Запирањето на употребата на јаглен не е доволно, потребна ни е праведна транзиција

Валканата енергија од фосилни горива умира и транзицијата кон чиста обновлива енергија е во тек. Но, што значи тоа за милионите вработени во индустријата за фосилни горива и регионите што оттогаш живеат од ова? Како потрошувачите, особено оние кои живеат во енергетска сиромаштија ќе бидат засегнати од транзицијата? Дали индустријата за чиста енергија ќе ја водат истите големи корпорации кои пред се’ ги ставаат своите профити наместо луѓето? Потребна ни е праведна транзицијаод валкана кон чиста енергија за да го избегнеме повторувањето на старите грешки.

 Ако сакаме да се справиме со климатската криза, стопирањето на рударството и горењето јаглен е од витално значење. Приближно половина од енергијата произведена во светски рамки доаѓа од јагленот, кој е одговорен за 46% од сите емисии на CO2 и дури 72% од сите емисии на стакленички гасови од производство на електрична енергија.

Во 2018-та година, речиси половина од енергијата во Северна Македонија беше добиена од горење на јаглен – лигнит. Лигнитот е вид на кафеав јаглен кој широко се користи во регионот на Западен Балкан и е уште повалкан од црниот јаглен што се користи на други место. Во 2016-та година, 16 од постројките на јаглен кои работат во регионот испуштиле исто толку сулфурен диоксид како сите 250 електрани во Европската Унија заедно.

Освен што се најголеми извор на емисии на стакленички гасови ширум светот, рудниците за јаглен низ целиот свет ги опустошуваат заедниците во чија близина функционираат и го загадуваат воздухот при горењето на јаглен. Како резултат на тоа, здравствените системи се преоптоварени со екстремно голем број на заболени од респираторни и кардиоваскуларни болести. Секој што живее во градови како Скопје и Битола може да го потврди ова.

Добрата вест е дека транзицијата на напуштање на јагленот е во тек. Производството на јаглен опадна за 32% во Европа во текот на првата половина на 2020-та година, додека обновливите извори на енергија растат и стануваат дури и економски попривлечни.

Со новата Стратегија за развој на енергетиката во Северна Македонија е планирано фазно оддалечување од користењето на јагленот во земјата до 2025-та година, со што државата стана првата земја во регионот што утврдила конкретен план на оддалечување од оваа фосилна зависност.

„Транзицијата е неизбежна. Правдата не е“.

Оддалечувањето од користење на јагленот не е прашање на тоа „дали ќе се случи“ туку „кога ќе се случи,“ а одговорот треба да биде „што е можно побрзо“. Но исфрлањето на јагленот од употреба мора да вклучи многу повеќе од само затворање на рудниците и електраните на јаглен. На пример, индустријата за рударство на јаглен на глобално ниво вработува околу 8 милиони луѓе. При дизајнирање на транзицијата, мораме да формираме јасна слика за тоа како таа ќе влијае на работниците во истата и  како може таа да се изведе на начин кој нема да влијае негативно врз нив. Ова е моментот за дискутирање и планирање на „праведна транзиција“.

Праведна транзиција

Во 90-тите години, синдикатите го склопија терминот „праведна транзиција“ за да ја заштитат егзистенцијата на работниците и заедниците кои се потпираат на валканата енергетска индустрија и кои се засегнати од новите политики насочени кон решавање на проблемите со животната средина. Сега терминот е признат и дискутиран од страна на бројни граѓански движења кои работат кон постигнување на праведна транзиција во различни региони, а е дискутиран и за време на климатските преговори на Рамковната Конвенција на ОН за климатски промени (UNFCCC).

Алијансата за климатски правда ја нарекува праведната транзиција „промена од екстрактивна економија во регенеративна економија“. Оваа промена се однесува на транзицијата што не паѓа на грбот на сиромашните и ранливите, туку ја штити нивната благосостојба. Во исто време, при праведна транзиција не станува збор за „спасување” на големите енергетски компании кои инвестираат во индустријата за фосилни горива. Правилната транзиција мора да ги земе предвид минатото, сегашноста и иднината заради историските престапи и неправедности од страна на екстрактивната економија. Таа мора да се фокусира на градење на односите од надолу кон нагоре и мора да ги одржува истите за долгорочен просперитет на самите работници, граѓани и заедници наместо корпорации.

До денес, големите енергетски компании се уште го користат „губењето на работните места” од индустријата како изговор, за да го одложат декарбонизирањето на нашите економии, но овој е аргумент што не е валиден земајќи ги во предвид принципите на праведната транзиција.

„Вистинскиот избор не е помеѓу работни места или животната средина. Или двете или ниедно“.

Принципите на праведната транзиција се повеќестрани и вклучуваат многу повеќе од безбедни работни места. Подолу е даден збир на некои принципи изнесени од страна на различни граѓански движења, засегнати заедници, организации и истражувачки групи:

  • Вистинско вклучување на засегнатите страни: Можеби е еден од најважните и најшироко дискутираните принципи на праведната транзиција. Секој кој е засегнат од транзицијата мора да биде добро информиран и вклучен во процесите на донесување на одлуки во однос на тоа како ќе се изведе транзицијата.
  • Демократска сопственост: Најдобар начин за да се постигне ефективно учество на засегнатите страни е преку енергетски системи во сопственост на граѓаните и контролирани енергетски системи од заедницата што на прво место ги ставаат интересите на луѓето и работниците.
  • Финансирање: Владите и финансиските институции со децении ги субвенционираат и ги ослободуваат загадувачки индустрии од даноци, па тоа нè доведе до ситуацијата во која се наоѓаме. За транзицијата да биде праведна треба да вклучува: финансирање и поддршка од владите со можности за помош на мали проекти за обновлива енергија и партиципативни активности, фер распределување на средствата на оние на кои им е најпотребно, како и наградување на висока климатска амбиција. И секако, прво и најосновно, стопирање на инвестициите во било какви фосилни горива.
  • Регенерација и редистрибуција: ова вклучува разбирање на историските неправди и штети направени од неолибералниот економски систем и исправање на овие грешки преку регенерирање на тие региони и сектори.

Бидејќи регионот на Западен Балкан ја започнува својата транзиција со оддалечување од употребата на јаглен, има неверојатна можност да ги земе предвид овие принципи наместо само да се префрли од јаглен на обновливи извори на енергија, обидувајќи се да продолжи да работи на ист начин како порано. Со Европската Комисија во процесот на воспоставување на Иницијативата за региони на јаглен во транзиција во Западен Балкан и Украина сега е идеално време да се спроведат овие разговори на секое ниво. Всушност, коалиција на граѓански движења и организации од регионот веќе има изнесено препораки за праведна транзиција.

Праведната транзиција не е само замена на валканите фосилни горива со чиста енергија. Во сржта на праведната транзиција е да ги обезбеди човековите права и планетарната благосостојба пред сè; да обезбеди фер и значајна работа, суверенитет на храна, права на земјиште, мир, нула отпад и реставрација на екосистемите.

Автор: Џеј Ди Фаруџиа | Превод и адаптација: Симона Гетова

 

Џеј Ди работи како проектен менаџер и менаџер на кампањи во приватниот и во граѓанскиот сектор, како и во областа на уметноста и културата од 2010. Некои од овие улоги вклучуваат: управител на граѓанска организација фокусирана на одржлив риболов, креирање и координирање на програми за граѓанско општество и координација на програмата на локален театар. Џеј Ди има МSс во Менаџмент со животната средина и Планирање и завршено додипломски студии во Психологија на Универзитетот во Малта. Тој во моментот е вклучен во различни проекти поврзани со екологијата и животната средина, како и уметнички проекти во Малта, Северна Македонија и на европско ниво.