Елизабет Терзакис: „Маркс и природата“ – VI дел

Може ли капитализмот да го подобри својот однос со природата?

Сакам да завршам враќајќи се на почетокот. На почетокот од оваа статија спомнав дека Марксовата анализа на капитализмот може да помогне да се спасиме од две замки во кои паднаа еколошките мислители и еколошкото движење во минатото – вербата во и посветеноста на позеленувањето на капитализмот и проектирањето на прочистена, апстрактна природа која нема односи со човечките суштества и за која е подобро така да биде. Сакам да истакнам дека овие гледишта не се ниту некомпатибилни, ниту се прогресивни.

Дали деградацијата на животната средина може успешно да се избегне, а уништувањето на биосферата поради човечките активности реалистично да се спречи под капитализмот? Како што го кажува тоа Џон Белами Фостер, емпириските докази не се добри. И покрај ужасните предвидувања на големото мнозинство од светските научници дека климатските промени создадени од човекот го загрозуваат нашето понатамошно опстојување на планетата, капитализмот не е ниту блиску до преземањето чекори што би можеле да направат значителна разлика. Според некои енвиронменталисти, ова е поради тоа што пазарот има сѐ под контрола. Како што истакнува Фостер:

„Теоретичарите на еколошката модернизација, како Артур Мол, не ја гледаат деградацијата на животната средина како инхерентна карактеристика на капиталистичкиот развој. Тие остануваат ревносни социо-техно-оптимисти, верувајќи дека силите на модернизацијата ќе доведат до дематеријализација на општеството и одвојување на економијата од енергијата и материјалната потрошувачка, овозможувајќи му на човечкото општество, под капитализмот, да ја трансцедентира еколошката криза. Некои приврзаници на оваа позиција, како Чарлс Лидбитер, тврдат дека со развојот на економијата, таа создава бестежинско општество што е повеќе втемелено врз знаењето и кое помалку се потпира врз природните ресурси.“[1]

Лидбитер и Мол се тие што треба да бидат критикувани поради нивниот продуктивизам, а не Маркс – особено бидејќи бестежинското, дематеријализирано општество што тие го „опишуваат“ е целосен мит. Како што истакнува Сара Вол во нејзиниот осврт кон „Теориите за информациското општество“ на Френк Вебстер:

„Всушност сѐ уште е невозможно да се живее од воздух. А сепак токму тоа ‘информациското’ или постиндустриското општество (ПИО) симулира дека го прави. Стварноста, се разбира, е далеку помалку педантно уредена – свет незгодно преплавен од експлоатирачки труд, загадени реки, свопови за неисплаќање на кредитот, поларни ледени покривачи кои се топат итн. итн. – тие познати, но често санитизирани жртви на етосот на ‘повеќе за помалку’ на ‘постиндустриското“ општество.“[2]

Споредено со ова, Марксовата визија на општество на здружени производители со изобилие од слободно време и со здрав однос како кон природата така и кон технологијата, развивајќи ги нашите способности да допираме, вкусуваме, мирисаме, гледаме, чувствуваме, слушаме, мислиме, сакаме и сонуваме до максимум – изгледа бескрајно попривлечна и, уште поважно, можна. Оваа визија – заедно со разбирањето зошто деградацијата на животната средина е вградена во капитализмот – е она што Марксовите идеи можат да придонесат кон движењето против еколошкото уништување.

 

[1] Foster et al., The Ecological Rift, 254.

[2] Sara Volle, “The Heaviness of a Weightless Society,” The Politics of Information, September 25, 2012.

 

Извор: International Socialist Review

Преземено: Марксистичка архива

Превод: Здравко Савески

Кон првиот дел

Кон вториот дел

Кон третиот дел

Кон четвртиот дел

Кон петтиот дел

|2020-06-10T16:53:24+00:0010 јуни 2020|Актуелно, Екологија, Свет, Став|