Загина жена во сообраќајка во Центар, Дебар Маалци алармираат да им се ослободат окупираните тротоари од паркираните возила за нивна безбедност

 

Фото: Во одбрана на Дебар Маало

СКОПЈЕ, 17.08.2017 – Денес наутро, пред Министерството за култура, на улицата „Антонио Грубишиќ“, во центарот на Скопје, се случи сообраќајна несреќа, при што животот го загуби еден пешак. Додека управувачот на возилото – комбе се враќало по улицата наназад удрило во жена пешак, којашто се движела по улицата од причина што, на тротоарот биле паркирани повеќе возила. Жената загинала на лице место, а жителите во околните места се жалат дека, причината за ваквата несреќа, освен што е во непрописното возење, исто така е и немањето на слободни тротоари, за што пак граѓанската иницијатива „Во одбрана на Дебар Маало“, веќе подолго време алармира во јавноста, а завчера со конкретни барања во врска со овие проблеми, се обрати и до општина Центар

Од Министерството за внатрешни работи (МВР)за Гласник ја потврдија информацијата за сообраќајната несреќа во која животот го загуби една жена, но подетални информации за случајот не дадоа.

„Сообраќајната несреќа се случи утрово, во 08:50 часот на улицата „Антонио Грубишиќ“ пред Министерството за култура, при што, возилото управувано од лицето Т.Н. родено 1972 година, додека се враќало наназад, удрило во пешак, кадешто настанала смрт на лице место“, изјави портпаролот на МВР, Тони Ангеловски.

Граѓанската иницијатива „Во одбрана на Дебар Маало“, завчера испрати допис до општина Центар, со конкретни барања  со цел, општината да ја среди бучавата од кафулињата, како и да ги ослободи окупираните тротоари од паркираните возила и летните тераси на угостителските објекти, за поголема безбедност на пешаците.

По денешниот случај со прегазената жена, од граѓанската иницијатива се обратија на својот фејсбук профил, при што нагласија дека, живеењето во Дебар Маало е небезбедно.

„Пред неколку минути се случи нешто на што предупредуваме, апелираме, пишуваме со години. Немањето слободни тротоари, нерешениот паркинг простор и доставата на роба во текот на скоро цел ден, го прави живеењето во Дебар Маало небезбедно“, напишаа тие непосредно по случката.

Тие упатија апел за одговорност до МВР, општина Центар, ПОЦ и Град Скопје, за да превзмат мерки, бидејќи како што велат, за некој ден започнува школската година, што пак значи дека, децата ќе бидат изложени на небезбедност.

„Одговори нема, решенија уште помалку, одобренија за градби се издаваат се’ уште, инвеститорите ги имаат сите права пред жителите.. до кога? Следната жртва може да е секој од нас, а нема кој да не’ заштити. Нашите ибраници во советот ги НЕМА, градоначалникот е тука само за да се слика и фали, инвеститорите тријат рази, ние гинеме…“, се вели во реакцијата на „Во одбрана на Дебар Маало“ до медиумите.

Фото: Гласник, На местото на денешниот настан, и покрај тоа што стои знак за забрането запирање и паркирање, сепак затекнавме паркирани возила на тротоарот

Екипата на Гласник излезе на терен на местото на настанот. Во разговор со очевидци, кои сакаа да останат анонимни, дознаваме дека, жената се движела по коловозот, поради како што велат, окупираниот тротоар од паркирани возила, додека, управувачот на возило комбе се враќал наназад и без да ја види, ја удрил, при што таа се заглавила во долниот дел од комбето, за што пак, како што рекоа тие, на надлежните служби им требало три часа да го извадат мртвото тело на настраданата.

Фото: Гласник

Автор: Мариглен Демири

Фотографии: Сенада Ибраимова

|2020-05-22T08:03:14+00:0017 август 2017|Актуелно, Вести, Некатегоризирано|