(Коприва колектив) Сквот: Форма на социјална иновација [дел 2]

Во минатиот пост ги разгледавме петте облици на сквотови според холандскиот социолог Ханс Пруијт. Во ова продолжение ќе се фокусираме на тоа како сквотовите може да претставуваат пример за социјална иновација и директно да влијаат врз трансформација на односите во заедницата.

Најнапред, да тргнеме од поимот социјална иновација:

  • Социјалните иновации се процес на развивање и имплементирање на ефективни решенија за предизвикувачки и често системски социјални и еколошки прашања за поддршка на социјалниот напредок. [извор]
  • Иновативни активности и услуги кои се мотивирани од целта да се исполнат социјални потреби и кои се претежно развиени и дифузирани преку организации чии примарни цели се социјални. [извор]
  • Процесот на “зајакнување и политичка мобилизација” насочен кон трансформирање на функционирањето на општествениот систем од долу нагоре, во однос на засегнатите страни и во смисла на распределба на материјални и нематеријални ресурси. [извор]

Накратко, социјалните иновации се фокусираат на идеи и решенија кои создаваат социјална вредност.

Сквотовите се најчесто создадени од страна на автономни движења и се базираат на радикална политика, а истовремено се простор каде се случуваат преиспитувања на постоечките општествени односи и се практикуваат алтернативи на истите. Во таа смисла, може да се каже дека тие директно создаваат одредена социјална вредност – бидејќи претставуваат места каде во “real time” се случуваат социјални експерименти со визија која може да придонесе за менување на насоката на функционирање на општествениот систем.

Постојат рурални, постојат и урбани сквотови. И никаде нема да го најдете истиот модел на сквот два пати – бидејќи тие не постојат изолирано, туку се сместени во одреден општествен контекст и комуницираат со заедницата која ги опкружува.

Урбаните сквотови најчесто се наоѓаат во напуштени простори во државна сопственост, некогаш и во приватна сопственост. Актот на сквотирање може да се случи во договор со сопственикот/општината или без никаква претходна најава или дозвола. Тие можат да претставуваат социјална иновација поради следните причини:
– даваат пример за пренамена на веќе постоечки, употребливи простои кои се напуштени, а со тоа се преиспитува потребата од градење нови објекти чија цел е профит. Овој случај во себе содржи еколошка вредност – зачувување на природата и нејзина заштита од строго профитерски потфати.
– се спротиставуваат на бездомништвото. Ироничен е фактот истовремено да постојат и празни објекти кои се распаѓаат под забот на времето и луѓе кои живеат на улица без можност да ги задоволат своите најосновни потреби.
– претставуваат модел на заедништво и автономна заедница – преку својот начин на функционирање, придонесуваат кон збогатување на меѓучовечките односи. Секој член на заедницата е важен и учи да презема одговорност за своите постапки, а луѓето не се третираат како отуѓени, изолирани атоми во општеството.
– итн.

Покрај овие, руралните сквотови имаат и друга социјална вредност: произведуваат за сопствените потреби на локално ниво и не живеат одвоено од природата. Така се создава модел за локално, органско, самоодржливо функционирање на една клетка од општеството која не остава голема трага врз животната средина и природните ресурси.

… И урбаните и руралните сквотери обезбедуваат микро-модел за локални решенија за еколошките и економските кризи како што се правилно искористување на урбаните отпадни материи, набавување храна, развивање генијални Направи-Сам решенија, промовирање на соработка, споделување на знење, практикување на меѓусебна помош, органско земјоделство, интегриран менаџмент на екосистемите, споделување на искуства во комуналниот живот и предизвиците во неговата организација. Сите овие решенија
може да се сметаат за социјални иновации: алтернатива на многу технолошки
иновации, кои сè повеќе зависат од комплексни вештачки системи,
социјалните иновации произлегуваат од личните капацитети и општествената организација, што е особено релевантно во оние случаи каде што чувството
на заедница е посилно…

Оригиналната објава може да ја прочитате овде.