Шутка и Топаана имаат една мана, што не се во Центар

18.10.2017 – На одбележувањето на вчерашниот Меѓународен ден за борба против сиромаштијата во Институтот за социјална работа и политика професорката Маја Геровска Митева, како семејства со највисок степен на сиромаштија ги издвои оние кои имаат три или повеќе деца. Според заменик министерот за труд и социјална политика пак, Елми Азири, надоместоците кои државата ги дава на социјално ранливите категории и граѓани треба да ги пратат зголемувањето на стандардот на граѓаните, зголемувањето на просечната плата и трошоците за живот и оти, паричната помош треба да се прилагодува на овие критериуми.

Екипата на Гласник, ја посети Шутка, местото кадешто живее население во голема сиромаштија. Ромското население е најзапоставувано, како од локалните, така и од централните власти. Тие живеат на маргините на ова општество и ниту еден политичар досега не се залагал за нивна интеграција во општеството.

Мирис на отпад, беда и скрб, плакати од политичари, вода низ улици во недостаток на канализација, од прилика ваков е впечатокот при влегување во Општина Шуто Оризари. Иако, меѓународниот ден на сиромаштијата поминува само со новинарски статии и предупредување на јавноста од оваа негативна социјана појава, различен е опитот кога истиот ќе се почувствува и ќе се просведочи на лице место. Вчера, во Шутка, сиромаштијата си тлееше како и секојдневно без престан, не само таа финансиската и економска, туку и структурната и системската.

Шутка е место во коешто голем дел од општината постојано се трансформира во јавен центар на отпад, кој се изнесува од централното градско подрачје и претставува на некој начин извор на преживување за дел од жителите на оваа општина.
Недостатокот од канализациски мрежи, одводните материјали ги вади на улица и често можат да се види како тече вода, но и фекалии по улиците.

Жителите се жалат на немањето слух од страна на властите за нивната состојба која како што ја опишуваат тие „претставува давење во ѓубре“. Претставниците на политичкте партии, но и кандидатите за градоначалници на Шутка ветуваат пред избори многу, но кога ќе седнат на фотеља забораваат веднаш што ветиле. Тие исто така, се жалат и на немањето гинеколошка амбуланта, односно лекар гинеколог. Амбулантата којашто функционира некако во Шутка, исто така нема ниту кожен лекар, а од кожни болести страдаат поради присуството на сметот кој предизвикува различни кожни инфекции.  Улиците делумно се асфалтирани, делумно несанирани, насекаде смет и ѓубре. Шутка станува една голема депонија.

 

Просторот позади пазарот во Шутка е претворен во депонија, а на само 10 – 20 метри се домовите на некои од жителите

Кога станува збор за сиромаштијата, таа го создава и т.н. Modus vivendi на луѓето коишто се на дното на социјалниот бит. Оттука, се плетат сите мрежи на координација на ресурси кои се нужни за преживување. Моралните устројства на овие луѓе се различни. Тие се формирани од потребата да се преживее, затоа што насекаде дискриминациските односи на доминантните политички партии, економски и културни инстанци градат однос на исклучивост преполн стереотипи кон нив а со тоа и тешка маргина. Импровизирани живеалишта, неопремени карабини, деца на улица и многу мачен живот.

Колку повеќе плакати од политичари, толку поголема беда и сиромаштија

Се чини дека, бедата е најприсутна во области во кои најмногу политичките партии се појавуваат со агресивна кампања. Шутка е место, кадешто до неодамна еден политички клан ја имаше окупирано општинската организација, а од неодамна тој клан си доби свој опонент.

Фотографии и плакати од двајцата кандидати можат да се забележат скоро на секоја улица и на секои 10 до 20 метри. Познато е тоа дека, во оваа општина се случуваат големи кршења на правото на глас на избори, со поткупувања на денот на изборите, но и со најразлични притисоци. На бомбите, коишто во 2015 година ги објавуваше тогашната опозиција, Ромите беа една од темите на телефонските разговори на кои се слушаше како бившата министерка за Внатрешни работи се исмева со тоа што нивниот коалициски партнер „ги влечел ромите за уши за да гласаат“.

Една од жителките на оваа општина во кратка изјава за Гласник вели дека, сите политичари ветуваат многу пред избори, но оти и понатаму тие продолжуваат да живеат во депонија, неасфалтирани улици, без канализација и бараат од медиумите повеќе да се занимаваат со оваа тема, со цел да допре гласот до јавноста, за тоа како живеат овие луѓе.

Со ништо не се подобрува животот на овие луѓе, а тие се’ уште чекаат подобар живот. Политичките партии имаат големи билборди наместени над главите на гладните стомаци.

Општината Шуто Оризари е се’ што не е Општина Центар и останатите општини кои гравитираат околу центарот на Скопје. Жителите на Шутка преживуваат со трошките на граѓаните од останатите општини и населени места, но и Општина Шуто Оризари преживува со трошките кои остануваат од останатите скопски општини. Едно од позначајните прашања е колку расизам има во овој однос кон ова население.

 

 

Плакати од политичари насекаде околу жителите, додека тие се гушат во депонија и немаат елементарни услови за живот

Автор: Мариглен Демири

Фотографии: Сенада Ибраимова