Овој период Центарот за делиберативна демократија – Дијалог спроведува анкета за истражувањето по повод пет години од Шарената Револуција. Анкетата е именувана како „Протестите како алатка за граѓанска партиципативност“ и може да се одговори на следниов линк. Ова е поводот и за разговорот којшто Гласник ќе го спороведе во продолжение со со претседателката на „Дијалог“ Јосипа Ризанкоска, доктор по компаративна и европска политика, за нивните досегашни истражувања и за тие тековните, вклучително и истражувањето за Шарената Револуција, а воедно ќе се осврнеме и на прашањето за важноста на истражувањата од овој вид за нашето општество.
1.Па Јосипа, да спочнеме со првото и тоа што е тековно. Кој е вашиот мотив за ова истражување? Каква ќе биде методологијата на оваа анкета? Зошто е важна оваа анкета за нашето општество?
Наближувањето на петгодишнината од почетокот на т.н. Шарена Револуција во амбиент на длабока партиска и етничка поделеност на македонското општество (како и пред тоа), нови скандали за злоупотреби на моќ (особено на личности кои беа и симболи на „револуцијата“), широко незадоволство помеѓу граѓаните поради надворешната политика која има импликации врз идентитетски прашања и масовното иселување (кое ниту оваа влада не успеа да го намали) беше мотивот за да се започне ова истражување токму сега. Пред април 2021 сакаме да истражиме во која насока се променило расположението на граѓаните во однос на промените кои се очекуваа со протестите во 2016 година (демократизација, департизација, „ослободување на државата“ и социјална правда). Во секој случај, мотивот за ова истражување е многу повеќе од практичен. Истражувањето се базира на теоретски поставки и прашања кои произлегуваат од нашите претходни истражувања за кои ќе зборувам подолу.
Во оваа прилика ние го структуиравме прашалникот во две методолошки етапи. Првиот пристап до целната група е преку т.н. метод на „снежна топка“ преку кој ние директно им пристапувавме на оние личности за кои знаеме дека биле дел од демонстрациите на Шарената Револуција и ги замолуваме да ја дистрибуираат анкетата до нивните познаници за кои знаат дека протестирале во 2016-та. Откако потврдивме дека имаме задоволителен број на испитаници прашалникот го објавивме јавно со тоа што анкетата ја збогативме со дел во кој и оние кои не учествувале во никакво движење и оние кои учествувале во некое од тогашните контра-протестни движења би можеле да ја одговорат. Тоа го направивме со цел да создадеме простор за споделување на своите погледи околу корисноста од протестирањето како демократска алатка за барање отчетност од властите за одредени политики, видувања за улогата на Шарената Револуција во промената на политичката клима и будењето на граѓанската партиципативност во државава, а за оние што учествувале во други протести – мотивот за таквиот ангажман. Понатаму, преку обработка и соединување на двата одделни примероци ќе направиме анализа на состојбите.
Во 2016-та година во јавниот дискурс постојано беа присутни тие две спротивставени гледишта на патриоти-предавници, соросоиди-бранители на државните интереси. Овој дискурс не е целосно занемен, иако фокусот е можеби благо наклонет кон други прашања кои се издигнаа пред она за што се бореше „шарената“. Имено, идентитетските прашања (јазик/ци, име и историја) ги засенија прашањата на анти-корупција, професионализација и демократизација на институциите и пред сѐ департизација. Овој момент е на некој начин лајтмотивот на оваа анкета. Иако литературата признава дека воопшто не е необично и несакано носителите на едно опозициско движење да се вклучат во процесите и институциите на државата по условната победа на движењето, прашањето кое преовладува е на кој начин се направи тоа по Шарената Револуција и колку новата влада успева да ја реализира идеологијата на движењето на кое му се приклучи и од кое толку многу придоби во насока на пораст на својот рејтинг на парламентарните избори во 2016-та? Оттука, она што ние се трудиме да дознаеме е во кој степен „шарените“ сѐ уште го задржале силниот идентитетски белег (идеолошка сплотеност) кој го измеривме за време на протестите во 2016-та.
Анкетата, освен перцепции, индиректно успева да измери и условно кажано отпор на некогашните демонстранти денес да ја одговорат анкетата. Зошто е ова важно? Преку споредба на тој аспект од анкетирањето ние дознаваме и за степенот на суштинска промена на менталитетот за граѓанска партиципација во Македонија. Колку сме „вистински“ активисти за промени наспроти еднократни алатки за партиски цели?
2.Дијалог непосредно за време на одржувањето на протестите на Шарената Револуција во 2016 година спроведуваше истражување со самите демонстранти. Какви беа резултатите и каде може да се пронајде истражувањето?
За време на Шарената Револуција, во мај 2016-та, денешниот тим на ДИЈАЛОГ (во тоа време неформална истражувачка иницијатива помеѓу мене и доц. д-р Јасмина Трајкоска Наумоска) спроведе анкета во Скопје и Прилеп преку која собра податоци од 567 дирекни учесници во протестите. Исто така анкетиравме и за време на иницијативата „За заедничка Македонија“ во Прилеп и како резултат на овие две истражувања објавивме две научни студии. Првата „Шарената Револуција и движењето За Заедничка Македонија – симбол на будењто на партиципативната граѓанска култура или показател на длабоката партиска поделеност во македонското општетсво? Приказ на случај – Прилеп.“ и втората „A Social Movement in First Person Singular: The Colours of the “Colourful Revolution” in North Macedonia“ се комплементарни и тангираат една иста тема – капацитетите на македонското граѓанско општество да биде критичар на властите преку вакви иницијативи. Во вториот труд ние всушност ги обработуваме елементите на протестите кои во литературата би ја дефинирале оваа иницијатива како граѓанско движење. Ги обработуваме идеологијата, кампањата и репертоарот и бројноста и сплотеноста на „шарената“. Иако движењето „Протестирам“ се декларираше како движење во прво лице еднина, на кое секој поединец можеше да се приклучи, преку истражувањето детектиравме силен идентитет на учесниците во протестите кои себе си се сметаа за „шарени“, наспроти тогашниот опозициски дискурс дека протестите се творевина на странски служби и донатори. Она што се покажува од податоците во секој случај е силно влијание на тогашните политички партии во опозиција, што во тој момент не е спорно, туку само покажува поголема плејада на елементи во таа организираност. Со оглед на тоа што трудот се базира најмногу на микро-анализа, ние не одиме подалеку од овој општ заклучок. Не се трудиме да објасниме кој ја финансира, ниту пак кој организациски ја води „револуцијата“. Еден од заклучоците во тоа истражување е дека демонстрантите тогаш како причина за протест на долг рок ја навеле желбата да не дозволат таков тип на владеење да се случи никогаш повторно. Под „ваков тип на владеење“ (како што беше дефинирано во прашањето) се мисли на владеењето на Груевски. Се алудира (повторно) на криминалот, заробувањето на државата, партизација, злоупотребите на моќ и сл.
И тука веќе се раѓа потребата за ова истражување. Новото истражувачко прашање е колку Шарената револуција остави плодна почва за таквото критичко перцепирање на политиката и за спремност на граѓаните повторно да се вклучат во еден таков собир преку кој би изразиле незадоволство и од следните влади. Во периодот од протестите до денес постојано се зборува за тоа дека „револуцијата си ги изела децата“, иако ние во трудот јасно кажуваме дека ова е социјално движење, не револуција. Но тој израз алудира на начинот на кој еден дел од активистите на револуцијата се приклонија на владините политики преку директно или индиректно учество/работа во институциите или преку интелектуални и медиумски производи кои им се пристрасно приклонети на владините политики. Дали е тоа така? Колку е тоа така? Ова се прашања кои индиректно се провлекуваат во анкетата. Сакаме да дознаеме како директните учесници се чувствуваат по однос на овие прашања и како учесниците на тогашните контра-протести и оние кои не се вклучиле на никакво движење ја перцепираат оваа „пост-шарена“ политичка реалност.
На линковите може да се дојде до истражувањата преку страната на дијалог www.cddd.org.mk, или секој заинтересиран може слободно да ми пише на [email protected] и ќе ги добие.
Истражувањето што јас и мојата колешка д-р Јасмина Трајкоска-Наумоска го спроведовме со помош на искусни анкетари волонтери за време на протестите на Шарената Револуција во мај 2016-та беше и причината за основање на ДИЈАЛОГ како здружение. Успешната соработка и продукт нѐ мотивира да ја формализираме работата и да започнеме да бараме и донации за нашите истражувања со цел да бидат полесно технички остварливи. Ова што е специфично за нас како организација е дека ние истражуваме и прашања кои излегуваат надвор од агендите на домашните и странските донатори и преку инвестиција на наше лично време и средства истражуваме онаму каде други организации или немаат смелост или немаат капацитет да допрат. Таква е и оваа тема. Во 2016-та година беше „чувствителна“ тема за која не беше лесно да се извлечат податоци. Ние влеговме на терен и анкетиравме и во Шарената Револуција и во иницијативата „За заедничка Македонија“ и така успеавме да добиеме оригинални податоци кои нам ни се особено драги и нескромно кажано – гордост. И денес темата е повторно, ако не и уште повеќе, чувствителна затоа што едни велат „аха, конечно се свестивте“, алудирајќи на нашата вклученост во „шарената“, а другиве пак молчат мислејќи дека целта ни е да ја критикуваме денешната влада по секоја цена и да ја оцрнуваме Шарената Револуција. Природно е перцепциите на луѓето да се менуваат во времето и нашата академска љубопитност единствено се стреми кон документирање на таквиот тренд.
Недовербата кон домашните и странските истражувачки центри е уште еден аспект на општата недоверба која преовладува во македонското општество по многу основи. Би рекла дека во овој поглед недовербата не е неоснована поради многубројните истражувачки центри кои креираа јавно мислење во последните петнаесетина години без никаква професионална транспарентност. Па многу е тешко во ваквите услови на недоверба да објасниме дека дури и кога сме добиле финансиска поддршка од одреден донатор не значи дека (мојот најомразен збор) „одработувате“ за некого/нечија агенда. Професионализмот на нашиот тим дозволува „одработување“ само за агендата на науката.
3.Колку во нашата демократска култура истражувањата од овој вид имаат влијание врз демократските процеси и демократската пракса, па и свест кај граѓаните и политичките чинители? Колку е важно да се истражуваат прашања од овој вид, за кои многумина денес ќе кажат дека се надминати, затоа што нели „режимот падна“?
ДИЈАЛОГ никогаш немал амбиција да биде креирач на јавно мислење. Напротив, нашата идеја е да ги собираме податоците (истражиме јавното мислење) од граѓаните и да им ги вратиме токму ним преку студии, отворени бази на податоци спремни за реплицирање и застапувње на пронајдоците преку препораки за властите. Дополнително, сите архивирани податоци се непобитни документи преку кои македонската политика може да биде понатаму вклучена во академските истражувачки бази на податоци. Нашите истражувања не се методолошки везгрешни, но сите аспекти кои може да бидат предмет на дебата ние ги наведуваме во извештаите и со тоа етички, одговорно и професионално ги третираме одговорите. Особено анонимноста. Таа е загарантирана затоа што кредибилитетот и довербата се раѓа таму, во начинот на кој го третираме секој поединечен глас. Во некои прилики ние сме биле приморани да побараме лични податоци од испитаниците поради потребите на временските истражувања но тие секогаш се грижливо чувани. Такво истражување е и нашето последно истражување за масовните емиграции врз 915 иселеници од кои половината оставиле контакт за лонгитудиналното истражување кое ќе се повтори на крајот од оваа година. Ваквите истражувања се скапи, но за науката скапоцени.
Во однос на практиката на застапување на заклучоците од студиите може да се каже дека досега не сме имале сериозен слух од страна на властите. На неколку наврати сме испратиле брифови/извештаи од истражувања или сме презентирале наоди лично до властите, но не би можеле да се пофалиме дека нашите препораки биле прифатени. Тоа не значи дека нашата работа не е вредна и дека не е потребна. Напротив. Можеби некои прашања и политики биле надвор од Владината агенда, можеби сме допреле теми за кои постои меѓу-партиски коалициски договори кои прават слухот на Владата да се намали, но можеби предизвикот е токму таму. Сметам дека ние и понатаму мора да се трудиме да наоѓаме алатки и начини за доближување на овие наоди до властите, сѐ додека да ги натераме да нѐ слушнат. Песимистички сценарија од типот „џабе е“, „што ќе истражувате кога веќе сите знаеме“ и слично не се во природата на нашата работа и не треба да се прифаќаат како природни во демократските општества. Затоа истовремено со мисијата да го привлечеме вниманието на донесувачите на одлуките ние се трудиме да го привлечеме и вниманието на граѓаните чие мислење секогаш е добредојдено во нашата работа. Граѓаните/испитаници треба да ја сфатат нашата улога како посредник меѓу нив и народните избраници. Ги охрабрувам да ја искористат нашата подадена рака и волја да бидеме канал преку кој перцепциите на граѓаните ќе се документираат и канализираат до оние кои ги креираат јавните политики. Ние за возрат секогаш ќе работиме транспарентно во однос на нашата методологија и пристап кон прашањата и ќе се трудиме да бидеме еден позитивен пример за симбиоза помеѓу академијата, граѓанскиот сектор и политиката.
Разговорот го спроведе Мариглен Демири
Во продолжение можете да пристапите на публикациите и анализите на Дијалог приложени на следните линкови:
https://cddd.org.mk/category/publikacii/