Вистинската цена на хидроенергијата

Човечките суштества ја користат моќта на движењето на водата повеќе од 2.000 години уште откако античките Грци ја користеле истата за мелење на жито. Денес хидроенергијата се користи ширум светот како еден од главните извори на енергија. Додека некои сметаат дека е чиста и обновлива, процесот на добивање на хидроенергија има значителни влијанија врз животната средина, економијата и општественото живеење.

 Хидроенергијата се произведува кога водата што се движи се пренесува низ турбините, обично регулирани со брани, кои произведуваат електрична енергија. Нема оџаци што горат валкани фосилни горива во атмосферата. Лесно е да се види зошто овој метод на создавање енергија е многу привлечен и зошто многумина би рекле дека е одлична алтернатива за јаглен и гас. Па, зошто тогаш големиот број на планирани хидроцентрали ширум Балканот се среќаваат со толкав отпор?

34% од енергијата произведена во Северна Македонија доаѓа од големи и мали хидроцентрали и брани. Неодамна усвоената Стратегијата за развој на енергетиката во земјата укажува на тоа дека хидроцентрализацијата има перспективна иднина во земјата без оглед на кое од трите сценарија предложени во стратегијата ќе одбере да го следи владата во текот на годинава. Можеме да очекуваме голем број на нови проекти што ќе се состојат од големи и мали хидроелектрани (ХЕ) во вредност од скоро 1000MW. Истите вклучуваат постројки во Велес, Градец и Чебрен и 15км долг тунел од Теново до Козјак што е планиран веднаш под новоизградениот гасовод.

Новите планови за хидроенергија низ целата земја беа пречекани со голем отпор заради фактот што многу од овие предложени постројки навлегуваат или се наоѓаат во екосистеми како што се идни „Натура 2000“ локации, „Емералд“ места, важни екосистеми за разновидна флора и важни екосистеми за птици. Активистите успеаја да ја запрат изградбата на две хидроцентрали во националниот парк Маврово, но се уште постојат многу грижи околу градењето на енергетските политики во земјата. Вклученоста на кабинетот на екс-вицепремиерот за економски прашања Кочо Анѓушев во законодавството за енергетскиот сектор отвори многу прашања. Компанијата Фероинвест во сопственост на Анѓушев, поседува приближно 25 мали хидроцентрали, дизајнира хидроелектрани, произведува и инсталира турбини, па дури и обезбедува одржување на ваквите објекти.

Планирани се 3.000 постројки на Балканот од Словенија до Грција во наредните години. Околу една третина од нив се наоѓаат во заштитени подрачја.

Балканот: „Сино срце“ на Европа

Балканот може да се пофали со едни од најпознатите беспрекорно чисти слатководни системи во Европа. Нивната убавина, како и еколошката и социјалната вредност се широко признати и проучувани. За жал, системите на слатководни води на планетата се во неволја; од 1970-тите имаме изгубено над 80% од нив. Откриено е дека околу 60% од реките во Европската Унија се во лоша состојба и многу малку се прави за да се спречи понатамошно влошување. Поради ова, 37% од сите слатководни риби и 44% од видови на слатководни мекотели во Европа се класифицирани како загрозени од истребување. Во извештајот на Европската агенција за животна средина во 2015 година се потврдува дека најголемата закана за екосистемите на слатководни води е „модификација на природните услови“, вклучително и изградбата на хидроцентрали и брани. Всушност, присуството на брани на Балканот значи дека 10% од цела слатководна риба во Европа е загрозена.

Хидроенергија и животната средина

Неколку од главните грижи околу хидроенергијата се негативните ефекти од централите, браните и резервоарите врз природното опкружување. Студијата на Шумарскиот факултет на Универзитетот во Белград истакна дека малите хидроцентрали се особено штетни по животната средина. Со цел да се произведе дури и мала количина на енергија мора да се изградат многу мали постројки, а притоа се предизвикува голема штета на околината. Студијата откри дека многу водотеци кои се од суштинско значење за миграција на различни видови на риби се или исушени или блокирани од остатоци од дрвја и растенија, има се’ помалку вода во нив, но постојат и бројни инфраструктурни нелегалности и присуство на тешка машинерија што ги уништуваат флората и фауната во овие водни канали.

Минатата година, во рамките на кампањата „Зачувај го синото срце на Европа“, беше лансиран Еко-Мастерплан, чија цел е да се идентификуваат „забранети зони“ за изградба на хидро проекти на Балканот. Анализирани беа повеќе од 80.000км реки и над 80% од нив беа идентификувани како забранети зони. Овие зони беа избрани врз основа на четири критериуми: области за кои е утврдено дека се во многу добра природна состојба, области што се дом на било кој од 33-те загрозени и ендемични слатководни видови на риби, области каде што живеат многу еколошки важни видови како школки и водни молци и области со мочуришта. Мочуришните области се многу важни од повеќе причини. Тие се жаришта за биолошка разновидност, складирање, снабдување и прочистување на свежа вода, контрола на ерозијата на поплавите и почвата, обезбедување и рециклирање на хранливи материи, производство на храна, складирање на јаглерод од витално значење за минимизирање на влијанијата од климатските промени како и голем број на рекреативни активности. Над две третини од сите мочуришта во Европа исчезнаа во изминатите 100 години.

Мапа на 3.000 планирани или започнати со конструкција ХЕ на Балканот. Извор: Еко-Мастерплан за Балканските реки (извештај на „Зачувај го синото срце на Европа“)

Една неодамнешна студија на Фондот за одбрана на животната средина (Environment Defense Fund) исто така откри дека во многу случаи, хидроцентралите испуштаат опасни количини на стакленички гасови како јаглерод диоксид и метан. Овие гасови се ослободуваат од распаѓање на речната вегетацијата што се наоѓа на дното на резервоарите каде што се чува водата.

Хидроенергија и околните заедници

Во јули 2019 година, активисти од Албанија, Босна и Херцеговина, Грција, Косово, Црна Гора, Северна Македонија и Србија се собраа да го организираат протестот „Нашите реки“ – без ХЕ (Our Rivers – No DAMage) против големиот број хидроенергетски проекти планирани низ целиот Балкан. За овие проекти е познато дека ги уништуваат околните заедници и населението, и недостатокот на соодветни јавни консултации особено со најзасегнатите заедници пред нивното планирање дополнително го влошува проблемот. Протестите ги потенцираа прашањата за социјална правда околу овие проекти, како што се губење на обработливо земјиште, вода за пиење, снабдување со наводнување, пејзаж, па дури и губење на домовите на луѓето. Овие грижи беа истакнати и во студијата од Универзитетот во Белград која исто така покажа дека исушените водни канали доведуваат до осиромашување на подземните води за околните извори што ги оставаат заедниците без пристап до вода за земјоделство и достоинствено живеење.

Лошата економија на хидроенергијата

Во Стратегијата за развој на енергетиката на Република Северна Македонија се наведува дека сончевата, ветерната и биомасата имаат поголем потенцијал за експлоатација на обновливите извори на енергија отколку хидроенергијата. Сепак, стратегијата јасно става поголем акцент на хидроенергијата со вклучување на истата во секое можно сценарио и тоа со најголем удел во проектираното производство на енергија. Освен тоа, водотеците што се потребни за хидроенергија веќе започнаа да се сушат заради климатската криза, па така, инвестирањето во оваа област има уште помалку економска смисла. Во Србија, малите хидроцентрали известуваат за загуби на енергија од 16% -17%, што е значително повеќе од максималната загуба на енергија од 5% толерирана според ЕУ стандардите.

Проектите за мали хидроцентрали (оние со помал капацитет од 10 мегавати) се покажуваат многу полоши за животната средина и за околните заедници од општото верување. Тие исто така немаат никаква економска смисла. Во Германија, 90% од сите ХЕ се мали, но произведуваат само 12% од хидроенергијата на земјата. Ова изнесува само 0,5% од производството на енергија во Германија. Во земјите од Западен Балкан 390-те мали постројки кои моментно работат, изнесуваат 90% од сите хидроцентрали во регионот и произведуваат само 3% од енергијата што се создава во овој сектор.

Една неодамнешна студија за изводливост го има испитано потенцијалот на планираните хидроенергетски проекти на Балканот и дали истиот може да биде произведен од други обновливи извори на енергија како ветер, соларна енергија и биомаса. Студијата покажа дека планираните хидро-проекти (од кои 92% се мали ХЕ) не се економски одржливи и ќе се соочат со голем број проблеми поврзани со поврзувањето на мрежа. Дури и ако сите планирани проекти се економски изводливи, вклучувајќи ги и оние што треба да се градат во заштитени подрачја, сепак нема да биде доволно за земјите да ги достигнат своите Национални акциони планови за обновлива енергија. Од друга страна, беше откриено дека сончевата и ветерната енергија имаат потенцијал за производство на енергија од речиси 300TWh/a, што е речиси двојно повеќе од побарувачката на енергија од сите 7 земји и 5 пати повеќе од техничкиот потенцијал на хидроенергијата.

Многубројни студии и истражувања покажуваат дека и покрај првичното верување дека е „чист извор на енергија”, хидроенергијата има значителни влијанија врз животната средина, но и големи социјални и економски негативни ефекти. Без оглед на ова, постојат големи планови за се’ повеќе хидроенергија на Балканот, вклучително и во Северна Македонија. Се чини дека единствената причина за инсистирањето на вакви проекти е единствено да се задоволат потребите на инвеститорите и големиот бизнис и покрај фактот дека се достапни подобри алтернативи за луѓето и околината.

Извори:

  1. North Macedonia: coal exit welcome, but no excuse for ecosystem destruction (Bankwatch)
  2. Complaint submitted to EnC against North Macedonia over small hydropower plants (Balkan Green Energy News)
  3. Protests against hydropower planned across Balkans from July 6-16 (Balkan Green Energy News)
  4. Investors alone have benefits from small hydropower plants – citizens, state and municipalities have none (Balkan Green Energy News)
  5. North Macedonia: No-go zones for hydropower projects must be designated (Balkan Rivers)
  6. Eco-Masterplan for Balkan Rivers (report by Save the Blue Heart of Europe)
  7. Living Planet Report 2016 (WWF)
  8. European Red List of Freshwater Fishes (Freyhof & Brooks, 2011)
  9. European Waters: Assessment of Status & Pressures 2018 (EEA)
  10. Cumulative biophysical impact of small and large hydropower development in Nu River, China (Kibler & Tullos, 2013)
  11. Long considered a “clean” energy source, hydropower can actually be bad for climate (EDF)
  12. Hydropower explained (EIA)
  13. Strategy for Energy Development of the Republic of North Macedonia up to 2040

Во текот на следните неколку месеци, Климатски Набљудувач / The Climate Herald ќе објавува редовни написи поврзани со климатската криза засновани на научни истражувања и разговори со специјалисти од овие области. Наша цел е да обелоденуваме како климатскиот колапс влијае на секој аспект од нашите животи, какви решенија ни се достапни и што треба да се смени за решавање на најголемиот проблем на денешнината.

 За авторите

 Симона Гетова

Симона е вклучена во кампањи за заштита на животната средина и климатска правда, организирање на заедници, алтернативно образование и градење на капацитети кај младите од 2012. Изминативе 4 години, таа работи и во областа на интегрирани политики за клима и енергија. Нејзината работа и истражувања досега се во областа на алтернативите предводени од локални заедници и на користењето на интерсекционален пристап и design-thinking методологија за создавање на подобар свет за сите. Симона има BSc во Бизнис Администрација со концентрација на Финансии и Менаџмент и МSс во Наука за животната средина, Политики и Менаџмент.

Џеј Ди Фаруџиа

Џеј Ди работи како проектен менаџер и менаџер на кампањи во приватниот и во граѓанскиот сектор, како и во областа на уметноста и културата од 2010. Некои од овие улоги вклучуваат: управител на граѓанска организација фокусирана на одржлив риболов, креирање и координирање на програми за граѓанско општество и координација на програмата на локален театар. Џеј Ди има МSс во Менаџмент со животната средина и Планирање и завршено додипломски студии во Психологија на Универзитетот во Малта. Тој во моментот е вклучен во различни проекти поврзани со екологијата и животната средина, како и уметнички проекти во Малта, Северна Македонија и на европско ниво.