Дијалог со Адријана Данчевска по повод Светскиот ден на танцот

Телото можеби е случајност во која што сме се нашле, а секој од нас веројатно барем еднаш се обидел таа случајност да ја искористи. Танцот можеби е и најголемата вештина за справување со просторот околу нас. Денес по повод Светскиот ден на танцот поприкажавме со Адријана Данчевска. Таа е еден од првите млади кореографи на Скопје танцовиот театар, првата официјална компанија за современ танц во Македонија. Работи како танчер и кореограф во Скопје танцовиот театар воден од Рисима Рисимкин и е асистент на Катедрата за современ танц при Универзитетот “Гоце Делчев”, Штип. Во 2019 година станува магистер по кореографија на Универзитетот за аудиовизуелни уметности, ЕФТА, Скопје – Париз – Њу Јорк, каде и дипломира во 2014. 

Фотографија на Горан Поповски

Никола Шиндре: Танцот е дел од перформативните уметности кои преку техниката на движење на телото во одреден ритам на одреден начин се обидува да прикаже нешто поголемо од самото движење координирано со ритамот на музиката, напросто како да се обидува да ги открие внатрешните пориви на човекот за една гестикулација и она што таа може да означува. Што е суштината на танцот, танцувањето и како таа уметност го надополнува и разубавува човечкото битисување?

Адријана Данчевска: Танцот е движење. Порив, чувство, импулс, ослободување. Не секогаш следиме музика, дишењето ни го произведува основниот ритам. Не можеш да повториш едно движење два пати идентично зашто секој здив е нов и поинаков. Токму тоа го прави движењето посебно и искрено, во моментот на случување.

Н.Ш. Човекот од мал е учен и воспитуван да биде дисциплиниран, таа дициплинизација неминовно се наметнува и воспоставува и врз најприватните движења и ставови на единката, впрочем движењето на мажот е различно од она на жената или детето, ставот на младичот друг на сметка на старецот. Како треба уметникот – танчерот да се избори со своите инхибиции за да почне да твори?

А.Д. Уметникот твори кога чувствува потреба за тоа. Секој исфорсиран продукт не е искрен и целосен.

Н.Ш. Некои од теоретичарите на уметноста тврдат дека овој свет е сè уште свет на сликата, но, јас смело можам да забележам дека и музиката означува и зазема значаен дел од нашата култура. Танцот, пак најверојатно ја нема достигнато таа значајност за повеќето, но тоа не го прави помалку важен како уметност воопшто. Како треба да ги отчитуваме танцовите дела за да можеме да погледнеме во суштината на замислата на кореографот и оние што танцуваат?

А.Д. Не би рекла дека танцот не го отсликува овој свет, напротив, не постои човек на оваа планета кој не се движи, па така и танцува. Не познавам човек кој никогаш не изразил чувство преку танц. Можеби од друга перспектива. Современ танц доживувам индивидуално, посебно, помалку тајно, за себе. Movement makes me happy! Често перформансите не следат наративна линија и тоа го збунува гледачот кој прв пат се соочува со таква изведба. Нема правила, кореографот одбира колку сака да ја покаже вистинската идеја, некогаш целосно, некогаш воопшто нема да ви наликува и соодветствува со насловот. Следете опуштено и отворено.

Скопје танцов тeатар, основан во 2011 година, е првата официјална компанија за современ танц во Македонија, предводена од Рисима Рисимкин. Активно работиме на создавање, промоција и презентација на современата танцова уметност кај нас, како и нејзин пласман на светската танцова сцена. Работата на нашиот театар промовира нова естетика кај нас и се бави со истражување и продукција во областа на современиот танц. Оваа година славиме 30 години современа танцова сцена, воедно и јубилеј на Рисима Рисимкин од нејзиното прво кореографско дело, „Janis“, прв пат изведено на МОТ, Скопје. Сигурно Скопје танцов театар уште звучи ново за некои луѓе, но низ годините успеавме да создадеме и едуцираме голема публика за танц кај нас и сме многу горди на тоа. Надвор од овие граници, посетување танцова претстава е многу нормална појава. (може и по апостолки)

Н.Ш. Од друга страна пак, танцот е многу поприсутен со сценографијата, кореографијата во телевизиските екрани, плоштадите, улиците. Луѓето можеби не танцуваат, но следат одредени правила, кои се различни од нормите и техниките на танцот, а сепак во таа глутница од атомизирани движење може да се забележи некоја убавина. Како да се пренеси танцот од еден затворен простор (сцена, театар, музеј…) на отворено?

А.Д. Современ танц може да се изведува секаде каде подот дозволува. Не сме ограничени за black box сцена или кулиси во златен театар. Напротив, многу често играме во неконвенционални простори. Музеј на современа уметност и Сектор 909 се само неколку примери.

Н.Ш. Како танцот може да влијае врз нас, нашето движење дома, како врз нашето движење надвор, а како врз нашето општење со другиот?

А.Д. Ако зборувам од танчарска гледна точка, да, влијае во секоја ситуација. Се изненадувам колку често свесно или несвесно сум физички драматична каде што (не) треба.

Фотографија на Горан Поповски

Н.Ш. Најавени се илјада препораки за времето и начинот на кој треба да се движиме, однесуваме, гледаме, допираме и комуницираме. Како тие ќе влијаат врз нашето постоење, уметноста, танцот, иднината?

А.Д. Целава ситуација ја преживувам како една многу долга генерална проба. Плус многу notes afterwards. Во отсуство на реално пронаоѓање дома, не се чувствувам удобно и имам проблем околу насочување на својата енергија. Времето ми е стопирано, не сум мирна. Слободата за креација е ограничена на „пробај на метар од каучот и пази да не се удриш во полиците“. Не прекинавме со работа, продолживме онлајн, но не е лесно танчар да врти пируети, скока и паѓа во дневна. Во овие моменти ништо не е погрешно и треба да ги почитуваме индивидуалните избори за справување со се. Ова е пандемија, не натпревар за продуктивност. Сите треба многу реално и сериозно да ја сфатиме глобалната ситуација, да следиме препораки, за доброто на сите.

Ме поплавија виртуелни театри, музеи и настани кои сакам да ги видам во живо. Да ми се тресе телото од адреналин и да аплаудирам кога ми се допаѓа. Колку и да бев среќна што имам шанса да видам се што не сум видела, сега втор месец сум пред компјутер и не е возбудливо. Танц се чувствува во живо. Програмата на Танц Фест 2020, во согласност со сите наши партнери и гости, е репрограмирана и презакажана за есен. Ќе се одвива во неколку фази во текот на септември, октомври и ноември и не можам да дочекам.

„Фантазија на неколку метри оддалеченост“

Сите танчари, кореографи, педагози ќе мора да се воздржат можеби и подолго од останатите. Охрабрувам да ја поттикнеме креативноста, да наоѓаме начини како да останеме ведри и да ја поминеме оваа неизвесна ситуација заедно. Ние работиме со тело и допир, а тоа во моментов не е на располагање. Ми фали допир.

Н.Ш. Во моменти на пандемија, повеќето светски музеи, театарски ансамбли ослободија дел од своите архиви за да може широката публика да погледни дел од светските ремек дела. Би сакале да Ве замолиме да ни дадете нешто од Вашите записи за да може читателите на „Гласник“ да погледнат дел од Вашите дела.