Албин Курти има историска шанса да отвори нова ера во културата на албанското управување. Меѓу другото, ова ќе се забележи и во тоа како ќе се справи со американскиот притисок за целосно отстранување на данокот кон Србија.
Овој запис не го пишувам само од аспект на целосното или делумното укинување на данокот кон Србија. Бев поттикнат да пишувам поради арогантниот начин на закана на новосоздадената влада на Албин Курти, од страна на поранешниот амбасадор во Германија, Гренел, кој всушност е назначен од страна на Трамп за дијалогот Косово-Србија. Уште повеќе ме поттикна акумулираната аверзија низ годините кон албанските политичари кои го градеа својот легитимитет, станувајќи послушни и лицемерни слуги на моќниците, за потоа да го злоупотребуваат својот народ на најлош можен начин. Албин Курти има многу противници во конфликтот што го создаде, но тие не се Американците како Гренел, Помпео или Трамп, ниту Србите како Вучиќ и Дачиќ, туку категоријата Албанци што ја споменав и доминантната култура што тие ја пренесоа меѓу Албанците. Со нивното однесување и ставови, како во Косово, така и во Албанија, ги натераа Албанците да останат инфантилни, да не можат да развијат критичка мисла, а со тоа и својата личност, достоинство и чувство на слобода во себе и во заедницата во која припаѓаат. Идејата дека секое американско барање треба да се спроведува без размислување и дискусија е вгнездена во албанските мозоци, а не во американските. Дури и арогантниот начин со кој Гренел и се закани на новоформираната влада, својот прв извор го има во албанската инфантилност.
Еве неколку тези, бидејќи за да пораснеме треба да се ослободиме од некои парадигми што ги тераат Албанците да се однесуваат на овој начин кон САД.
Прво: косовските Албанци, но и Албанците, мора да бидат ослободени од парадигмата дека немаше да го имаме Косово без Американците па затоа мора секогаш да бидеме благодарни до потчинување. Па, да се вратиме на потеклото на оваа парадигма: „бомбардирањето на НАТО“ и да го поставиме прашањето: зошто Американците бомбардираа, за наша корист или за нивна корист? Постојат многу докази кои покажуваат дека над хуманитарната реторика, бомбашките напади беа пред сѐ и за американските интереси. Меѓу најраспространетите тврдења е дека овие бомбардирања го оправдале постоењето на НАТО дури и по Студената војна, која, според (непишаниот) договор со Горбачов, би се распаднала со распаѓањето на Варшавскиот пакт, која беше негова спротивност. Во меѓувреме, најважниот американски интелектуалец, Наом Чомски, цитирајќи еден многу сериозен извор, книгата на високиот и официјален претставник на американската администрација Џон Норис, „Курс за судир – НАТО, Русија и Косово“ по предговорот на Строб Талбот, државен потсекретар за Источна Европа, дава друга верзија. Чомски вели дека, според Норис, кого Строб Таблод го нарекува најдобро информираниот човек за тоа што мислеше администрацијата на Клинтон во тоа време, бомбашките напади не беа извршени за косовските Албанци, туку поради тоа што Милошевиќ сè уште не прифаќаше економски реформи – Западот се обиде да ја внесе Србија во својата сфера на влијание. Фактот дека Американците не интервенирале за поддршка на другите народи кои се бореле за независност и за нивна држава, како што е случајот со Курдите, дури и оставајќи ги на цедило, како што се случи неодамна со одлуката на Трамп, е еден од многуте докази дека Американците ги ставаат своите интереси на прв план.
Значи, ако прифатиме дека Американците бомбардирале за свои интереси, првиот заклучок што треба да го извлечеме е дека и Албанците исто така имаа корист во овој случај, но тоа не значи дека Американците треба да ги сметаме за најголеми добродетели и да им бидеме бескрајно благодарни. Да не заборавиме дека косовските Албанци со своите животи ги платија американските интереси. Од 10.000 убиени Албанци, 8.000 се по бомбардирањата, додека пак Американците не загубија ниту еден војник.
Второ: ние мора да се ослободиме од парадигмата дека Американците секогаш го мислат интересот на Албанците и дека секој нивен потег е на страната на доброто и против фронтот на злото. Фактот дека во 1999 година интересите на двете страни беа исти, не е доволен доказ дека Албнците секогаш треба да ги исполнуваат барањата на Американците, како божем тоа да е во интерес на двете страни. Без да навлегувам во многу примери низ целиот свет, спомнувам еден случај што го пробавме во Албанија: притисокот на американскиот амбасадор Арвизу да донесе сириско хемиско оружје во Албанија.
Трето, Албанците страдаат многу од парадигмата дека ако се спротивстават на САД, тие ќе бидат соборени. Историјата покажува дека тоа не е секогаш случај. Венецуела е еден од последните случаи кој го потврдува спротивното. Да не зборувам за случајот со Турција, која одржува отворено антиамерикански ставови додека останува во сојузот на НАТО.
Да се вратиме на конкретниот случај;
Во случајот со владата на Курти, ние не се занимаваме со ниту една влада што прави антиамериканска политика, туку напротив. Како тогаш да се објасни арогантната закана од Гренел? Осврнувајќи се на она што го кажав погоре, најпрво велам дека американското инсистирање за брзо решавање на конфликтот Косово-Србија треба да се смета за американски интерес. Второ, мора да се процени дали е компатибилен или е во конфликт, не само со интересите на Албанците, туку и на долгорочно и трајно решение за албанско-српскиот конфликт. Ваквото брзо решение, како што тоа го бараат луѓето на Трамп, би било „нерешавање“ со плус последици, како што беше и идејата за промена на границите. Не сакам да шпекулирам какви се американските интереси во овој случај, но не можам да не се сомневам, бидејќи уште до вчера имаше силни сомнежи дека проектот за промена на границата, на кој се спротивставија европските партнери, дојде од САД. Овие сомневања се засилени со оглед на тоа што многу од постапките на Трамп се дискутабилни, но и неоправдувани од демократите и американските медиуми. Уште повеќе со оглед на тоа што човекот задолжен за дијалогот помеѓу Приштина и Белград, Гренел, „Њујорк Тајмс“ го опиша како „истакнат“ за „недипломатска“ интервенција во Германија, додека „Вашингтон пост“ покрена сериозни сомнежи за неговата поддршка за исплата на корумпираните автократи.
Но, најголемата загриженост и сомнеж што ја предизвикувам е дека владата на Албин Курти најверојатно е последната надеж што им остана на косовските Албанци за со земјата да управуваат луѓе кои му служат на својот народ, а не луѓе кои го кочат тој народ. Затоа, ние од „добрите“ Американци треба да очекуваме поддршка за оваа влада да ги задржи ветувањата за ослободување на заробената држава, да се бори против корупцијата, организираниот криминал и владеењето на правото. А она што беше најдраматично беше фактот дека претставникот на Трамп целосно го игнорираше овој голем албански интерес и се најде подготвен да ја собори владата на Курти само затоа што не се покоруваше целосно во сомнителниот американски интерес.
Автор: Фатос Љубоња
Превод: Џејлан Велиу
Лектура: Е.М.
Изворниот текст можете да го најдете тука.