Трајче Јанушев: „Во иднина сексуалната работа може да биде инспирација!“

Дијалог со Трајче Јанушев по повод Меѓународниот ден на сексуалните работници

Измина месец мај – месецот на работниците и квир заедницата. 2 Јуни е Меѓународен ден на сексуалните работници, па тргнувајќи од идејата дека сечиј труд треба да е вистински вреднуван и почитуван, тогаш неминовно овој ден доаѓа како надоврзување на 1 Мај, 9 Мај и 17 Мај. Неолибералната идеја ги морализира тие што не работат, традицијата тие што работат сексуaлна работа. Тие причини нè натераа да го избереме овој датум и да поразговараме со Трајче Јанушев – активист за човекови права, синдикалец од кластерот на сексуалните работници кој сега живее во Виена – градот кој не запрел со работа во текот на сите големи пандемии кои го зафатиле светот низ историјата.

Никола Шиндре: „Трајче, кажете ми како е да се биде активист за основните човекови права и слободи, но и работничките права и обврски на сексуалните работници. Можеби физичката голотија заради природата на таа дејност ги отскрива подлабоките проблеми и хипокризии со кои се судира општеството во кое што живееме?“

Трајче Јанушев: „После многу години работа на различни проекти за човекови права можам слободно да кажам дека закржлавеноста и неприфаќањето на широките маси за промена и почитување на правото на избор јавува фрустрација кај мене. Едноставно системот се потпира на некои одамна масовно прифатени вредности базирани на традиција, религија и национализам. Но, ваквата фрустрација кај мене многу брзо се претвора во мотивација за да уште повеќе бидеме гласни во борбата која ја водиме!

Слух кај одредени донесувачи на одлуки сепак има, имаме неколку позитивни примери во Австрија. Вредно е да се напомене дека имаме отворена поддршка од Зелената партија, која е доста голема на политичката сцена и момемнтално е дел од владината коалиција во Австрија.

Кога збориме за сексуална работа, природно е и да збориме за работнички права! Тоа е сеуште табу тема и неприфатливо за многумина. Иако голем дел од државите ја имаат легализирано сексуалната работа без да ги акцентираат работничките права на сексуалните работниците што е тотален апсурд. Неодмана имав предавање со студенти по родови студи на Универзитетот во Виена на тема „Законски рамки за сексуалната работа“ и тука поголем дел од студентите веруваат дека легализацијата е решение. Но, тоа е само не доволно познавање на тематиката, и повторно ќе напоменам тоа се рецидиви на патријахално воспитување кое дури и студенти кои се доста отворени на оваа тема ги носат со себе.

Низ дискусијата со студентите најдобро ме разбраа кога едноставно им објаснив дека во случајот со Австрија, државата е макро на сексуланите работници. Сексуалната работа тука е легализирана и бара од секој регистриран сексуален работник да исполнува правила и регулативи при тоа да плаќа и одредени даноци, за возврат без никакви работнички права. Тоа е по дефиницја експлоатација! Тотално неприфатливо е да си дел од системот, но само кога треба да дадеш, а за возврат имаш нула бенефиции. И во вашето прашање сте пишале: Обврски и работнички права, но тука имаме ситуација каде постојат само обврски наметнати од државата, но не и работнички права.“

Н. Ш. Сексуалната работа е секаде стигматизирана, во некои општества повеќе, а некаде помалку, но во суштина таа сè уште е табу и тоа табу можеби во овие констелции на моќ нема да биде урнато. Како е постојано да си во борба со општеството, со власта, со клиентот и со секој еден што е подготвен да морализира?

Т. Ј. Во времето во кое што живееме сексуалната работа е стигматизирана, но имаме во историјата периоди кога што сексуалната работа воопшто не била стигматизиарана, напротив во одредени култури во минатото таа била и привилегирана, поточно само на припадници од повисоките класи им било дозволено да се занимаваат со истата. Што исто така е дискутабилно само по себе, но тоа е друга тема. Зашто оваа паралала со минатото? Затоа што токму преку историјата гледаме како тие морални вредности се менувале и се продуцирале од мејнстримот, а наметнати на сите оние кои „отстапуваат“ во заедницата. Лично не љубам да зборувам за морални вредности, почитување на колективно ниво да, но не и за перење на мозок.

Н.Ш. Ако ја прифатиме тезата дека средствата за производство треба да се во рацето на работниците, тогаш чекор поблиску сме до имплентирање на поеднакво општество со прифаќањето и регулирањето на сексуалната работа. Како да се организираат работниците од оваа дејност за да се стекнат со своите права?

Т. Ј. Јас верувам во моќта на синдикалните движења, само така индивидулецот може да се избори за поголеми права. Во Австрија Синдикатите се доста влијателни, постојат колективни договори кои го регулираат работниот однос ставајќи го работникот на прво место. Скоро и да не постои можност за манипулација од страна на работодавачот.

Само така и сексуалните работници ќе можат да се изборат за поголеми работнички права, преку колективи. Тоа е долг процес за кои треба да помине доста време. Стигмата и дискриманицајата прават длабоки рани во самата заедница на сексуалните работници. Многу малку од нив се свесни за потребите за промена и водењето на оваа борба. Шовинизмот, сексизмот и патријархатот ги ставаат постојано да стојат исправени на ѕидот на срамот!

Н. Ш. Нашите синдикати во Северна Македонија се доста слаби. Можеби дел од синдикатите во јавните служби и претпријатија се имаат изборено да го задржат стариот (социјалистичкиот модел) на договори за вработувања, исплаќања иако и таму е веќе скудно. Како да се промени оваа позиција?

Т. Ј. Ќе те поправам Никола, никој за ништо се нема изборено во последниве некоку децинии во Македонија. Тоа се само остатоци од претходниот систем во комбинација со стекната позиција на моќ или привилегии.

Промената може и треба да се случи, јас верувам дека и тоа е тригерот кој треба да се случи за да се видат некакви промени во Македонија како создавање на мали синдикати, колективни договори преку кои нема да се одстапува.

Треба да се работи првенствено на развивање на свеста кај работникот и бенефициите кои што тој би ги добил со постоењето на функционален синдикат. Знаете, не можеме да збориме за идеологија во магла, мора работникот да знае што ќе добие, какви бенефиции ќе има, само така можеме да ја промениме постоечката матрица. Многу е едноствано, на крајот од денот сите ќе ги осетат бенефициите, на прво место работникот, но истовремено и државата! Кај нас со години се зборува за борбата против сивата економија, а без работнички права, без силни синдикати оваа борба никогаш нема да биде добиена!

Н. Ш. Регулацијата на сексуалната работа носи други предизвици, таа може да западне во либерално регулирање на дејноста (во кое што фирмата е пред индивидуата) и полевичарско во кое што трудот на работникот ќе биде ценет. Како да се избира кога си малтретиран од власта, а исмеван од колегите работници (мислам на работниците кои не се во таа дејност)?

Т. Ј. Генерално движењето на сексуалните работници на глобално ниво има јасен став на ова прашање: Декриминализација на сексуалната работа. Но, декриминализација на сите страни вклучени во сексуалната работа и признавање на работничките права. Легализација не е исто што и декриминализација. Мислам дека дел од одговорот на ова прашање го дадов и во моите претходни одговори. Либерално регулирање на дејноста е нешто што му одговара на капитализмот, каде што профитот е ставен на прво место. Генерално капитализмот не гази сите, вклучително и сексуалните работници.

Н. Ш. Веројатно по пандемијата ќе има нов договор на светско ниво, но живеејќи на во провинција не можеме да го здогледаме или насетиме. Како да ја замислуваат сите работници својата иднина за да можат за неа да почнат и да се борат?

Т. Ј. За време на пандемијата ништо не е кристално јасно, па оттука не можеме да знаеме како системот ќе реагира понатаму. Сега за сега, од она што јас го согледувам е дека богатите држави до некаде водат грижа за работникот кој не работи, кој седи дома, за време на пандемијата. Но, на цена на оваа грижа која ја покажуваат некои од државите се засилуваат анти-мигрантските политики. Што доведува до еден невиден апсурд ако го земеме фактот дека повеќето сектори во овие држави се потпираат на работната сила токму од мигранти.

Мислам дека резултатот ќе биде ограничена слобода на движење и отежнат пристап на пазарот на трудот. Искрено, не можам да разберам кој би имал било какви бенефиции од таква иднина, напротив сите ќе изгубиме. Парадокси се случуваат и за време на пандемијата. Имаше скандали во неколку европски земји каде работодавците ги заклучуваа работниците-мигранти од Источна Европа од страв дека тие ќе си отидат, од друга страна Австрија, Франција и уште неколку земји за време на пандемијата организираа државен превоз на работници од Романија и Бугарија за да ги задоволат потребите од работна сила. Во Австрија цел еден дел од здравствениот систем – негата на стари лица се базира на работната сила од мигрантите, а истиот беше пред колапс за време на кризата.

Н. Ш. Ако сексот не ослободува од негативната енергија насобрана во нас, тогаш неминовно треба да си го поставиме прашањето „Како сексуалната работа ќе ги ослободи сите работници?“ Повелете, завршете со тоа.

Т. Ј. Сексуалната работа не може да ги ослободи сите работници. Можеби во иднина борбата за работнички права на сексуалните работници ќе биде инспирација за други маргинализирани професии, но тука зборуваме за некоја подалечна иднина.

|2020-06-02T10:09:02+00:002 јуни 2020|Актуелно, Култура, Став|