(Никола Шиндре) Реата и смрдеата

Реата во болниците не е ништо во споредба со смрдеата во библиотеките. Кај реата во болниците знаеш дека е смртта на телото, а кај смрдеата во библиотеките страв ти е да признаеш дека е смртта на духот.
Овде никогаш не сме имале многу убави или големи болници, никогаш не можело да се соберат доволно средства за изградба, но уште поважно одржување на такви простори кај што некој болен ќе може да оздрави, кај што ќе се слави животот повеќе од што ќе се гледа смртта. Најголемата болница – Воена болница и по триесетина година од изградбата има два-три ката кои зјаат празни, а ни другите пет не се полни – немаат доктори, медицински сестри и болничари, а немаат ни задоволни пациенти. Секој плаче, никој не слуша.
Но, отидете во Националната библиотека и ќе знаете дека и духот на ова општество е погребан. Оние кои треба да го чуваат пишаниот збор не се платени, не се задоволни, не се среќни, немаат што да чуваат, а не пак да обновуваат. Тие што треба да го читаат зборот на оние што пишувале пред нив… напросто кажано се оставени само сами да мечтаат како да заминат од тој простор што личи на се освен на место каде што зборот од минатото ќе отпатува во иднината.
Ако здравјето веќе не е цел на болницата, а мудроста на библиотеката, тогаш што попрво ќе видиме? Смртта на телото или на духот? Најверојатно бегаме и не сакаме да ги видиме ни двете.

Објавата е преземена од ФБ статус. 

|2020-03-05T16:39:59+00:005 март 2020|Актуелно, Став|