Драгана Велковска е носителка на листата на советници на Левица за Градот Скопје. Таа е родена на 26 ноември 1984 година во Скопје. Во 2008 година дипломира на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Веќе 10 години волонтира за заштита на животни и животна средина и е еден од основачите на повеќе граѓански организации и иницијативи кои работат во овој домен и кои практикуваат социократија.
Гласник: Оваа година партијата Левица пријатно ја изненади јавноста со тоа што на неколку листи како носители истакна кандидатки жени, вклучително и кандидатката за градоначалник на Градот Скопје. Ти си исто така и активистка во доменот на екологијата, но и за правата на животните. Како ги коментираш овие усилби на Левица за интеграција на жени на „добитни“ позиции на овие избори?
Д.В. – Позиционирањето на жените на како што ги нарекувате „добитните места“ е еден убав одраз на принципите на Левица и доказ дека не се тоа само празни зборови. Левица не е од оние партии кои формираат унии на жени. Во Левица нема разлика во пристапот до можности меѓу жените и мажите. Способностите се одлучувачки критериум, не половите органи.
Гласник: Во градскиот парк се најавуваат нови градежни проекти од страна на кандидатите на ВМРО – ДПМНЕ и СДСМ, како што е нов Луна парк и нова сала на К.К. „Работнички“, при што ќе се уништи зеленилото. Дали планирате заштита на зеленилото во градскиот парк и прекинување на овие градежни проекти?
Д.В. – Секако. Партиите со лева идеологија се природно наклонети кон заштита на животната средина. Правото на здрава животна средина е едно од основните човекови права. Левица е изричито против уништување на зеленило поради профит. Во случајов се работи за Луна парк и спортска сала кои би требало да ги користат и граѓаните, но ние сме против развој кој значи уништување. Паметно планиран одржлив развој е тоа што ѝ треба на Македонија. Истите проекти може да постојат само на соодветни локации и со минимизирање на негативните последици по животната средина. Македонија има извонредна природа, а дел од нејзините градови се на срамните први позиции по загаденост во Европа. Жителите на нашиот град и на нашата земја заслужуваат подобро.
Во нашата програма за Град Скопје предвидуваме мораториум на сечење и уништување зеленило, зелени покриви, вертикални градини и слично. Вчера нашата кандидатка за градоначалник, Марија Џонс, ја потпиша Платформата за чист воздух на О2 Коалицијата. Барањата на кои се обврзавме детално навлегуваат во заштитата на зеленилото и неговото (па и креативно) зголемување во урбаните единици.
Гласник: Досегашните општински и градски власти ја оневозможуваа работата на урбаните заедници, со цел да ги спречат граѓаните да учествуваат во донесувањето на одлуки на локално ниво. Како ќе ги заживеете овие урбани заедници кои се предвидени со законот за локална самоуправа, а со чија работа граѓаните ќе бидат директно вклучени во процесот на одлучување на локално ниво?
Д.В. – Прво што Левица ќе направи доколку го добие управувањето со Градот е департизирање на администрацијата и заложба за ослободување на инструментите на непосредна демократија во локалната самоуправа, односно, намалување на процентите за локален референдум и собир на граѓани.
Граѓаните на Скопје може да бидат сигурни дека ние доследно ќе ги спроведуваме законите во однос на нивното учество во процесот на носење одлуки. Јас самата сум долгогодишен активист и многу добро знам колку е отежнат, блокиран, па и саботиран целиот тој процес. Класична саботажа видовме со референдумите за рудниците на смртта кога вицепремиерот за економски прашања изјави дека референдумите немаат никаква правна тежина и дека се залудни по што видовме три неуспешни референдуми, за разлика од трите пред неговата изјава кои беа успешни.
Задолжително е граѓаните да имаат главен збор во одлуките што ги засегаат на локално ниво, но, исто така, многу важно е да бидат тоа објективно информирани граѓани, а не такви кои се изманипулирани, каков што беше случајот со референдумите против мигрантите кога фактичката состојба е дека во Македонија азил побарале само четворица мигранти – сите други само транзитираат низ земјава. Мислам дека ова е уште еден многу добар показател на општата состојба во Македонија кога имате лица од завојувани подрачја што ја одминуваат вашата земја и немаат никаква намера таа да биде нивен дом. Што кажува тоа за нас како општество?
Гласник: Во Македонија, во последниве десет години, но и повеќе, се случува преселба од внатрешноста кон Скопје. Цените на недвижнините по метар квадратен се многу високи. Многу се гради, но и покрај тоа што се гради постојано, високата цена на метар квадратен останува или расте до недоглед. Овој домен останува строго нерегулиран. Многу млади кои се или вработени или студенти и кои доаѓаат од внатрешноста плаќаат енормно високи цени за кирија. Дали овој проблем ви е познат и и дали имате некои решенија во оваа насока?
Д.В. – Во сниманите разговори сите убаво слушнавме каква градежна мафија оперира во Скопје, а и во Македонија и веќе е непобитен факт дека партиите функционираат како агенции за вработување. Малите семејни бизниси се уништија со казни, инспекции и уцени. „Странските“ инвестиции се само еуфемизам за работници кои се современи робови. И ти останува само да се вработиш „на државно“ зашто тука единствено се гледа „сигурноста“ во работното место и твојот опстанок. А најмногу „државно“ има во Скопје. И така ќе си работиш (или не), ќе си ќутиш и ќе си одиш на контра-протести. Барем нема да бидеш таксист или келнер со диплома од Електротехнички факултет и просек 10.00. Барем нема да умираш по ќумези без воздух како што умираат работничките-шивачки и ќе земаш дупло или тројно повеќе од нив, а ќе работиш многукратно помалку.
Ниедна од двете поголеми партии досега не покажа јасна визија и одлучност за сеопфатен и рамномерен развој на Македонија иако сме само две педи земја. Решенијата за овој проблем се делумно решенијата од едно претходно прашање. На Македонија ѝ треба одржлив, но и рамномерен развој. Потоа, ѝ треба строго придржување до регулативата што ги третира работничките права, нејзино унапредување, како и забрана за вработување по партиски список составен од искусни лепачи на плакати. Но за сето ова да се случи е потребно на клучните позиции да бидат луѓе кои досега имале континуиран придонес за општо добро и кои се докажале како искрени и посветени борци што несебично ги донираат своето време, своите знаења, способности и својата енергија за да ни биде подобро на сите. И не, тие луѓе не бараат ништо за возврат зашто тие луѓе се свесни дека тие единствено помагаат да се изгради нашиот заеднички дом во кој сите заедно живееме и секоја негова фалинка е (помала или поголема) закана за секој од нас.
Гласник: Населбата Шуто оризари претставува населба во која голем дел од населението се припадници на ромската етничка популација. Ромската популација претставува една од најдискриминираните етнички заедници во Македонија. Тие се соочуваат со социјални проблеми, сегрегација, а ромските населби немаат здравствена и урбана инфраструктурна. Дали Левица има предвидено мерки за решавање на проблемите со коишто се соочува ова етничка заедница во населбите каде ромите се мнозинство земајќи ги предвид градоначалничките ингеренции за инвестиции во инфраструктурата? Дали имате предвидено решенија околу канализацијата во Шутка, но и Топаана, земајќи предвид дека проектот од 2014 година за поставување на атмосферска канализација на Општина Чаир, Топаана е заобиколена бидејќи беа потребни големи цевки? Дали сметате дека во минатото капиталните инвестиции беа онаму кадешто живеат македонци и албанци, односно неромско население, за разлика од населбите со роми. Дали станува збор за расизам во овој случај?
Д.В. – Не знам дали би го нарекла расизам. Едноставно живееме во едно многу тешко време што го вади најлошото од нас. Време во кое повеќето од нас се себични и се грижат единствено за сопствениот интерес и потреби. Но и време во кое оние доблесните можат јасно да се истакнат и да покажат дека може и мора поинаку.
Левица има решенија за инфраструктурата во „заборавените“ општини. Секогаш ќе се работи исклучиво по приоритет, односно, домаќински ќе се трошат парите на граѓаните, а не популистички. Нели е примитивно во 21 век да водиме политичка кампања во која уценуваме гласачи, но и ловиме гласови со ветувања за асфалтирање на две улици? Имаме и решенија за сите социјално загрозени категории – од нивно приоритетно вработување во секторот отпад до ангажирање во урбани градини кои истовремено ќе бидат и енергетски ефикасни објекти, како и интегрирање во образовниот процес и општо, во нашето општество, за што секако ќе ни биде потребна тесна соработка со државните институции. Немаме луксуз да си дозволиме ниту еден вид на дискриминација, зашто тој еден секогаш ќе води кон друг и така магичниот круг на неправдата никогаш нема да престане да се врти.
Гласник: Дебар маало е синоним за градежната мафија. Активисти и граѓански иницијативи застанаа зад платформата Здравјето пред профитот, која меѓу другото предвидува и мораториум на градба во населбата и градскиот парк се додека не се изработат студии за населеноста, загадувањето, како и за сообраќајни решенија. Меѓу другото платформата предвидува да не се зголемува висината за градба. Дали ја поддржувате платформата „Здравјето пред профитот“ и мораториумот?
Д.В. – Го поддржуваме секое здраворазумско решение кое е противотров за „овие градат, ама барем крадат“ (инверзијата е намерна). Непланското и криминалното градење не значи напредок, напротив. Ситуацијата со загадувањето во Скопје е алармантна, каков што е случајот и со неколку други градови во РМ, морам да ги издвојам Битола и Тетово. На ниво на Македонија според Европската агенција за животна средина имаме околу 3.500 смртни случаи годишно што се директно поврзани со загадувањето. Во Битола двегодишни дечиња умираат од рак.
Македонија била и повторно ќе биде зелена земја. Јас за себе можам да кажам дека до последно ќе се борам за нашето право на здрава животна средина кое ни е загарантирано во чл. 43 од Уставот на РМ.
Гласник: Скопските пазари во последно време се мета на инвеститори и се загрозува нивното постоење. Со ова, ќе се уништат илјадници работни места и снабдување на градот со свежи прехранбени продукти. Што ќе превземете околу ова?
Д.В. – Едно од решенијата на Левица на кое јас особено сум горда е претворањето на просторот (околу 42 илјади метри квадратни) на бившата фабрика „Алумина“ во парк-шума со зимзелени и со овошни дрвја, како и урбана градина/стакленик која истовремено ќе биде и енергетски ефикасен затворен пазар каде што ќе работат или приоритет за вработување ќе имаат лица од социјално загрозени категории.
Во согласност со нашите заложби да застанеме на патот на градежната мафија, на корумпираните функционери, Левица постојано и отворено ќе ги информира граѓаните за сите случувања. Секако дека постои простор и Левица да им даде поддршка на пазарџиите да се организираат во здружение кое ќе ги штити нивните права и заедно со нас ќе биде дел од борбата за хумано и праведно општество каде што исходот не го диктира оној што има пари туку оној што има совест.
Гласник: Градовите кадешто има големо раслојување помеѓу богатите и сиромашните, најчесто се најзагадени градови во светот. Меѓу нив се Скопје, Каиро, Њу Делхи и други. Како мислите да се справите со социјалната и економска нееднаквост во Скопје?
Д.В. – Еднаков пристап до можности за сите. Во соработка со граѓанскиот сектор ќе понудиме програми за интеграција на социјално загрозените лица во сите сфери од нашето општество. За дел од нив потребна е институционализација (рехабилитација или некаков друг тип на лекување). Во секој случај ќе работиме темелно да го затвориме кругот. Знам дека само една пропуштена алка во синџирот може да ги направи сите вложени напори залудни и резултатите да изостанат.
Џон Дан многу одамна има одговорено како ние треба да ти третираме сите луѓе, сите суштества: „Ниту еден човек не е Остров, сосема сам за себе; секој човек е дел од Континентот, дел од копното; ако Морето однесе грутка земја, Европа е полесна, како да однесло некој рид; Посед на соседите или твој сопствен; смртта на секој човек ме намалува мене бидејки јас сум опфатен од Човештвото; Затоа не прашувај за кого бијат камбаните; тие бијат за тебе.“
Гласник: Доколку успеете да станете советничка, како ќе се справите со нелегалните градби, паркинзите, но и проектот „Скопје 2014“?
Д.В. – Во рамки на Советот на Град Скопје секогаш ќе гласам по сопствено убедување. Како активист за заштита на животни многу пати сум стоела сама наспроти неправдата.
Левица како партија е против непринципиелни коалиции, што беше и една од причините што станав член. Секако дека е можно да бидам малцинство и мојот глас или гласот на други членови на Левица кои би влегле во Советот да биде безначаен, но, можам да ги споделувам информациите со граѓаните, да бидам прозорец во една утврдена градба на која со години веќе никој не ѝ ја видел грдата внатрешност. А се надевам и дека она што јас го носам во себе, она чувство за правда кое ми е вродено ќе успеам да го пренесам и на барем неколкумина околу мене. Не е иста атмосферата кога сите се корумпирани во една сала и лесно им е да носат одлуки штетни за граѓаните и кога имаат до себе некој што ги потсеќа на тоа што би требало да бидат и како би требало да се однесуваат. Секој од нас во себе има и темна и светла страна. Се надевам дека ќе успеам да ја извадам светлата страна барем кај некој од нив. Најпосле, свесна сум дека се можни и уцени. Тековно ќе се справувам со нив.
Проектот СК2014 би сакала да го видам во „Парк на лудоста“ што ќе го носи името на нашиот бивш премиер. Паркот би бил јавно претпријатие кој ќе се финансира од наплаќање влезници и други услуги кои ќе ги нуди. Според мене нема подобар начин да си ги вратиме парите што ни ги украдоа.
Гласник: Дали сте задоволни од кампањата? Колку сте задоволни од медиумската покриеност? Што мислите за медиумските политики во Македонија?
Д.В. – Не сум задоволна од медиумската покриеност. Некои од медиумите воопшто не доаѓаа на нашите пресови, а некои од тие кои доаѓаа не пренесуваа за нив во вестите од денот. На мала партија како што е Левица која во првиот финансиски извештај покажа дека потрошила средства за целата кампања колку што за истиот период поголемите партии потрошиле на еден митинг, медиумското присуство во која било форма ѝ е од пресудно значење.
Медиумите се под контрола. Ќе треба долго време додека како општество излеземе од таа матрица на вазалство, потчинетост на едни, други или трети.