Законот нема да ги сруши стереотипите за ромите

БИТОЛА, 08. 11. 2017 – Минатата недела во јавноста кружеше вест за сегрегација на не-ромските деца од ромските во Битола. Сегрегацијата се однесува на запишување во основното училиште „Ѓорѓи Сугарев“. Родителите кои немаат ромско етничко потекло, не дозволуваат нивните деца да учат со деца роми. Тие си ги запишуваат своите деца во други училишта, иако според прописите за реонизација треба да ги запишат децата во одрдено училиште.

Реонизацијата предвидува дека граѓаните треба да се запишуваат и да учат во училиштето коешто е одредено како училиште на реонот кадешто живеат. Реонизацијата ја одредува Советот на општината, согласно Законот за основно образование.

Во овој случај, граѓаните не-роми, чиишто деца според реонизацијата е предвидено да учат во училиштето „Ѓорѓи Сугарев“, не ги прифаќаат одредбите и нивните деца ги запишуваат во училишта кои не припаѓаат на реонот во којшто тие живеат.

Расистичките и шовинистички пораки и култура во Битола не застануваат тука. На почетокот на оваа година, на ѕидовите на истото училиште беа пишувани графити од страна на непознати лица со шовинистичка и расистичка содржина против ромите. До Основното јавно обвинителство (ОЈО) е поднесена кривична пријава од страна на ромски организации против непознат сторител , меѓутоа досега нема ниту глас од некаква правна разврска.

 

 

 

 

 

 

Во 2016 година, беше објавена книга со наслов „Отеле ѓуптинот“ од авторот Благој Н. Николов. Самиот наслов на книгата е навредлив за ромската популација, а истата беше промовирана во Унвиерзитетската библиотека во Битола, со перформанс на Драмското студио „Солза и смеа“. Луѓето коишто се дел од ова студио, имаат историја на дискриминирачки и анти-ромски исмејувачки скечеви во битолските локални телевизии. На промоцијата на книгата, перформансот беше изведен на сличен начин како и останатите нивни скечеви. Тогаш, дузина ромски организации од Битола и регионот реагираа на ваквата дискриминирачка можност која им беше дадена на овие луѓе за промоција на книга која исто така прави една стереотипизација на ромското население во Битола и регионот. Ромите беа прикажани како припрости, луѓе кои не можат да го научат македонскиот јазик на начин којшто го зборува мнозинството граѓани, т.е. македонците, и користеа ред други стереотипи кои ги врамуваат ромите во една рамка која станува есенцијална во односот кон нив.

Битола не е единствен град, кадешто постои сегрегација

Редакцијата на Гласник разговараше со Несиме Салиоска, активистка а воедно и директорка на организацијата Рома С.О.С. од Прилеп, која е членка на Мрежата за заштита од дискриминација. Таа е долгогодишна активистка за права и еманципација на ромите во Македонија.

Според Салиоска, проблемот со можната сегрегација на не-ромските граѓани во Битола, е одраз на недоследната примена на одредбите за реонизација при упис на првачиња. Таа смета дека, етнички чистите паралелки и трендот на отпишување и избегнување на тоа училиште го докажуваат фактот дека, постои тенденција на сегрегација.

„Друга причина е незадоволството од квалитетот на наставата, односно учиниците и во шесто или седмо одделние не успеваат правилно да пишуваат и читаат и заминуваат од училиште без домашна задача.

Дополнително ваквата сегрегација ја загрозува безбедноста на учениците, што е потврдено со неколкукратните јавни огласувања на говор на омраза насочен кон учениците од ромската заедница. Графитите „Смрт за ѓупци. Умрете Ѓупци“ со кои осамна училиштето на ден 19.01.2017 година или непосредно пред стартот на второто полугодие е најевидентен пример за истото“, вели Салиоска.

Таа потенцира дека, Битола не е единствениот град во кој се видливи тенденции на сегрегација од страна на не-ромското население кон ромите.

„Ваква тенденција освен во општина Битола од наша страна е идентификувана и во општините Прилеп (ООУ „Добре Јованоски“) и Штип (ООУ „Гоце Делчев“), односно во оние три општини кои после Шуто Оризари се најголеми по бројност на ромско население. Реонизацијата и во овие две општини не се почитува, при што родителите на учениците не-роми во голем дел одлучуваат да ги запишат во друго училиште“, истакнува Салиоска.

Отворањето на средното училиште во Шуто Оризари во кое ќе учат само роми, некои од граѓанските ромски организации го сметаат за чин на сегрегација. Организациите сметаат дека, доделувањето на ромските средношколци од средношколците од другите скопски населби може да предизвика контра ефект, во чинот на културна размена и инклузија. Ставовите на Салиоска се движат во иста насока околу идејата за училиште во коешто ќе учат само ученици роми во Битола.

„Апсолутно не, од причина што таквата сегрегација е спротивна на државната заложба за социјална инклузија на ромите во Република Македонија. Креирањето на чисто етнички средини и чисто етнички училишта е спротивно на определбите за соживот и промоција на мултиетничкото општество“, потенцира таа.

Салиоска смета дека, потенцијално решение во овој случај е десегрегација и оти, државата и институциите на системот ги имаат конците во свои раце.

„Да се десегрегираат основните училишта како во Битола, така и во другите спомнати општини, односно да се ревидираат општинските планови за реонизација во однос на уписот во основните училишта, да се донесе одлука за почитување на реонизацијата од страна на основните училишта и доследно да се следи нејзината примена преку редовен инспекциски надзор од страна на Државниот просветен инспекторат“, заклучува Салиоска.

Социо-економските причини за една константна дискриминација и угнетување

Барањето на излезните решенија во постојните законски одредби се покажува како нефункционално. Проблемот е далеку посложен од самото почитување на реонизацијата. Социо-економскиот фактор има создадено традиција на напластени дискриминаторски практики и исклучувања на ромите. Економската и социјална исклученост на оваа заедница, низ годините создава предиспозиции за нејзина гетоизација и оневозможување на културна интеракција помеѓу нив и останатиот дел од граѓаните.

Од партијата Левица, во саботата објавија реакција за овој проблем, којшто се провлекува со години. Одговорноста на дел од проблемот ја акцентираат врз Советот на Општина Битола. Како што велат, „одлуката за реонизација од 2009 година ја отвора можноста граѓаните да си ги запишуваат своите деца во други училишта“.

„Последните години се провлекува проблемот родители македонци да не сакаат да ги запишат нивните деца во училишта каде што има деца од друга националност (во случајот роми). Уште потрагично е тоа што Советот на Општина Битола многу штуро се обидел да го реши овој проблем. И покрај одлуката за реонизација од 2009 година, сепак законот за образование им дозволува на родителите да го запишат своето дете во било кое училиште доколку таму не е пополнет бројот, а намалениот наталитет им го олеснува тоа“, се вели во нивното соопштение.

Според ставот на Левица, социо-економските услови, всушност се двигателот на една заедница, односно еден човек на многу општествени деклинации од постојните морални норми на мнозинството.

„Евидентни се лошите услови во кои живеат ромите, како и дискриминаторските практики низ кои истите поминуваат секојдневно. Ромите се системски втурнати во ситуација каде не можат да најдат работа, принудени се да работат „на црно“ што понатаму со себе носи и други последици на еманципаторски и културен план. Овој проблем си има своја историска и генерациска генеза, па затоа е илузорно да очекуваме дека дискриминација која се случувала децении наназад, може да се реши на едноставен начин и по пат на апелирање. Условите за живот ја диктираат свеста и однесувањето кај поединците и групите. Кај ромите тоа е и видливо и кај најмладото население“, сметаат од Левица.

Префрлувањето на вината врз родителите, коишто не сакаат своите деца да си ги запишат во одредено училиште, според Левица, е погрешно. Според нив, вината не паѓа само врз родителите, затоа што тие се загрижени како родители за своите деца. Тие велат дека, отсуството на државните политики и решенија ја одржува во живот дискриминацијата врз ромите, без изгледи за нејзино искоренување.

Решението е посложено отколку што изгледа, меѓутоа првиот чекор треба да се направи. А чекорот е одговорност на сите граѓани, вклучително и на институциите на државата. Надминувањето на националистичките и дискриминациски односи најпрво паѓа врз плеќите на оние попривилегираните, а потем врз останатите.

|2017-11-08T15:40:29+00:008 ноември 2017|Актуелно, Вести, Некатегоризирано|