Измина седмицата на албанската азбука, овој пат поради пандемијата во Северна Македонија се прослави доста посталожено, како што впрочем претставниците на етничките Албанци во власта и организаторите требаше уште од минатата година да знаат дека најдобро би било азбука да се слави со промоција на книги, речници, научни конференции и уште многу други настани кои не само што би го кренале духот на тие кои треба да прославуваат, туку и ќе остават простор за просвета, а не само за прослава.
За малкумина информирани албанската азбука е изгласана на собирот одржан во Битола, град кој во минатото бил нарекуван Монастири или Монастерон и бил центар на Битолскиот вилает и на Битолската каза, денеска периферен град во нашата држава. Собирот се одржал од 14 до 22 ноември во 1908 година и се нарекува Битолски конгрес или на албански Kongresi i Manastirit, а последниот ден од конгресот 22 ноември се слави како Ден на азбуката во Албанија, Косово и Северна Македонија, а и во албанската дијаспора, на албански се нарекува Dita e Alfabetit.
На конгресот право на глас имале 32 учени Албанци кои живееле во градовите со претежно албанска популација и таму подучувале во училиштата на албански јазик. Меѓу нив имало и некои од албанската дијаспора кои се образувале во светските просветни центри во тој период, па се вратиле назад во Битола за да отпочнат процес на модернизација на албанската азбука, писмо и просвета.
Заслугите за одржувањето на Конгресот главно се припишуваат на семејството Ќиријази со потекло од Битола, кои еден век претходно мигрирале од Јужна Албанија во селото Трново во Битола. Парашќеви Ќиријази била и една од делегатите на Конгресот. За Битола значаен од овие учесници на конгресот е и Михаил Грамено, роден во Корча. Во тоа време Корча е дел од Битолскиот вилает, што значи дека еден век порано полесно се стигнувало до Корча отколку што се стига денес. Тој зел учество во Младотурската револуција, среќавајќи се со организаторите во Ресен, Преспа, а неговиот лик е овековечен од првите балкански сниматели Браќата Јанаки и Милтон Манаки кои биле од Битола.
На овој Конгрес делатите одлучуваат дека латинската азбука ќе биде прифатена како единствено зборообразувачко писмо, отфрлајќи ги дотогаш употребуваните азбуки (арапската, грчката и кириличната). После Битолскиот Конгрес, се одржуваат уште неколку конгреси во Дебар и Елбасан, каде се заокружуваат главните принципи на стандардниот албански јазик. Така, може да се заклучи дека овој е важен ден за Албанците, но и за сите околу нив затоа што секогаш е подобра комуникацијата со писмен и образуван човек отколку со некој што не знае.
Одговорноста е секогаш да се направат напори за да се олесни животот на населението, да се направи некаков прогрес на научен или политички план, а потоа доколку чекорите биле исправни и навистина насочени кон подобрување на животот на целокупното општеството, тогаш историјата сама ќе ги запише.
Не можеме да го негираме влијанието на албанската интелектуална елита од предминатиот век и почетокот на минатиот век, особено во Битола и битолско затоа што само триесетина години подоцна една слепа уличка подолу од зградата каде што се изгласала албанската азбука се одржал првиот час на наставен македонски јазик во средното образование во Македонија во Битолската гимназија на 6 февруари 1945 година, неколку месеци пред кодофикацијата на македонскиот стандарден јазик.
Од таа гимназија произлегле пет народни херои, од кои можеби за нас најзначаен е Стеван Наумов – Стиф, чиј што живот згасна благодарение на фашистите, а денеска иако не знаеме каде е неговиот гроб можеме да му положиме цвеќе на многуте спомен обележја кои го китат овој град – Битола.
Битола – градот на азбуката, на конзулите, на првиот час по македонски јазик, на клавирите, на отоманските валии, на двете убави еврејски синагоги, на првите балкански сниматели, на Рајна Алексова – првата жена фармацевт, на Антиониос Зоис, на работниците од социјализмот, на сите оние кои поминале од него – во екот на неговата важност имало училишта на речиси сите јазици кои се зборувале на овие простори, како и на светските јазици што имале претставништа во Битола.
Денес, Музејот на албанската азбука и Гимназијата се споени со еден чикмак (слепа уличка), а се разделени со два огромни националистички наративи. Не треба да дозволиме секогаш да ни е ужасно мачно да го учиме јазикот на оние со кои треба да заедничариме. Ние сме должни да се надополнуваме едни со други.
На крајот би завршил со пораката на влезот во фоајето на Битолската гимназија која што го отсликува бремето на младите партизани, а јас искрено би сакал да ја чујам препеана на албански и на бугарски и на грчки и на сите други јазици за да можат сите да сфатат колку е опасно да не се бориш со фашизмот.
„Ти што влегуваш овде како наш врсник знај ние излеговме од овие клупи во вителна борба за да изгрее една светла точка на твојот школски глобус.“
Никола Шиндре
Редакцијата на „Гласник“ не нужно се согласува со ставовите изразени во колумната.