СКОПЈЕ, 16.04.2018 – Министерството за надворешни работи на Македонија ниту еднаш ја нема осудено интервенцијата на Саудиска Арабија и нејзините сунитски сојузници во Јемен, а исто така, освен соопштението во кое го осуди ракетниот контранапад на Хутите врз Саудиска Арабија, во овие три години колку што трае војната во Јемен се нема изјаснето во ниту едно друго соопштение, стои во одговорот од МНР на упатеното новинарско прашање од страна на редакцијата на Гласник.
Сосема невобичаенио, МНР на 30-ти март се огласи со осуда за шиитската група во Јемен – Хутите, кадешто остро ги осудува ракетните напади од страна на Хутите врз градови во Саудиска Арабија, кои се случија на 25-ти март 2018 година. Невообичаеното е тоа што, Саудиска Арабија која ја предводи воената интервенција во Јемен, се сомничи за воени злосторства со нејзината интервенција во Јемен, но нашето министерство во изминатите три години откако почна т.н. граѓанската војна во Јемен немаше никаква осуда за саудиските варварства.
Една можна причина за тоа е што македонската влада сака по секоја цена да одржи стабилни и позитивни односи со Америка. Америка континуирано и пружи воена поддршка на Саудиска Арабија во сите напади што ги прави таа во Јемен. Тие обезбедуваат разузнавачка и логистичка поддршка, вклучително и воздушно полнење и пребарување и спасување на пилотите на коалицијата. Таа, исто така, ја зголеми продажбата на оружје на Саудиска Арабија, според Амнести интернешнл, САД и Велика Британија откако почнаа нападите врз Јемен и продале на Саудиска Арабија оружје во вредност од пет милијарди долари.
Хутите сочинуваат околу една третина од населението во Јемен. Саудиска арабија во 2015 година за прв пат ги нападна Хутите, кои од страна на Саудиска Арабија се сметани како продолжена рака на Иран. Тие тоа го отфрлаат, иако дел од познавачите на ситуацијата сметаат дека иако има некој сојуз помеѓу Хутите и Иран, тој е принуден, а не органски.
Најголем дел од организациите кои ја следат војната во Јемен, велат дека ова е најголемата светска хуманитарна криза. Се смета дека околу 7 милиони луѓе би можеле да умрат од глад ако не добијат хуманитарна помош. На две третини од населението им е потребно некаков вид на помош, а откако почна војната се имаат раселено 3 милиони луѓе.
Во продолжение можете да го проследите официјалниот став на Република Макдонија за војната во Јемен и улогата на воената коалиција предводена од Саудиска Арабија, што Гласник го доби од МНР.
Република Македонија со загриженост и внимание ги следи настанит е во Јемен и можните реперкусии врз мирот и стабилноста во еден од безбедносно најчуствителните региони во светот. Посебно сме загрижени поради исклучително тешката хуманитарна состојба и страдањето на цивилното население, како и можноста од ширење на тероризмот на регионален и поширок план. Во таа насока, ги подржуваме сите активности насочени кон прекин на непријателствата, непречен пристап на хуманитарната помош и создавање предуслови за политичко решавање на конфликтот.
Република Македонија ги следи политиките на ЕУ, подржувајќи ги напорите за продолжување на преговарачкиот процес под покровителство на Обединетите нации, како единствен начин за разрешување на конфликтот и постигнување одржливо политичко решение.
Во тој контекст е и ставот на Република Македонија дека последните ракетни напади врз градови во Саудиска Арабија, кои претставуваат флагрантно кршење на меѓународното право, ги поткопуваат напорите на новиот Специјален Пратеник на Генералниот Секретар на ОН за Јемен и ја загрозуваат регионалната и меѓународна безбедност, треба веднаш да престанат.