СКОПЈЕ, 05.06.2017 – Граѓанската иницијатива „Зелено Тафталиџе“ организираше марш, на кој излегоа засегнатите жители на населбата Тафталиџе. Тие маршираа во знак на протест против масовното градење на висококатници скоро на секоја зелена површина од страна на приватни фирми, како и да го искажат својот револт против градоначалникот на општина Карпош, Стевче Јакимовски
Моментално во населбата Тафталиџе се градат повеќе од 25 висококатници, згради кои ќе бидат повисоки од 3-4 спрата. Од Граѓанската иницијатива „Зелено Тафталиџе“ за Гласник велат дека, градењето на нови објекти е регулирано со закон, односно оти, тие треба да бидат вискои максимум четири спрата, а сега на чуден начин општината дозволува да се градат висококатници на секој чекор.
„Нашите барања се јасни и ги упатуваме директно до општинскиот врв, а тоа е да престане ирационалното и масовното т.н. „урбанизирање“ на населбата Тафталиџе“, истакнуваат тие.
Нагласуваат дека, ваквите собири кои ги организираат се со цел да престане ова несоодветно урбанизирање на населбата и да се одвива еден нормален непречен секојдневен живот, како што велат, „граѓаните да продолжат да си живеат како што живееле претходно“.
Тие сметаат дека, ваквото насилно урбанизирање го попречува нормалниот живот на населението и животната средина.
„Нашата поента е да изнајдеме некое решение, со цел да престане ова на ниво на целата општина, бидејќи тоа го правевме и поединечно за објект по објект, зеленило по зеленило, парк по парк. Тоа исцрпува, тоа не е наша должност, ние не сме невладина организација, ние сме граѓанско здружение буквално од граѓани коишто живеат во населба Тафталиџе“, велат од „Зелено Тафталиџе“
Во паркот на улицата „Букурешка“, кадешто првенствено беше планирано да никнат две згради, а за коишто градоначалникот Стевче Јакимовски тврдеше дека, „ниту Господ не може да го смени ДУП-от“, моментално се прави мало детско игралиште, а што ќе се случи со останатиот простор никој досега ништо не информира.
„Првенствено ископаа една парцела, па испадна дека не е таа парцела, ископаа друга подолу се’ уште оставајќи простор за да дигнат две згради на првенствено планираното место“, велат од „Зелено Тафталиџе“
Тие пренесуваат дека, ги контактирале вработените во општината, општинската инспекција и вработените во месната заедница во врска со овој случај, но, оти ниту еден конкретен одговор не добиле од таму.
Гласник денес писмено се обрати до општина Карпош, барајќи одговор на прашањето, дали градоначалникот и општината превземаат конкретни мерки за да одоговорат на брањата на „Зелено Тафталиџе“, но до објавувањето на оваа вест не добивме одговор.
Моментално во Тафталиџе се градат повеќе од 25 висококатници од страна на приватни фирми како што се „Биси“, „Настел“, „Адора“ и други. А, за да се изградат овие висококатници се сечат дрвја и се узурпираат јавни простори.
Текст и фотографии: Сенада Ибраимова