Во доцните часови на осми мај (деветти според Советска временска зона) пред 74 години Црвената армија и го задала последниот смртоносен удар на германската армија, иако таа потпишала безусловна капитулација два дена порано во Ремс, Франција. Оттогаш наваму овој ден се одбележува како Денот на победата над национал-социјализмот. Особено значење овој ден имал во Советскиот сојуз, каде до 1965 година бил неработен ден и се празнувал како еден од најзначајните празници во државата. Денес овој ден се одбележува во Германија, Русија, Арменија, Израел, Босна и Херцеговина, Црна Гора, Србија и др.
Одбележувањето на денот на победата низ историјата, но и денес, претставува силен симболичен израз за зрелоста на едно општество. Тоа е израз на еманципаторниот, антиавторитарен потенцијал што едно општество го поседува бидејќи деветти мај дирекно го симболизира поразот на најрегресивниот социо-политички поредок во модерната историја на човештвото. Поредок кој испровоцира војна во која згаснаа од 75 до 80 милиони животи. Но како што покажува развојот на политичко-економските состојби во светот, радикалниот национализам, ксенофобијата, расизмот, родовата репресија и милитаризмот, но и сите останати компоненти што го сочинуваат фашизмот, не се нешто што се победува еднаш засекогаш, туку се активни општествени сили против кои борбата е постојано отворена.
Може да се доживее како иронија на историјата тоа што паралелно со колективната амнезија за цивилизациските придобивки од антифашистичката борба, денес во ХХI век, радикалната десница и неофашизмот се враќаат на голема врата во Европа, но и пошироко. Националната лига на Мари Ле Пен во Франција е близу до власт, Фидез на Виктор Орбан ја деградира демократијата во Унгарија, новите неофашисти Алтернатива за Германија се веќе парламентарна партија, Златна Зора во Грција која во својот национален парламент е присутна со 16 члена, додека во Европскиот парламент со двајца, власта во Италија ја има ксенофобичната, евроскептична партија на Салвини и тн.
Политичките елити во светот, особено во Европа (неолибералните партии на центарот) се алармирани од појавата на неофашизмот. Но, сепак нивната реакција не вродува со плод, односно парадоксално, само го забрзува успехот на десницата, што се докажува во европските анкети.
Од друга страна главната критика која доаѓа од радикалната левица по однос на појавата на неофашизмот е пред сѐ упатена до неолибералниот економско-политички поредок на западните држави кој според левицата претставува инкубатор на новите радикални политики на десницата.
Независно од успехот на радикалната десница, денот на победата денес го одбележуваат мал број на држави. Тоа покажува колку малку современите држави инвестираат во симболичната борба против репресивните политички идеологии на десницата.
Автор: Стефан Видиков