалитетниот живот да постои и во главниот град и надвор од него. Само така ќе можеме да се запрашаме зошто се гради толку многу, зошто не се гради попаметно и по мерка на човекот – и навистина да сакаме да ги слушнеме одговорите.

Н. Ш. Во сета таа изградба на градот нема план за ниту една нова детска градинка, ниту едно ново училиште, нема веќе јавни диспанзери за жени или деца. Пандемијата изнесе многу работи на површина. Како жените можат да преживеат без овие јавни услуги (здравство, просвета и социјала)?

А. П. Невидливиот вирус ги направи уште повидливи родовата нерамноправност и системската исклученост на маргинализираните и ранливите групи на граѓани. Поради отсуството на системска поддршка, жените мораа или да ја жртвуваат својата каква-таква економска независност или да жонглираат со работните и домашните обврски, вклучително и грижата за децата. Некои бремени жени добија отказ поради користење на мерките за заштита од ковид, а оние текстилни работнички кои не добија отказ, си го ризикуваа здравјето возејќи се во преполни автобуси кон фабриките. Ромките во Шуто Оризари не само што цела година немаа матичен гинеколог, туку останаа и без доволно матични лекари, што директно го загрози нивното здравје, вклучително и репродуктивното, и тоа во услови на пандемија.

Оттука, ако вистински тежнееме кон правично и рамноправно општество, тогаш мора да постои системска поддршка особено за помалку привилегираните и ранливите, кои секојпат ќе бидат први на удар во услови на криза, независно дали зборуваме за пандемија или за климатската криза. Пристапот на жените до здравствена заштита и образование значи и намалување на јаглеродните емисии и ублажување на еколошката деградација. Интерсекционалноста е нужна (и) во справувањето со последиците со климатската криза, па ако нашата држава реши да му пристапи на ова прашање сериозно, тогаш не би смеела да заборави на родовата рамноправност.

Н. Ш. Сиромашните граѓани произведуваат помалку отпад затоа што помалку трошат. Тој што не може да троши не може баш да загадува. Како да го насочиме вниманието кон вистинските загадувачи – крупните капиталисти?

А. П. Корпорациите и постапувачите со отпад, кои ни го сервираат рециклирањето како единствен спас од ѓубрето, а селектирањето како наша одговорност, користат лажен зелен маркетинг за да нѐ убедат дека ние, потрошувачите, сме виновни за сеприсутното ѓубре. Но, кога производителите би биле обврзани да мислат каде ќе заврши нивниот производ по користењето и кога би се занимавале помалку со пакувањето и маркетингот, а повеќе со тоа како навистина да го подобрат животот на човекот, тогаш ние не би морале да избираме само од производи спакувани во непотребна амбалажа и со многу краток рок на употреба, нели? Или од рафтови полни со токсични производи за чистење на домот и за бебешка нега?

Арно ама, за крупните капиталисти – а неретко и за државата – поважен е профитот од здравјето на луѓето и на планетата, па за жал, останува на нас самите да се освестиме за штетните практики и да реагираме. Имаме повеќе опции – една е бојкотирањето, уште една т.н. дивестирање, односно повлекување на нашите пари од банки, универзитети, религиски институции, пензиски фондови или добротворни организации кои ги поддржуваат нафтените компании. На располагање ни се и ненасилната граѓанска непослушност, грасрут активизмот и јавните кампањи кои ќе покреваат свест, ќе едуцираат и ќе бараат системски промени од оние кои се платени да работат во најдобар интерес на граѓаните, а со тоа и на животната средина.

Н. Ш. Ова интервју е замислено како продолжение на претходното, па бидејќи лани беше кажано дека ППЖ верува во солидарноста што раѓа сојузи, сега следи кога, со кого и како да се солидаризираме за едно поправедно оштество, една можна визија – една ставка од бесконечниот попис на екофеминистичка мисла и пракса?

А. П. „Нула отпад“ ме поттикна да видам што имам во кантата дома, да почнам од себе, од домот, но попат ми стана јасно дека нема многу фајде ако и другите не можат ефективно да го намалат количеството на ѓубре што го фрлаат. Оти ѓубрето е пример за лош дизајн, симптом на неодржлив систем и неделив од привилегираноста. Селин Симаан од „The Slow Factory Foundation“ вели дека политиките се кројат според културата, а културата ја создаваме ние луѓето. Што значи дека ако сакаме да смениме нешто, мораме да делуваме заеднички, колективно. А ова несомнено изискува здружување со маргинализираните и ранливите граѓани и граѓанки, со оние кои се секојпат први на удар, затоа што ако повторно ги занемариме нивните потреби, права и знаења – само затоа што наводно се малцинство! – и не учиме од нивните искуства, тогаш не можеме да транзитираме кон одржлив и правичен систем кој мора да почива на солидарност и инклузивност.

Сојузите треба да ги градиме и со сите оние кои се спремни да излезат од личната комфорна зона, да ја препознаат својата привилегираност во општеството и да ја искористат за доброто не на идните генерации, туку на нас сите, сега.

|2021-06-12T10:09:18+00:0012 јуни 2021|Актуелно, Култура, Став|