Здравко Савески: „Консумеризам за сите – уште малку“

Класна борба, класен компромис и класен консензус

Ние, марксистите, веруваме во класната борба е неизбежна. Дека историјата е историја на класните борби. Дека интересите на различните класи се спротивни едни на други и дека, сѐ додека опстојуваат класи во едно општество, мора да има класна борба.

А сепак, неа, класната борба, како да ја нема денес. Ретки се штрајковите, а да не зборуваме за доведувањето во прашање на доминацијата на капиталистичката класа и на самото постоење на капиталистичкиот систем. Дали тоа значи дека повеќе не важи едно од клучните тврдења на Маркс и Енгелс, за непомирливоста на интересите на различните класи?

Класната борба постои и кога се чини дека ја нема. Впрочем, во самиот „Манифест“ се зборува за постоење и на скриена класна борба.[1] Таа не е подробно образложена, но треба да се има предвид дека, наспроти здраворазумската претпоставка дека борбата мора да вклучува офанзивни акти од двете страни, класната борба нужно не е двонасочна. Таа може да биде и еднонасочна. Таа е таква кога доминантната класа ја толчи доминираната, а таа не го возвраќа ударот. Наспроти илузиите на социјалдемократијата, класната борба во капитализмот не може да ја нема. Кога работничката класа ќе се откаже од борбата во името на класниот мир, тогаш таа само станува еднонасочна класна борба, борба што се води само од капиталистичката против работничката класа. А бидејќи е еднонасочна, бидејќи нема возвраќање, таа не е лесно воочлива, не е отворена, туку скриена. Таа е таква кога без спротивставување се разбива солидарноста меѓу работниците, кога работниците се отпуштаат еден по еден, кога се кршат законите на нивна штета, кога се прават закони на нивна штета, кога се прават закони што доведуваат до концентрација на општественото богатство во рацете на капиталистите. Наизглед нема класна борба, а фактички има скриена и еднонасочна класна борба.

Се разбира, како и во секоја борба, може да се случи да дојде до примирје. Класното примирје, попознато како класен компромис, е ситуација кога при (двонасочна) класна борба двете страни ќе договорат некој компромис. Најголемиот и најважниот компромис во капитализмот е воспоставувањето на т.н. „држава на благосостојба“ во западните земји. По децениите жестока класна борба, по најголемата депресија во историјата на капитализмот (таа од 1929 година), кога опстанокот на капитализмот висеше на конец – доминантната класа се согласи да се прошири благосостојбата и на работничката класа, а претставниците на работничката класа се откажаа од доведувањето во прашање на доминацијата на капиталистичката класа. Овој компромис доминантната класа го почитуваше… сѐ додека спротивната страна располагаше со моќ. Кога повеќе не беше така, од 1970-тите доминантната класа премина во офанзива и, во своето неолиберално дивеење, во следните децении успеа да поврати голем дел од отстапките кон работничката класа.

Иако работничката класа изгуби голем дел од придобивките, се чини дека таа денес е помалку подготвена да ги скрши своите окови од кога било претходно. Зошто е така е исклучително важно прашање. Нејзиното разоружување е показател за енормниот идеолошки успех на капиталистичката пропаганда. Но, не одигра улога само идеолошкиот фактор. Идеалот на благосостојбата во значителна мера беше материјализиран како имање свој удел во консумеристичките угодности, овозможени од капитализмот, поради што еднонасочната класна борба, парадоксално, поприми карактер на класен консензус. Така, постои еднонасочна класна борба, работничките права се намалуваат и кршат, работничката класа се држи долу, прераспределбата на општественото богатство и моќ во корист на капиталистичката класа непречено се одвива, ама одговорот на овој пир изостанува. Но, тоа не е целосната слика. Оваа состојба не само што не се делегимитира, туку се прифаќа, стекна карактеристики на класен консензус. Станува збор за консензус, а не само за компромис, бидејќи оваа состојба се прифаќа како позитивна од работничката класа и без оглед на непочитувањето на компромисот на „државата на благосостојба“ преку нејзино разградување од страна на капиталистичката класа. И тој класен консензус на доцниот капитализам гласи: „Вие трупајте си невидени богатства, концентрирајте си енормна економска и политичка моќ, сѐ додека ние имаме удел во консумеристичките угодности, можеби ќе вревиме, но нема ништо да преземаме што системски ќе ги промени работите.“

И волкот сит и овците на број.

Експлозијата на производните сили и победата над оскудицата

Овој класен консензус беше овозможен од експлозијата на производните сили по Втората светска војна. Таа овозможи, прво на Западот, а потоа и во полупериферијата на капитализмот, консумеристички угодности за широко мнозинство од населението. Не само што гладот и немањето покрив над главата станаа маргинална појава, ограничени само на „невидливите“ припадници на општеството, туку и угодностите на буржоаскиот живот (разните апарати за домаќинството, автомобилите, мобилните телефони, туризмот на светски дестинации) станаа дел од секојдневието на рекорден процент од населението во овие општества.

Иако не беше искоренета сиромаштијата, во голема мера беше надмината оскудицата за основни животни потреби и консумеристички стоки и услуги.[2] Западните општества станаа консумеристички општества на изобилство, за најголемиот дел од нивното население. Не поради демократијата и благосостојбата, туку поради консумеризмот тие станаа идеал за многумина во социјалистичките земји и за земјите од Третиот свет и стремежот кон ваков живот беше еден од најсилните мотиви за голем дел од населението во социјалистичките земји да ја поддржат реставрацијата на капитализмот во 1989-1990 година.

Општествата на изобилство се релативно нов историски феномен. Историјата на човечкиот род главно познава општества на оскудица. Во општествата на оскудица постои сериозен недостиг на основни животни потреби, поради што, во услови на класна раслоеност, животниот стандард на голем дел од населението е низок, тие располагаат со мал број добра кои не спаѓаат во категоријата основни животни потреби, недоволната исхранетост е значително застапена, а постои и глад. Сето ова е поинаку во општествата на изобилство. Во нив, за најголемиот дел од населението, гладот, па дури и недоволната исхранетост, се надминати и не само што се задоволени основните животни потреби, туку стануваат широко достапни материјалните добра и услуги што се карактеристични за високиот животен стандард. Во ваквите општества сиромаштијата сѐ уште може да постои, но не поради недостигот на ресурси за нејзино искоренување, не поради оскудицата, туку поради нивната класна раслоеност.

Како западните општества (а потоа и доста земји од полупериферијата на капитализмот) станаа консумеристички општества на изобилството? Преку експлоатацијата на природните и човечките ресурси, особено на оние од земјите од глобалниот Југ. И едните и другите „ресурси“ беа драстично пониско платени од нивната вистинска вредност. Во однос на природните ресурси, еколошката цена за нивната експлоатација беше екстернализирана врз природата. На таков начин, преку непресметување на еколошката цена во вкупната цена, цената на чинење на производите стана пониска, тие беа поевтинети и станаа достапни за масовна потрошувачка.

Сцената за консумеристичкото општество беше поставена. Поради поевтинувањето на стоките преку непресметувањето на еколошката цена, можеше да се понуди цела палета на стоки со пристапна цена за значителен дел од населението. Максимизацијата на профитот налагаше што поголемо производство, а со тоа и што поголема потрошувачка. Леснорасипливите стоки ги преплавија пазарите. А со нив беше интензивирана дресурата на луѓето да бидат секогаш незадоволни со она што го поседуваат и да купуваат најнови модели и одвишни стоки, дури и по цена на запаѓање во долгови. Се материјализира класниот консензус на доцниот капитализам во општествата на изобилството. Едните продолжија да акумулираат богатство, другите добија прилика да најдат оддишка од експлоатацијата во работното време преку различни начини на површна, конформизирана и монетизирана забава.

Фалинката во пресметката и залезот на класниот консензус

Ваквата ситуација има само една маана. Претпоставува неограничен економски раст на ограничена планета. Претпоставува неограничени природни ресурси и неограничено создавање ѓубре. Неограничени можности за експлоатација на природата и екстернализација на трошокот врз неа. Едноставно, ваквата ситуација е неодржлива на долг рок и тој рок, по многу децении, сега се ближи кон својот крај. Состојбата на изобилство во консумеристичките капиталистички општества забрзано се движи во насока на повторна оскудица.

Првите најави дека оскудицата се враќа во овие општества веќе се тука. Нематеријалните добра, потценети во целиот склоп на консумеристички начин на живот, се први кои дојдоа на удар. Загадувањето на воздухот во градовите создава сериозна оскудица на чист воздух веќе подолго време. Посериозен удар за луѓето кои се навлечени на консумеристичкиот начин на живот донесе пандемијата на ковид-19. Поради пренасочувањето на здравствените капацитети кон борбата против вирусот, многумина се соочија со неможност да добијат здравствени услуги соодветни на своите здравствени проблеми, новите протоколи во образованието создадоа оскудица за квалитетно образование, се јави и оскудица на можностите за пополнување на слободното време, за туризам. Сето тоа генерално се сфаќа како привремено, до завршетокот на пандемијата, но самата појава на оскудица за многумина е нова и фрустрирачка состојба. А таа, фактички, со влошувањето на климатската криза, сѐ повеќе ќе станува дел од нашите животи и ќе ги опфати и основните животни потреби.

Влошувањето на климатската криза со себе ќе донесе проблеми за кои многумина припадници на консумеристичките општества на изобилство имаат илузија дека се трајно надминати проблеми од минатото. Еден од најсериозните: повторната појава на оскудица од храна, која ќе донесе недоволна исхранетост и глад. Поради интензивното земјоделство веќе е деградирана дури четвртина од земјата. Со зголемувањето на температурата, како и со намалувањето на врнежите и зголемувањето на нивната непредвидливост, сушите, поплавите, пожарите ќе ги намалат приносите од храна. Тие исто така ќе страдаат поради намалената плодност на почвата.[3] Достапното количество храна ќе се намали и поради намалувањето на морската храна, поради прекумерниот риболов и закиселувањето на океаните.[4] А намалените количества храна носат зголемување на нивната цена и нејзина растечка недостапност за работничката класа. Во иднината, која денес ја обликуваме, апсолутната оскудица предизвикана од понудата[5] ќе доведе до осиромашување и појава на апсолутна сиромаштија кај сѐ поголем дел од работничката класа и во денешните консумеристички општества на изобилство. Консумеристичките стоки што дотогаш ги купиле можеби сѐ уште ќе ги поседуваат, но вистинскиот предизвик ќе биде да се обезбеди храна.

Сето ова е ужасен и незамислив развој на настаните за оние што се дел од класниот консензус на доцниот, консумеристички капитализам. Тие се вкалупени во системот и не би сакале да бидат лишени од консумеристичките угодности што им ги овозможува тој. Но, непријатниот факт не исчезнува со замижување на очите. Ерата на консумеристичката идила завршува. Последиците од климатската криза ќе бидат класно детерминирани. Падот на животниот стандард драстично повеќе ќе ги влоши животите на работничката отколку на капиталистичката класа.

Некои тврдат дека работничката класа не може да биде мотивирана да се бори за еколошки каузи. Тоа е многу погрешно врамување на проблемот. Не станува збор за еколошки проблем од маргинално значење, туку за проблем кој, покрај огромните еколошки импликации, има и огромни социјални и егзистенцијални импликации. И тоа за проблем што повеќе не може да се реши преку шминкање и ситно подобрување на системот, туку само преку негова радикална трансформација во екосоцијалистичко општество на изобилство. Класниот консензус на доцниот, консумеристички капитализам е пред залез. Мора да се обнови класната борба и од страна на работничката класа, не само за поголем удел во благосостојбата и консумеризмот, туку за изградба на нов, поправеден и поеколошки свет.

Забелешки

[1] Карл Маркс, Фридрих Енгелс, „Mанифест на Комунистичката партија“, гл. 1, https://www.marxists.org/makedonski/m-e/1848/kom_man01.htm

[2] Често доаѓа до мешање на оскудицата и сиромаштијата, кои имаат блиско, но не и истоветно значење. Оскудицата е состојба на недостиг на ресурси за задоволување на основните потреби за живот. Како таква, таа нужно создава сиромаштија во општеството онолку широко и длабоко колку што е самата поинтензивна. Но, сиромаштијата не мора да биде резултат на оскудица. Таа може да се должи на нерамноправната распределба на општественото богатство. Важно за понатамошното излагање е да се посочи дека постои апсолутна и релативна оскудица, како и апсолутна и релативна сиромаштија. Апсолутната оскудица е состојба кога постои недостиг на ресурси за задоволувањето на потребите воопшто, додека релативната оскудица индицира дека, и покрај тоа што има доволно ресурси за задоволување на потребите, одреден дел од населението нив ги нема во доволна мера и, следствено, живее во сиромаштија. Што се однесува до апсолутната сиромаштија, луѓето што страдаат од неа немаат доволно средства за задоволување на основните потреби за живот, како што се храна, облека и домување. Луѓето, пак, што се во релативна сиромаштија го немаат минималното ниво на животен стандард што овозможува нормален живот во едно општество.

Уште една забелешка околу оскудицата. Таа може да се однесува не само на основните потреби за живот, туку и на сите стоки. Таа индицира состојба на реткост, недоволност и, како таква, таа е еден од клучните поими во економијата и, преку разликата помеѓу помалата понуда и поголемата побарувачка за одредена стока, ја повишува нејзината цена.

[3] Kimberly Flowers, “The UN Climate Change Report: Transform Global Food Systems or Trigger a Crisis”, Center for Strategic and International Studies, August 12, 2019, https://www.csis.org/analysis/un-climate-change-report-transform-global-food-systems-or-trigger-crisis

[4] Prabir Ghose, “Overfishing in the oceans could lead to scarcity of fish”, Blasting News US, March 10, 2018, https://us.blastingnews.com/food/2018/03/overfishing-in-the-oceans-could-lead-to-scarcity-of-fish-002424973.html

[5] Оскудицата може да биде предизвикана од побарувачката, од понудата, или да биде структурна (релативна). Видете Bingham Kennedy, Jr., “Environmental Scarcity and the Outbreak of Conflict”, Population Reference Bureau, January 1, 2001, https://www.prb.org/environmentalscarcityandtheoutbreakofconflict/

 

Здравко Савески

 

Редакцијата на „Гласник“ не нужно се сложува со ставовите изразени во текстот.

|2021-05-12T08:55:03+00:0012 мај 2021|Актуелно, Економија, Став|