Кога на еден настан познатата британска психоаналитичарка и социјална критичарка Сузи Орбах беше прашана дали терапијата која ја спроведува е истовремено и нејзина политика, таа одговори: „Се надевам дека не е моја политика, но се надевам ја изразува мојата политика“. Сузи меѓународно е позната по нејзината работа во спојувањето на феминизмот и психотерапијата. Во нејзината емисија на Би Би Си „На терапија“, таа реферира на социополитичките прашања кои произлегуваат од нејзината работа со клиенти. Тоа го изведува со тоа што сценира перформанс – сесии со помош на театарски актери.
Одговорот на Сузи претставува нужна дилема која ги предизвикува традиционалните методи на терапија и ги тера терапистите да ги кршат границите на идеологиите и ставовите кои се однесуваат на потценетата улога на општеството и на „системот“ во предизвикување на проблеми во менталното здравје. Како што сѐ повеќе луѓе го прифаќаат поимот „личното е политичко“, терапијата исто така треба да достигне идеолошки моментум кој ќе инсистира на револуционерна трансформација.
Искажување на политика преку терапија пред сѐ значи да се има политички став, пред евентуално да се препознае дека проблемот на клиентот кој доаѓа на терапија има социо-политички корења. Крајно, тоа бара терапевтот да преземе приод што ги спојува човековите права и менталното здравје, испорачувајќи вклучувачки, не-осудувачки вид на помош.
Последните истражувања ги поврзаа глобалните случувања како климатската промена со менталното здравје. Слично, драстичните поместувања во владите се главен предизвикувач на вознемиреност кај јавноста. Уште повеќе, колективното истражување на било кој проблем со менталното здравје, како што се самоубиствата на Индиските фармери или студенти, или родово заснованото насилство, ги изнесуваат на светлина факторите што водат потекло од неисправните јавни политики и системското премолчување на дискриминацијата и нееднаквоста. Оттука, било која индивидуа што сфаќа дека нејзината траума е поврзана со општеството околу неа е предизвик за терапевтите, истовремено ова знаење отвора нови патишта за успешна терапија.
Едно неодамнешно истражување објавено во „Журнал за клиничка психологија“ го анализираше влијанието на терапијата која вклучува политичка дискусија помеѓу терапевтот и пациентот, вклучувајќи го самостојното откривање на ставовите кои се однесуваат на она што се случува во светот. Резултатите покажаа здрав терапевтски однос и потврдија дека политичките погледи на терапевтот имаат долготрајно влијание врз нивната работа со клиенти. Но, ваквиот пронајдок не претпоставува само позитивини исходи.
Да се поканат политички дискурси во терапијата значи да се влезе во осетливи територии поврзани со разновидни сетови на системи на верување. Прашањето останува: Можно ли е да се култивира согласност помеѓу здравствените професионалци, и тоа во држава каде што постојат неколку различни индивидуални идеологии, обликувани од кастата, родот, религијата или сексуалната ориентација на оној кому припаѓаат? Дополнително, дури и да е добро терапијата да има влијание од политичките разговори, дали тоа на луѓето им помага долгорочно, нудејќи им ги самите причини за кои побарале терапија?
„Помага, доколку (терапистот) знае што прави“ вели Картики Кешкамат, клинички психолог со приватна болница базирана надвор од Пуна (Индија). „Тешко е да се замисли ефективна терапија без да се адресираат социокултурните фактори на луѓето, а она што е социокултурно евентуално е политичко. Да се зборува за политика не значи да им се влијае на клиентите или да се всадуваат нови идеи во нив. Тоа значи да се препознаат вистинските фактори кои предизвикале проблеми во менталното здравје и потоа да се работи со клиентите за да се разбери тој однос.“
Ала Матра, психотерапевт од Бенгалуру, кој работи во Алтернативна прикаска, центар кој презема психосоцијален пристап во обезбедувањето на менталните здравствени услуги. Размислувајќи за преземањето на политички приод кон менталните здравствени проблеми, Ала вели: „На почеток, терапевтските техники работеа врз претпоставката дека причината за вознемирувањето е во индивидуата. Политичко-информираната терапија зема предвид дека ментално здравје на индивидуата не е предизвикано единствено од биолошките или психичките фактори. Доколку избегнеме да зборуваме за сиромаштија, кастизам, сексизам, хомофобија, трансфобија и други форми на систематска дискриминација, ние ја сместуваме одговорноста исклучиво во индивидуата.“
Историски, психотерапијата по природа беше аполитична. Под доминантниот биомедицински чадор на менталното здравје, се мислеше дека е оправдано да не се истражува во околинските фактори што влијаат врз луѓето. Когнитивно-бихејвиоралниот пристап кон терапијата набргу стана идеал кој, зборувајќи опширно, ги гледаше луѓето како пристаништа на сопствени проблеми кои не се способни да гледаат на проблемот различно, неспособен да ја рационализира нивната траума или да им ги промени нивните начини на мислење.
Овие терапии брзо станаа “златниот стандард“ за третманите на менталното здравје. Тие се кратки, лесни, директни и единствено препорачуваат личноста да ги промени своите мисли и перспективи. Но занемарениот резон зад оваа популарност беше тоа што таа ги спречуваше луѓето во проширувањето на нивната перспектива за нивната “болест“. Тоа го барикадираше натамошното истражување во изворите на проблемите со менталното здравје и кој или што ги одржува нив. Психолошкото вознемирување што е поттикнато (и особено поврзано со) од сили како капитализмот и неправдата стана стана проблем на само-контролата, само-вредноста, само-почитта и компетенцијата.
Радикалните феминисти како Керол Хениш остро ги критикуваа таквите методи. Во својата неславна книга, „Личното е политичко“, Керол пишува, „Терапијата претпоставува дека некој е болен и дека постои лек, како на пример, некое лично решение. Јас сум многу навредена што се смета дека мене или на било која друга жена и потребна терапија. Проблемот не е во жените, туку во тоа како се тие третирани. Наместо да ги прилагодиме, ние треба да ги промениме објективните околности.“
Размислувајќи за ова, Картики додава: „Не станува збор за промовирање или деградирање на било која терапија, но терапевтот треба да знае кога која да ја користи. Замислете си како ми доаѓа клиентка со историја на сексуална траума. Знам дека ми треба политички пристап, а не доминантно когнитивен кој од мене ќе бара едноставно да ѝ ги променам нејзините мисли за она што се случило. Доколку не ги адресирам социјалните фактори кои ја отежнуваат нејзината вознемиреност, а тоа е патријахалната култура и нејзините многубројни сили, јас нема да бидам фер. Ова е она што значи ‘политичко’“.
Луѓето имаат тенденција да ги интернализираат своите проблеми и да ги третираат како “свои“, таквите тенденции се потхранувани од доминантните дискурси. Земете ја на пример силната вина ‘дека не заработуваш доволно’ што луѓето ги носи во депресија, или зависник кој е постојано обвинуван за правење на ‘погрешниот избор’. Во нејзината студија „Општество на избор“, словенечката филозофка Рената Салецл смета дека пост-индустриската ера нам луѓето не присилува да создаваме идеална слика на сѐ што мора да се постигне за да се биде среќен, а кога тоа не е постигнато, евидентно, личноста нема кого да обвини освен себе, станувајќи анксиозна. Слично, новинарот Јохан Хери објаснува како ние секогаш гледаме на зависноста како личен избор, наместо да гледаме на неа како проблем на општеството наталожен од недостапноста на основните ресурси што на човек му се потребни да преживее и процвета. Ваквите идеи исто така се индикативни за прекупотребната промена во третирањето на тие состојби.
Ала дава ефикасен пример за тоа како професионалците треба да го променат начинот на кој го гледаат растројството. Таа додава: „Гневот во терапијата е често патологизиран како емоција. Доколку искажуваат гнев, индивидуите можат да бидат означени како “хистерични“ или “нерационални“. Лице кое припаѓа на маргинализирана група може да се соочи со насилство или други форми на опресија на дневна основа само поради својот идентитет. Гневот во случајов е валидна емоција, бидејќи човек се чувствува беспомошен против систематската опресија.
Било која социо-политичко информирана терапија ќе го охрабри клиентот да го сфати гневот како природен одговор на опресијата, и до одредено ниво, да го користи како здрава алатка за трансформација. Можеме да го сториме тоа така што ќе му помогнеме на поединецот да се стекне со сеопфатно разбирање за угнетувањето и како тоа влијае врз него. Ова бара безбеден простор за зајакнување каде поединецот може да го испита влијанието на својата социјална положба врз сопственото ментално здравје “.
Во општество каде фашизмот, нееднаквоста, недостапноста на ресурси и злоупотребата на моќ се сериозно инволвирани во животите на луѓето, претставува директно предавство заздравувањето да се третира како лична одговорност. Внесувањето политика во терапевтската соба може да им помогне и на терапевтот и на клиентот да ги видат овие фактори како дел од психичкото вознемирување. Ова не само што ја ослободува личноста од само-обвинување, туку и ја снабдува со чувство на солидарност, што е долгорочна цел на патот кон закрепнување.
Превод: Стефан Видиков