Џејлан Велиу: За Јавна соба и за тоа што треба да се прави

Автор на фотографијата е Роберт Атанасовски.

Живееме во време во кој вредносниот систем кај луѓето е изместен, во систем во кој неморалното станало најголема доблест, причина за пофалба.

Јас нема да настапам како многуте либерали и да ги обвинам „мажињата“ на кои единствено задоволство во животот им е да зјапаат во женски тела.

Нема да настапам ниту како конзервативците и да ги обвинам девојките кои праќале фотографии на горенаведените „мажиња“.

И на крај, нема да настапам ниту како оние кои веруваат во правната држава, па се чудат зошто полицијата не реагирала.

Ајде сега, едно по едно да ги разгледаме овие појави.

Капитализмот е систем кој пред се ги отуѓува луѓето едни од други, е систем кој создава големи класни класни разлики, а следствено на темата, создава јаз меѓу родовите, ја претвора жената единствено во сексуален објект за задоволување на „машките потреби“.

Тргнувајќи од ова, оние „мажиња“ кои го прават тоа не се единствени кривци, туку крив е пред се образовно-едукативниот систем кој од нив создава варвари и апсолутно непочитувачи на жената како индивидуа. За овие „мажиња“, жените се делат во две основни категории: жени кои се вредни за со нив да стапат во брак и жени кои треба да се употребуваат за забава. Самата оваа поделба е крајно проблематична, бидејќи ако доволно се разгледа проблемот, корените одат се до патријархатот и употребата на жената како „машина за раѓање“. Да не навлегувам историски за положбата на жената низ историјата и вековите.

Втората појава, односно праќањето на фотографии од страна на девојките и нивното обвинување. Самиот акт на праќање на „несоодветни“ фотографиии пак има за цел задоволувањето на ниските потреби на „мажињата“. За жал, многу мал број на жени се свесни за потребата од интелектуална и вредносна еднаквост со мажите. Ова е повторно поради општествениот систем во кој живееме, биејќи и кај самите девојки/жени е присутно мислењето, кое патем е наметното од традицијата (патријархатот) дека мора да изгледаат убаво, дотерано и разголено, за да им бидат привлечни на „мажињата“. А што се однесува до оние кои ги осудуваат девојките/жените кои се сликале разголени и праќале фотографии, кај нив се работи за длабока конзервативност кои моралот и честа кај жените ја бараат во нивното меѓуножје. А притоа не ги осудуваат другите негативни и нечесни појави во општеството, од типот на корупција, криминал, осиромашување на народот итн.

Јасно како ден е дека и овие „мажиња“ и девојките се жртви на вредносниот систем на капитализмот. Ако би живееле во друг систем, и негувале други вредности, најверојатно немаше да дојди до ова.

Што се однесува пак до правната држава и реагирањето или нереагирањто на полицијата. Па добро бе луѓе, зарем уште верувате во правната држава?! Зарем после сите неразрешени убиства, после сите неразрешени смртни случаи или инвалидитети настанати поради лекарска грешка, после сета корупција и цел криминал, вие уште верувате во правната држава и полицијата?!

Барањето на помош од правната држава и верувањето во тоа дека полицијата ќе преземи нешто, искрено ми изгледа само на кревање на врева за ништо. Луѓето кои години наназад зборуваат за партиски вработувања во сите институции, па и во МВР, сега се чудат зошто полицијата не реагирала? Ма дај, немојте, ве молам.

Случајот со Јавна соба се случи, не можеме да го вратиме времето назад, сега останува да бидат санкционирани оние лица кои земале учество во истата. Но, што понатаму? Зарем по една, две или три години нема да се случи истото? Ќе се случува, постојано ќе се случува и ќе биде уште погрозно, се додека не ја согледаме причината за тоа. А причината за сите негативности, за цел искривен вредносен систем треба да се бара во капиталистичкото општество, каде профитот е побитен од човекот.

Што да се прави против капитализмот?

  • Агитација
  • Едукација
  • Организација

Само во организирана борба можеме да се избориме за подобро општество.

Подобро општество е можно.

Подобро општество е нужно.

Авторка: Џејлан Велиу

|2021-01-28T13:25:29+00:0028 јануари 2021|Актуелно, Став|