Агорофобијата на власта

Од денес (24.6.2022) Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство на барање на Јавното претпријатие „Национални шуми“ воведе забрана за движење низ шумите на Република Северна Македонија од 06:00 до 20:00 часот поради заштита од појава на пожари предизвикани од планинарите во текот на летните топли денови.

Власта во нашата држава очигледно не сака да не заштити од пожари, туку сака да се заштити од навремено пријавување на пожари, навремено пријавување на неоснована дрвосеча и сака да забрани пристап до единствениот простор за свеж воздух во нашата држава – планините и шумите. Тезата дека луѓето кои ја ползуваат придобовката да се движат низ планините предизвикуваат пожари намерно или немарно треба веднаш да се напушти.

Прво, планинарите и сите кои се движат низ шумите ја вреднуваат природата. Никој кој сака да ја запали шумата не се качува со своите испрашинети патики до Средно Водно или до Голема или Мала Ливада на Баба Планина. Луѓето кои сакаат своето попладне да го поминат во движење за да ги избегнат консумеристичките навики, како разладување во ресторани или кафулиња или пак летување на плажа едноставно веќе нема да можат, барем до крајот на летото.

Може да се каже дека на некој начин власта сака да ја сокрие својата неодговорност кон шумите. Со отпочнувањето на енергетската криза дрвосечата зеде уште поголем замав. ЈП „Национални шуми“, но и приватните дрвосечачи (легални или нелегални) ги опустошија горите кои Владо Малевски ги ставил во нашата химна. Точно тие на кои им е сега забрането да се движат низ шумите пријавија за пожарите во Беровско лани, за сечата во Папрадишта пред нецел месец, но и пријавуваат постојано за дивите депонии низ горите зелени.

Левичарите и зелените одамна зборуваат за намалените зелени површини, за намалените капацитети на власта да се справи со дрвосечата, со климатската катастрофа, со обновата на шумите. Во последните деценија или две нема веќе ниту реклами (повици) за пошумување ниту реално обновени шуми низ нашата држава. Брдата се соголуваат побрзо од соголувањето на вистинското лице на капиталистичката власт.

Сепак, оваа одлука на власта ќе биде проследена со некакви специјални дозволи за движење низ шумите во периодот на летото. Едноставно не може да опстои апсолутна забрана за движење низ шумите затоа што власта има одредени бенефиции од движењето низ шумите, како дрвосечата, берењето на одредени шумски плодови во текот на доцното лето за кои што постои регулиран откуп, веројатно пасиштата и некои организирани патувања. Но, власта сака граѓаните да треба да го оправдуваат својот влез во шумата.

Многумина ќе се обидат да ја рационализираат оваа забрана, како што ја рационализираа за време на пикот на пандемијата со КОВИД-19 пред година или две, но треба да сфатат дека неоправдливите забрани кои опстојуваат не водат во поголема замка од таа што се наоѓаме во моментот. Така, кога еднаш ќе се имплементира сосема нелогична забрана без да добие соодветни реакции многу е голема веројатноста дека таа ќе опстои, па и ќе се прошири. Доказ за ова е самата оваа забрана која настана во време на пандемијата, а опстојува и денес кога климатската катастрофа и урбаната мафија ја убија надежта дека градот ќе биде убав.

Откинувањето на врската на човекот со шумата е сосема спротивна на самата природа на човекот. Човекот и покрај тоа што од секогаш сакал да ја совлада Природата ја знаел и вреднувал нејзината моќ, па така најчесто барал засолниште во шумите, во горите, на ридовите, некогаш за да се сокрие, а некогаш за да се покаже.

Висока е казната што некој треба да ја плати доколку биде фатен како се движи низ шумите, а нема соодветна дозвола, но далеку повисока цена плаќаме за односот на власта кон нејзините поданици третирајќи ги сите како потенцијални криминалци, потпалувачи на шумски пожари, загадувачи, нарушувачи на јавниот ред и мир.

Конечно, левичарските и зелените активисти треба малку повнимателнно да ги разгледаат овие забрани и да протестираат против несоодветната заштита на македонската гора. Луѓето не смеат да се откинат од Природата затоа што само заедно со Природата ќе може да се надмине климатскатаа катастрофа и сушата која ни следува.

И комитите и партизаните и идните борци за слобода отпорот ќе го започнат од таму, од горите кои ќе треба од ново да ги раззелениме, како со нашите орудија, така и со нашите песни.

 

„Горо ле горо зелена“

I

Горо ле, горо голема, имаш ли шума зелена,

Имаш ли трева зелена, да си напасам стадото?

Рефрен:

Хеј, хеј, да си напасам стадото.

 

II

Имаш ли вода студена, да си напојам стадото?

имаш ли сенка дебела, да си пладнува стадото?

Рефрен: Хеј, хеј, да си пладнува стадото.

 

III

Имаш ли камче метерис, имаш ли долче скривалче?

Имаш ли ритче пусија, имаш ли место за борба?

Рефрен: Хеј, хеј, имаш ли место за борба?

 

IV

Секое камче метерис, секое долче скривалче,

секое ритче пусија, секое рамниште за борба.

Рефрен: Хеј, хеј, секое рамниште за борба.

 

Димчевски Ѓорѓи. Седенка се збира. Скопје: Културно-просветна заедница на Скопје. 1986.

 

Никола Шиндре

|2022-06-24T08:23:34+00:0024 јуни 2022|Актуелно, Вести, Екологија|