Денес сè уште со голема почит се зборува за Антон Павлович Чехов, а може да се каже дека со уште поголемо внимание треба повторно да се чита. Делото на Чехов е толку големо за светот, литературата, драмата и театарот, што можеби некој ќе се збрка кога ќе сфати дека во сиот свој писателски век Чехов се занимавал со „малиот човек“, односно со оној човек кого ние можеме да го здогледаме, да го прашаме нешто или, пак, да сме принудени да разговараме со него. Но, за да можеме да ја согледаме универзалноста во Антоновите дела, мора да ни се разјаснат времето и местото каде што Чехов се родил, живеел и творел, како и неговиот живот воопшто.
Чехов се раѓа во јануари, 1860 година, во Таганрог, мало крајбрежно гратче на Азовско море, а во семејство на ситен трговец Павел Јегорович Чехов. Честопати, речиси во сите биографии за Чехов, се споменува дел од едно негово писмо за неговото детство, каде што тој, имено, напишал „во детинството, јас немав детинство“, што може веднаш да нè доведе до некаков суптилен заклучок дека Чехов не припаѓал на богатиот и аристократскиот руски богат општествен слој. Впрочем, неговиот татко, кој бил вљубеник во музиката, во хорското пеење, во книжевноста и во уметноста воопшто, го довел семејството во банкрот уште во раната младост на Антон, па бегајќи од извршителите, семејството Чехови стигнуваат во Москва, освен самиот Антон кој останал во Таганрог за да ја заврши гимназијата. Штом ја завршува гимназијата, тој се изборува и да се стекне со правото на стипендија и почнува со студиите на Московскиот универитет, а во текот на своите студии пишува со цел да се издржува себеси и своите.
Оваа судбина на Антон Чехов не е невообичаена во периодот кога тој се родил и растел во Русија. Имено, периодот на втората половина на XIX век е периодот кога индустриската револуција се распространува на Исток, а во Европа веќе се раѓаат нови идеи и мисли за развојот на општеството и местото на човекот во него. Антон се раѓа во почетоците на распадот на една голема империја, која се борела со внатрешните и надворешните непријатели. Руската Империја во тој период почнува да се индустријализира, големите руски градови не само што растат и се развиваат, но истовремено и се гентрифицираат, а големите и пространи руски провинции, кои претходно се претставувале со описи на нивните пространства, со широки пејзажи на степите, снежните прекривки, боровите пуми, полјанките… стануваат сѐ помали и помали за човекот што живее таму. На економски план, оваа навидум голема империја заостанувала, војувала за територии, распродавала земјиште за да ја поднаполни и така празната каса, и имала аристократска класа што одбивала секакви реформи. Првите идеи за некакво ослободување од тешката материјална положба на населението, а особено на селаните се материјализираат дури една година по раѓањето на Чехов, со реформата за ослободување на закрепостените селани од своите феудални господари. Расказите, како и самиот негов живот, покажуваат декаослободувањето сепак не се случувало така лесно и глатко како што денеска можеме да помислиме.
Од овие историски факти може да се заклучи положбата на Чехов во светот околу него, па така, зачитувајќи ги неговите дела, секој ќе биде трогнат од неговиот интелект, од неговата фантазија и замисла за светот, од неговиот поглед кон себеси, кон човекот и кон светот воопшто. Неговите дела се навистина универзални затоа што го претставуваат човекот точно таков каков што е, односно со многу добра литературна техника ни ги изложувауниверзалните проблеми и погледи на човекот.
Расказите, иако кратки, се сосема доволни за да се разјасни идејата што ја имал Чехов во моментот на пишувањето… Тој, просто кажано, на јазик јасен за било кој читател ја доловува сета човечка природа низ описот на ликовите, нивните сеќавања и разговори. Јасно е дека баналноста на животот на неговите ликови, испишана низ неговото перо, дава еден друг приказ на сето тоа. Неговата техника се состои точно во тоа – баналното да го издигне до значајност.
„Дебелиот сакаше нешто да одговори, но по лицето на танкиот беше испишано такво угодување, сладникавост и почитувачка кисловина, што на тајниот советник му се слоши. Тој се сврте од танкиот и му ја подаде раката за збогум.“[1] Во оваа реченица од „Дебелиот и танкиот“, можеме да ја откриеме сета природа на човечката волја за поклонување, за стравопочитта која малиот човек смета дека е должен да ја носи пред поголемиот од него.
„Кивањето не е забрането никому и никаде.“[2] Оваа реченица, навидум така проста и јасна, а сепак за чиновникот толку страшна. Стравот и јадот од сопствената физиолошка потреба да се кивне, стравот од лутењето на повисокиот авторитет се особено присутни во Чеховите раскази. Овој ирационален страв ги опишува состојбите во тоа предреволуционерно руско општество во кое поклоништвото, ирационалните стравови и забрани, автоцензурата, цензурата воопшто не биле отсутни, напротив, нивната сеприсутност овозможила создавање вакви раскази и пиеси.
За Чехов уште може да се каже и дека е современик на мислата што тогаш била присутна во Европа, па оттука пишувањето за осаменоста и отуѓеноста на човекот не е само универзално пишување, но и некакво надоврзување на мислите што припадниците на модерната филозофија ги запишале во периодот пред Чехов. Така Чехов успешно го разработува концептот дека „единствената стварност е онаа на поединецот“. Во однос на ликовите што Чехов ги дава, Кориган го кажува следново: „Во својата онтолошка осаменост, ликовите на Чехов се налик на оние беспомошни патници што ги опиша Кафка во своите «Белешки». Возот на нивниот живот е, исто така, уништен; не постои никаква постојаност од која ќе можат да зависат; сѐ изгледа комично и апсурдно, болно и беспомошно.“[3]
Согласно можностите што денес ги имаме за да дознаеме повеќе за Чехов, неговите писма, биографии, периодични записи и самите раскази и драми, може да кажеме дека бил сосема свесен за осаменоста, за сопственатаосаменост, за апсурдноста на сопствената егзистенцијална природа. „… Чехов го живееше својот живот со целосна свесност за своето единствено умирање.[…] Чехов ѝ се спротивстави на реалноста на својата сопствена смрт со еднакво силно оружје – својот сопствен живот.“[4]
Она што денес нè доближува уште повеќе до расказите за „малиот човек“ на Чехов се низа наши одлики, речиси идентитчни со одликите на ликот на „малиот човек“ во неговата кратка проза. Првата заедничка точка е немањето слободно време. Она што е важно за ликовите во Чеховите раскази е нивната положба во светот во кој живеат. Имено, тие, иако не прават ништо,не одлучуваат за нешто важно или, пак, не наоѓаат задоволство во ништо затоа што околу нив и нема ништо, тие сепак не го поседуваат сопственото слободно време, односно се чиновници, наставници, лекари, работници, земјоделци, ловџии или дадилки, но мора да се присутни на некој начин во нивното банално секојдневие. Така и ние денес мора да сме присутни таму каде што сме затекнати. Неможноста да се случи некој подвиг или некоја случка што значително ќе промени нешто во однос на нас се состои точно од тоа немање слободно време.
Денес сè уште трае ерата на дигиталната револуција, а тоа за малиот (обичниот) човек не претставува ништо друго освен поголем хаос и поголема несигурност во однос на сопственото место во светот. Ова навидум можеби звучи скептично, но, доколку некој навистина се задлобочи во размислувањето за придобивките од развојот на технологијата досега ќе заклучи дека на трасирањето на патот за подобра комуникација, транспортпрвично на стоки, подоцна на луѓе и конечно на информации (денес), многумина настрадале делумно поради тоа што неминовно се нашле на трасата за поставување на темелите на „новото“, а делумно затоа што за секој изум треба да измине повеќе време додека се најде неговата точна функција, намена, употреба од страна на човекот и можеби најважно – начинот на употребата и заштитата. Историски погледнато, во моментот кога градовите растат, поважно е да се каже дека тие истовремено се гентрифицираат, во овој ист момент и селата се распаѓаат, но така провинциите така стануваат сѐ помали и помали. На овој начин, со современата можност лесно да се комуницира, важно е да се напомене дека тој трансфер на информации првично станува заморен и опасен, па можеби подоцна корисен за човекот.
Еколошките процеси и катастрофи што денес го алармираат човештвото за неговиот крајно антропоцентричен однос кон природата исто така неминовно го обликуваат човекот. Ние се наоѓаме во една таква позиција од која се бара разумност, итност, ажурност и неколебање за да се измислат нови начини на проиводствоза да се спаси овој начин на живот. Малиот човек е далеку од сите овие дискусии и одлуки, тој знае дека од него не зависи ништо, но не можеме да знаеме дали тој факт дека човекот знае дека не може да промени многу го успокојува или, пак, напротив, го вознемирува.
„Мажот стана, се исправи колку што е долг и ја симна маската. Покажувајќи го своето пијано лице и погледнувајќи ги сите, чудејќи се на направениот ефект, тој падна на фотелјата и радосно се закикоти. Навистина, направи необичен впечаток. Сите интелектуалци преплашено се загледаа во него и пребледнаа, а некој од нив се почешаа по тилот. Евстрат Спиридонович крикна, како човек кога не сакајќи прави глупости.
Во мешаницата, сите го препознаа тукашниот милионер, фабрикант и наследниот почесен граѓанин Пјатигоров, кој беше познат по своите испади, по своите добродетелства, и – како што еднаш се пишуваше во тамошниот гласник – посвојата наклоност кон просветата.“[5]
Расказот „Маска“ од Чехов ни ја дава целосната слика и за денешното општество кај нас. Богатиот човек, кој е еквивалент на успех, на стравопочит, на необичност, на големина, наспроти маленкоста на сиромашниот, секогаш ќе може да се измолкне од одоговорноста што му ја задава ситуацијата. Малиот човек, пак, има друга свест, тој знае дека не може да ги избегне одговорностите, дека секое избегнување на одговорностите подоцна се враќа како бумеранг, и тоа многукратно. Малиот, исто така, е воспитуван да помолчи зашто неговиот збор секогаш е помал од оној на големиот, та без разлика кој што имал да каже. Денешното општество сигурно се разликува по многу нешта од општеството во кое творел Чехов, но има некои, условно кажано, традиции што најверојатно нема да се напуштат ниту понатаму.
Читајќи го „Павилјон број шест“, јасно може да се вообразисликата на денешното македонско здравство и општество. Да се обидеме да ја прикажеме сличноста меѓу описите на Чехов и она што денес можеме да го видиме. Градската болница во гратчето од расказот нималку не се разликува од нашите општи болници, распространети низ земјава. Хиерархијата и меѓучовечките односи во неа, односите меѓу вработените и пациентите, меѓу колегите и особено меѓучовечките односи на оние што се сметаат себеси за нормални и оние за што првите ги сметаат за ненормални се страшно блиски, ако не и идентични, на сето она што ни се случува нам, на малите луѓе, кога ќе влеземе во големите болници, изградени вовремето на брутализмот, односно во социјалистичкиот домострој.
Низ играта на обичните секојдневни обврски на лекарот, ни е претставена неговата несвесност за својата надредена позиција во однос на болните. Имено, честопати е кажано дека „гладниот на ситиот не му верува“, но во овој расказ, просто кажано, лекарот почувствува како е да се биде пациент кога веќе не постоеше можност повторно да биде лекар. Таа глетка ја гледаме со сопствените очи: нашите болници сè повеќе личат на болницата од расказот „Павилјон број шест“, ние денес наидуваме на лекари што можеби повеќе сакаат да одмораат одошто да нѐ лекуваат, со презир се однесуваме кононие што се осудени да бидат сметани за „ненормални“. Руинираноста и смрдежот на зелка низ болницитеза нас не е приказна од минатото, универзалноста не е само во егзистенцијалните проблеми со кои се соочуваат ликовите, туку и со материјалните, економските, социјалните и општествените.
Чехов до крајот на својот живот творел и пишувал, договорот со неговиот издавач го втурнал во закрепостеноднос со него; ниту едно прозно дело произлезено од ракописот на Чехов не било негово, туку припаѓало на издавачот, штонесомнено е животот на многумина писатели, инженери, творци на одредени дела. Целокупното време го минувал пишувајќи за да може да ги прехрани прво родителите, па семејството, па сопругата. Можеби и затоа расказите се напишани така како да се пишувани за секој од нас посебно. Чехов, најверојатно знаејќи дека малиот човек за кој пишува нема време, ги испишал со таков јазик како би можел секој да ги разбере, но се држел и до кратката форма за секој да успее да ги прочита, па затоа и во еден поговор кон неговото творештво, професор Ѓурчинов пишува: „Со својот прониклив, потсмешлив, а сепак благ поглед, поглед кој сè разбира и од кој ништо не може да се скрие, тој беше и остана таму каде што се луѓето.“[6]
Сличноста на „малиот човек“ од Чеховите раскази и драми, кој секогаш живее таму некаде во длабочинитена Русија, со „малиот човек“ тука, во оваа средина,произлегува од идентичноста на структурната положба на едниот и на другиот субјект. Обајцата се подјармени на лихвари, кредитори, банки, судии, администрација и разни чиновници. Двајцата се непомирени со својот „бесцелен“ живот, двајцата го воспеваат славното минато и сакаат да ја избегнат сегашноста. Општеството за кое добиваме слика прекуликовите на Чехов нималку суштински не се разликува од нашето денес. Сето лигавење на ликовите штосакаат да се умилкуваат се случува и денес, впрочем тоа е резултат на економско-политичкиот систем – тогаш феудализмот, а сега капитализмот. Поточно, односот на умилкувачот нема да се промени сѐ додека системот наложува да има хиерархиски однос меѓу луѓето според нивното богатство, па така нема да се промени и стереотипот за „малиот човек“. Ништарењето на Лебедеви од „Иванов“ не е ништо поразлично од ништарењето на лихварите денес, кои, освен броењето на своите прекумерни изобилства, не трошат време на ништо друго.
Задтие ликови се крие општество што дели иста теологија со нашево денес, патријархалната култура е производ на тие вредности и тој светоглед, па затоа нивното вечно копнеење по љубовта не можеме да не го препознаеме во начинот на кој денес се тагува по љубовта, без оглед дали се тагува по непронајдената или изгубената девојка или по идеалниот маж. Еврејката Сара е синоним на многумина млади современи девојки штосе кријатсо своите љубовници пред своите семејства. „Малиот човек“ знае и пред крајот на „Иванов“ дека љубовта запира, можеби проблемот е како тоа да се соопшти, како да се каже…
Универзалноста може лесно да се согледа и во расказот „Мала шега“.Изразувањето љубов секогаш е тешко, мачно, проблематично, како за оној што ја изразува, така и за оној штотреба да ја прифати или отфрли. Најтешко е да се каже „те сакам“, а потоа е полесно, па затоа и, кон крајот на расказот, оној кој што ѝ изразувал љубов на Надењка, ќе уфрли така вешто, а сепак срдечно и искрено: „А мене сега, кога станав постар, уште не ми е јасно зошто ги зборував тие нешта, зошто се шегував…“[7] Љубовта секогаш ќе мора низ игра да ја доживуваме, низ игра да ја изразуваме и низ игра и шега да се сеќаваме на неа… Ете, тоа е она големото во малиот.
Во однос на психологијата во Чеховите раскази и драми, пак, може да се каже дека тој внесува сепак нов психолошки портрет во литературата, односно неговиот ракопис е многу поразличен од оној на Достоевски или наТолстој, Чехов ги опишува ликовите и низ нивната болест, низ нивното расположение, или ги претставува нивните мисли на сосема различен и невообичаен начин, неретко внесува моменти на самопреиспитување на ликот кога не е разбран од средината, или целосно недоразбирање меѓу ликовите во неговите раскази.Така ќе заклучи и Галина Лукич: „Главно за Чехов не е да претстави како живее јунакот, туку како реагира свеста на јунакот на некое случување. Писателот е насочен кон отсликување на процесот на активното искуство на јунакот. Свеста на неговиот современик е главниот предметна Чеховото уметничко истражување, свест во процес на искусување. Ова станува специфична чеховска тема, негово откритие: темата на човечката свест што ја разоткрива суровоста на животот.“[8]
Чехов дури неколкупати извршил измени на пиесата „Иванов“ додека ја добие конечната верзија, а воедно имал и самостојни анализи на драмата, па тоа помогнало да се доразјасни идејата зад Чеховиот „мал човек“, или јунак, или лик, и неговата психологија, па затоа Ѓурчинов за тоа вели: „Анализата на Чехов несомнено ги надминува рамките на уточнувањето на психолошкиот портрет на главниот херој на пиесата. Веќе самиот податок што, реконструирајќи го профилот на Иванов, Чехов премногу го доведува својот јунак до општите специфични својства на рускиот човек од одредена општествена средина, укажува дека Чехов ни го открива и типското потекло на ликот, разгранувајќи ни ја и неговата идејна содржина. Неслучајно анализата на Чехов завршува со откривањето на социјалната основа што го овозможува никнувањето и одржувањето на карактерите од типот на Иванов и што бездруго нè доближува до идејната светлина во која Чехов го согледува својот јунак, а преку него и своите многубројни прозни херои со сличен идеен и психолошки состав.“[9]
Смело е да се заклучува вака на брзина, но, она што е важно да се разбере е дека колку и да е голема империјата, или, пак мала провинцијата, „малиот човек“ на Чехов е секогаш цел, или поинаку кажано, тој таков и толкав може да биде. Остануваат многу неодговорени прашања во врска со „малиот човек“ на Чехов денес, како на пример каков е тој некаде на друго место, што прашања го мачат, за што сонува…
Светот не е изграден по мерка на тој човек, па оттаму се тешкотиите да се бара, да се истражува за тој човек, а кога ќе се пронајде, тогаш не ќе биде лесно да се опише каков е денес тој, не ќе може веднаш да се препознаат стереотипите, не ќе може веднаш да се решат дилемите за него, нотој е неминовно тука, битисува. Ако, пак, успееме да го пронајдеме малиот човек во нас, тогаш полесно ќе ги поставиме прашањата што го мачат.
Никола Шиндре
[1]„Дебелиот и танкиот“ од „Избрани раскази“, Антон Чехов, Македонска книга, 1988 г.
[2] „Смртта на чиновникот“ од „Избрани раскази“, Антон Чехов, Македонска книга, 1988 г.
[3] „Театарот во потрага по своето вистинско место“, Роберт Кориган, Македонска книга Скопје 1990 г.
[4] „Театарот во потрага по своето вистинско место“, Роберт Кориган, Македонска книга Скопје 1990 г.
[5] „Маска“ од „Огон во вода“ Антон Павлович Чехов, Мисла, Скопје, 1967 г.
[6] Поговор на Милан Ѓурчинов за „Избрани раскази“ од Антон Чехов
[7] Извадок од „Мал шега“ од „Избрани раскази“, А. Чехов, „Македонска книга“, Скопје 1988 г.
[8] „Уметничкиот детаљ во расказите на Чехов“, Галина Лукич, Универзитет во Нови Сад, 2018 г.
[9] „Младиот Чехов“,Милан Ѓурчинов, МАНУ, Скопје 2004 г.