Елизабет Терзакис: „Маркс и природата“ – I дел

„Зошто сега ни треба Маркс повеќе од кога и да било“

На крајот од јануари 2018 година, возењето на ролеркостер што е Трамповото претседателство доби уште едно неочекувано свртување: лидерот на слободниот свет тврдеше дека САД би можеле повторно да се вклучат во Парискиот договор за климата од 2015 година – ако на САД им се даде „целосно поразличен дил“. Како што му кажа Трамп на водителот од Ај-ти-ви Пирс Морган: „Јас верувам во чистиот воздух. Верувам во кристално чистиот, убав… Верувам во имањето добра чистота во сѐ. Па, откако сето тоа е кажано, ако некој кажал да се вратиме во Парискиот договор, тоа би било целосно различен дил, бидејќи имавме ужасен дил.“ Трамп исто така го искажа и своето (фактографски погрешно) мислење дека поларните ледени покривачи се на „рекордно ниво.“[1]

Ако тоа да се има врвен игнорант за претседател не е доволно, Парискиот договор, кој во моментов има двесте земји потписнички и кој беше поздравен како „победа за сите на планетата“ кога беше потпишан во 2015 година – тоне. (Доброволните и неспроведливи) заложби искажани од потписничките на договорот „покриваат не повеќе од третина од намалувањето на емисиите што е потребно“ за да се спречи глобалните температури да пораснат преку 2 Целзиусови степени. Наместо тоа, Следачот на климатска акција предвидува „скок од 3,2 степени пред крајот на векот“ – со или без американската соработка.[2]

Во меѓувреме, последиците од климатските промени стануваат секојдневна реалност за обичните луѓе ширум светот, во облик на наизглед бесконечни циклуси на екстремни временски настани што се протегаат од рекорден снег до тотална суша, од бури до циклони, од катастрофални поплави до замрзнати канали.[3]

Зошто е толку тешко за владите и нивните претставници да се справат со ова прашање? Одговорот е едноставен: додека владејачката класа може да замисли крај на светот, ниту тие ниту многу екологисти не можат да замислат крај на капитализмот. Поради оваа причина, сите нивни решенија паѓаат во рамките на ограничувањата на пазарниот систем. Но, пазарниот систем, со својата потреба за постојат раст и неговата неспособност да го види природниот свет како нешто друго од ресурс за експлоатирање, е во директен и инхерентен антагонизам со зачувувањето на природата. Следствено на тоа, нема решение на проблемот на климатските промени без ставањето крај на капитализмот, факт што станува многу јасен кога ги проучуваме пишувањата на Карл Маркс за природата.

Маркс – сериозно

Марксовата анализа избегнува некои од замките кои им се инхерентни на другите приоди на екологијата, на пример, во основа малтузијанското верување дека луѓето секогаш имале и секогаш ќе имаат деструктивен однос кон природата, дека „вистинската“ природа постоела во одредена точка во чиста форма настрана од интеракцијата со луѓето и дека целта на екологијата е природата да се врати до таа состојба на идеалистичка чистота преку отстранувањето на што е можно повеќе луѓе.[4] Марксовата анализа на капитализмот исто така може да нѐ заштити од верувањето дека пазарните механизми можат некогаш да промовираат здрав однос помеѓу луѓето и животната средина.[5] Дури и само поради овие причини, Маркс го заслужува сериозното внимание на екологистите.

Сепак, како што забележуваат Џон Белами Фостер во „Марксовата екологија“ и Пол Баркет во „Маркс и природата“, екологистите често го отфрлаат Маркс поради една или поради сите од следниве причини: 1) „Марксовите еколошки искази се ‘просветлувачки попатни белешки’ кои немаат системски однос кон главната целина на неговото дело“; 2) овие искази „диспропорционално се појавуваат во неговата рана критика на отуѓувањето и се многу помалку видливи во неговите подоцнежни дела“; 3) „Маркс… во крајна линија не успеал да ја адресира експлоатацијата на природата [преку запоставувањето] да ја вклучи неа во својата теорија на вредноста, наместо тоа [усвојувајќи] ‘прометејско’ (про-технолошко, анти-еколошко) гледиште“; 4) „според Марксовото гледиште, капиталистичката технологија и економскиот развој ги решиле сите проблеми на еколошките граници“, правејќи да не биде нужно „’да се сфати сериозно проблемот на алокација на ограничените ресурси’ или да се развие ‘еколошки свесен’ социјализам“; 5) Маркс „малку се интересирал за прашањата на науката или за ефектите на технологијата врз животната средина и оттука немал вистинска научна основа за анализа на еколошките прашања“; и конечно, 6) Маркс бил „’видист’, радикално раздвојувајќи ги човечките суштества од животните и зафаќајќи ја страната на првите во однос на вторите.“[6]

Овие карактеризации на Маркс се едноставно неточни, а фактот што луѓе можат да изнесуваат такви тврдења без да бидат остро осудени поради погрешното претставување на работите е јасен знак за тоа колку малку всушност се чита Маркс од страна на луѓето што имаат потреба најмногу да го читаат. Всушност, Марксовата концепција за „метаболички расцеп“,[7] кој го наметнал капитализмот помеѓу луѓето и природата, е централна за неговата критика на капитализмот, а еколошките увиди што ги овозможува неговата критика се клучни како за тековните борби за реформи така и за осмислувањето иднина во која ќе можеме да воспоставиме здрав однос со природата, кој може да послужи за спас на планетата.

Марксовата дефиниција на трудот

Првите две погрешни карактеризации наведени погоре – идејата дека спомнувањето на природата од страна на Маркс е повремено, површно и ограничено на неговите рани трудови – се очигледно погрешни. Како што објаснува Фостер, „за Маркс, сета човечка активност има основа во природата… Трудот и производството ја претставуваат активната човечка преобразба на природата, но и на човековата природа, на човечкиот однос кон природата и на самите човечки суштества.“[8]

Тоа значи дека кога остваруваме интеракција со природата, ние ја менуваме, но ние исто така, истовремено, се менуваме и себеси. За Маркс, нашиот однос со природата, кога тој не е изопачен од капитализмот, е тесно испреплетен. Маркс напишал: „Природата е неорганско тело на човекот,[9] а имено – природата, во онолкава мера во колкава што самата не е човечко тело. Човекот живее од природата… и тој мора да остане во процес на постојано општење, за да не умре. Дека физичкиот и духовниот живот на човекот се нераскинливо сврзани со природата не означува ништо друго, туку дека природата е нераскинливо поврзана со себе, бидејќи човекот е дел од природата.“[10] Оваа концепција на луѓето и природата како делови од еден единствен тоталитет, покрај во ракописите од 1844 година, може да се најде насекаде во делата на Маркс и Енгелс. На пример, Маркс пишува во „Капиталот“ за трудот како процес „преку кој човекот со својата сопствена дејност го условува, регулира и контролира метаболизмот меѓу себеси и природата. Спроти природната материја тој сам истапува како природна сила.“[11]

Маркс така го дефинира човечкиот труд како метаболичка размена помеѓу човечките суштества како природа и природата воопшто, помеѓу нашите органски тела – односно, она што е припоено на нас – и нашите неоргански тела – односно, природата како што таа постои одвоена од нашите тела. Природата ги снабдува нашите потреби: храна, облека и засолниште, но исто така и воздух, вода и сончева светлина. Ние не може да живееме без овие работи, а сепак тие ни се екстерни, и според Маркс, начинот на кој ние ги снабдуваме нашите тела со овие неопходности земени од нашето неорганско тело, природата, е основата на нашиот труд.

Односите на предкапиталистичките општества (како заедничарските така и феудалните) кон природата биле обликувани од потребите за обезбедување егзистенција. Повеќето човечки односи со природата биле директни, вклучувајќи или собирање дополнето со ловење, или ловење и собирање дополнето со земјоделство или земјоделство за сопствена егзистенција и за изнајмување на феудалниот господар дополнето со ловење и собирање. Во оваа смисла, пред капитализмот, селаните од Европа и домородните народи од Америките и другите континенти имале односи со природата што биле слични на важен начин и многу помалку отуѓени од она што ќе станат потоа.

 

[1] 1. Graham Ruddick, “Donald Trump Says US Could Re-Enter Paris Climate Deal,” Guardian (US), January 29, 2018.

[2] 2. Eoghan Macguire, “Paris Agreement Two Years On: Who is Taking the Lead on Climate Change?” CNN, December 19, 2017.

[3] Tamsin Green, “World Weatherwatch: From Drifts in Paris to Drought in Cape Town,” Guardian, February 14, 2018.

[4] За критика на овие позиции, видете Ian Angus and Simon Butler, Too Many People: Population, Immigration, and the Environmental Crisis (Chicago: Haymarket Books, 2011).

[5] John Bellamy Foster, Brett Clark, and Richard York, The Ecological Rift: Capitalism’s War on the Earth (New York: Monthly Review Press, 2010), 19-20. Видете и Chris Williams, Ecology and Socialism (Chicago: Haymarket Books, 2010), 117–124.

[6] John Bellamy Foster, Marx’s Ecology: Materialism and Nature (New York: Monthly Review Press, 2000), 9–10 и Paul Burkett, Marx and Nature: A Red and Green Perspective (Chicago: Haymarket Books, 2014), xxix.

[7] Видете го објаснувањето за метаболичкиот расцеп подолу во овој есеј.

[8] Foster et al., Ecological Rift, 228.

[9] Маркс и Енгелс го следеле антропологот од 19 век Луис Морган во употребата на термините „дивјаштво“, „варварство“ и „цивилизација“ како описни термини за различните моменти од развитокот на човечкиот однос кон природата. Тие исто така го спомнуваат „идиотизмот на селскиот живот“, а за човештвото го користат терминот „човек“ [на англиски: man, што исто така значи маж]. Јас не ги користам овие термини како дел од мојот наратив, но бидејќи тие ќе се појавуваат во цитати, сакам да забележам дека иако ги сметам за проблематични, онака како што се сфаќаат денес, овие термини го немале она значење за Маркс и Енгелс кое го имаат денес. Во некои случаи, тие се производ на неточно преведување: „изолацијата“ подобро го опфаќа она што обично се преведува како „идиотизам“, а германскиот збор што се преведува како “man” во најголемиот дел од англиските изданија, “mensch”, всушност е родово неутрален.

[10] Karl Marx, Economic and Philosophical Manuscripts of 1844, in Marx and Engels Collected Works (hereafter MECW), vol. 3 (New York: International Publishers, 1975), 276. [„Значењето на потребите на човекот итн.“ во Карл Маркс, Фридрих Енгелс „Од раната мисла“, „Нова Македонија“, Скопје, 1974, 359 стр.]

[11] Karl Marx, Capital, vol. 1 (New York: Vintage Books, 1977), 283. [Карл Маркс „Капиталот“, Том први, „Мисла“, Скопје, 1975.]

 

Извор: International Socialist Review

Преземено: Марксистичка архива

Превод: Здравко Савески

|2020-06-05T09:15:35+00:005 јуни 2020|Актуелно, Екологија, Свет, Став|