Синдикат – реалност или фикција!? (лично искуство на поранешен работник во КСС – Кичево)

Ова е исказ за формирањето синдикат во Key Safety Systems или скратено KSS – Кичево. Тоа е компанија за производство на воздушни перничиња за автомобилска индустрија. Сами оценете во каква држава живееме.

Работните услови во KSS – Кичево

Се вработив во јули 2016. Во тоа време бевме околу 360 работници. Работевме во три смени и, поради лошо испланирана работа, од старт се наметна потреба да се работат викендите. Работниците беа под закана дека доколку не прифатат ќе си одат дома. Тука прв пат ми се роди идеја да се организираме за заштита на нашите права бидејќи ги забележав следниве неправилности:

  1. Се работеше секој викенд (и сабота и недела), иако законски во член 117 став 2 од Законот за работни односи е пропишано дека прекувремените саати можат да бидат најмногу 8 во една недела и 190 саати годишно. Се случуваше да работиме цел месец без прекин. Имаше вработени со преку 220 прекувремени часа годината.
  1. Работниците од некои линии беа приморани да одат од трета смена следниот ден втора смена за веднаш следниот ден прва смена или со 8 часа одмор помеѓу две смени иако законски е пропишано во член 129 од Законот за работни односи (ЗРО). „Работното време на работникот кој работи ноќе на работно место, кадешто постојат поголеми опасности од повреди или здравствени оштетувања, не смее да трае повеќе од осум часа дневно“. Според чл. 133 работникот има право на дневен одмор од најмалку 12 часа непрекинато меѓу два последователно работни дена во текот на 24 часа. Ден на неделен одмор обично е недела, или друг ден во неделата. Член 134 предвидува дека, работникот има право на одмор во траење од најмалку 24 часа непрекинато, плус 12 часа дневен одмор од членот 133.
  1. При мерење на ниво на бучава на машина каде што работев вработениот во надворешната агенција мереше бучава на машината на оддалеченост од околу 4 метри од моето работно место, на моја сугестија дека треба да мери на местото на работникот, се најде во небрано и кога дојде да мери повторно, на инструментот забележав цифра од 87 db (децибели). Кога го прашав колку е дозволена граница рече 75 db, мислејќи дека не знам. Во Правилникот за безбедност и здравје при работа на вработените изложени на ризик од бучава е наведено 85 db. Тоа беше мерено на една машина при брзина од 1.600 обрти. На истото место после еден месец се донесе уште една иста машина и бевме четворица вработени помеѓу две машини кои се оддалечени 1.5 метри и на двете машини брзината ја зголемија на 2.500. Бучавата драстично се зголеми. Реагирав кај одговорниот за безбедност, кој ми рече дека сè е мерено и сè е законски. Од тогаш ништо не е променето и бучавата е над дозволените граници.

Формирањето и уништувањето на синдикатот

Во тој период бројот на вработени веќе се зголеми за околу 500 и како што се запознавав со вработените во фабриката утврдив дека, мнозинството се незадоволни од условите и третманот од раководството при што идејата за синдикат решив да ја претворам во реалност по секоја цена. Организирав состанок со Синдикатот на индустрија, енергетика и рударство (СИЕР). Ни’ беа дадени насоки како да се организираме и ни’ беше ветена поддршка.

Собравме 180 членови кои беа запознаени за што се работи и доброволно потпишаа пристапници од синдикатот, остана само да чекаме да се состави влада за официјално да се регистрираме. На 27 јуни 2017, веднаш по формирањето влада, бевме регистрирани по сите прописи и по регистрацијата чекавме да дојдат од СИЕР и официјално да го претстават синдикатот.

Во меѓувреме управата дозна и најпрво бев повикан јас како претседател и на сред работно време ме известија дека договорот нема да ми го продолжат и до истекот ќе бидам на принуден одмор. Другиот ден истото им го направија на уште пет мои колеги. На 16 август организиравме протест во 05:45 наутро со намера работниците што доаѓаат на работа прва смена да ни’ се придружат први, а после дваесетина минути и работниците од трета смена што си одат дома. Барањата беа продолжување на договорите за работен однос и регулирање на правата од прекувремено работење.

Но, протестот не беше успешен затоа што на вработените им беше направен страшен притисок. Тие се соочија со директни закани за бркање од работа, а беше пуштен и список и се бараше да се потпишат кој ќе учествува на протестот. Од друга страна СИЕР како наш матичен синдикат дејствуваше доста млако и не покажа ништо конкретно. Во моментот на случувањата се одвиваше битката во Сојузот на Синдикати на Макеоднија (ССМ) за превласт, при што беше очигледно дека се фокусирани на настаните таму.

Така заврши синдикатот во КСС. После крајот на синдикатот јас чекав околу еден месец да преземат мерки од министерството за труд и социјална политика или од Технолошко-индустриски развојни зони (ТИРЗ), бидејќи најавија, а исто и од СИЕР. Последен пат кога се слушнав со адвокатот на СИЕР, Драге Јованоски ми рече, цитирам: „Тенка е работата, не можеме да направиме ништо”. Тогаш сфатив дека, тие настапуваат меко за да нема турбуленции и да си осигураат редовна членарина од работниците, ништо друго. Тоа и се потврди по преземањето на ССМ и нивните дејства до денеска т.е. недејства, за разлика од пред изборите кога сите беа „револуционери”.

Јас после два месеци најдов друга работа како обезбедување. Мојот заменик исто така најде друга работа. Останатите четворица се дома, меѓу кои и една средовечна албанка, која два месеци пред отпуштањето беше една од многуте случаи која се онесвести на работа за време на трета смена од замор и прекувремена работа и благодарение на реакцијата од колегите беше спасена. Изгледа таа беше „најголемата закана” за синдикално организирање, или пример како ќе завршат идните бунтовници.

Останува да видиме што ќе преземе новата влада во врска со злоупотребата на работничките права, дали ќе преземе нешто или сè ќе остане на празни зборови. Борбата продолжува.

 

Автор: Слободан Страшеноски, поранешен работник во КСС – Кичево

|2018-01-16T13:47:55+00:0016 јануари 2018|Актуелно, Некатегоризирано, Став|