Здравко Савески: „Храброст или себичност?“

Паничеа. Во март и април. Ја притискаа власта да воведува рестриктивни мерки. Еден од нив застапуваше крајна драконска мерка: никој да не излезе од дома 14 дена! Можело да се издржи толку дена без храна. Останатите не беа толку радикални, но многумина бараа да се удираат со стапови по улица оние што не ги почитуваа мерките, исто како (тогаш) во Индија.

Набрзо, многумина ловци на вештерки од тој период преминаа на дијаметрално спротивна позиција. Веќе од мај почнаа да се однесуваат како вирусот да не постои и ѝ се вратија на својата дневна рутина. Се разбира, не целосно, зашто мора да носат маски во продавниците, беа лишени од можноста да уживаат во голем дел од консумеристичката забава, а во летото претрпеа уште еден удар – не можеа, или само делумно можеа да ги остварат своите планови за летување. Многумина ја мразат Грција, ама не можат да си замислат годишен одмор што не е во Грција.

На што се должи тој нагол премин од паничен страв до јуначење? На новоизникнатата храброст на Македонецот, кој конечно престана да го живее својот живот во страв и криејќи се во дупка? Интересно, но овој стамен однос кон вирусот немаше свој пандан во однос на другите работи. Луѓето што се повратија од својот страв кон вирусот не му се исправија на газдата или шефот и не му плеснаа директно во лице: „Повеќе нема да ти дозволам да газиш по мојот грб!“ Нивното јуначење остана ограничено во однос на вирусот. Нивниот страв од газдата и шефот остана неизменет. Тие на своите работни места продолжија да трпат работи кои човек со достоинство не би ги трпел.

Наглиот премин од паничен страв до јуначење и од поддршка за драстични мерки до отпор и кон најумерените мерки за борба против вирусот се должи на две причини. Првата е што увидоа дека вирусот не е толку смртоносен колку што првично мислеа, особено ако немаш над 50-60 години и ако немаш некоја хронична болест. Втората причина беше психичкото оптоварување поради периодите на карантини и полициски часови (а кои добар дел од тие луѓе, кога се воведуваа, ги поддржуваа). Сето говорење за големата јуначност, или за големиот отпор против одземањето на правата и слободата се само празни зборови. И лесно е да се разобличат нивните големи зборови: каде сте кога во однос на други работи ви ги газат правата и слободата?

Не, не е до храброста или до слободољубието. До себичноста е. А кога голем број луѓе на ист начин се однесуваат, кога споделуваат исти ставови, тоа престанува да биде индивидуална појава и станува општествена. И да, многумина се eгоисти, нe им e гајлe за другитe, се задоволуваат со својот консумeристички и малограѓански живот, одбиваат да ја прифатат рeалноста, мислат дeка ништо од нив нe зависи. Но, доста кратковидо е да се смета дека е така зашто луѓето се такви по природа. Голем дел од луѓето се такви, зашто систeмот ги направи такви.

Триесет години ги тренираат луѓето во духот на егоизмот. Работното место е високата школа на капитализмот. Таму капиталистот или шефот во корен ја сече секоја пројава на солидарност и колективно делување. Работниците немаат доверба едни во други, а тоа дополнително се поттикнува од капиталистот/шефот преку наградување на кодошите. Ако нешто не ти чини, пробај сам да се договориш. Така работниците се научени да се обидуваат да добијат повеќе права и, се разбира, она што индивидуално се добива е поситно од она што колективно може да се извојува. Второ, свесно се поттикнува консумеристичкиот дух кај луѓето. Бидејќи тоа го овозможува глаткото функционирање на системот на прекумерно производство и прави луѓето да се задоволат со својата пасивна улога, како во економијата, така и во политиката. Преку офанзивниот маркетинг се дресираат веднаш да посакаат да го купат она за што ќе им создадат потреба да го купат, дури и по цена да се задолжат и да заглават во долгови. Тоа е своевиден процес на држење на луѓето во фаза на инфантилност, во која состојба штом нешто ќе се посака, некој друг мора тоа да го обезбеди. Се разбира, вистинскиот добитник од таквата состојба не е оној што го купува најновиот модел на смартфон или автомобил, туку оние што во своите раце ги држат конците на економската и политичката моќ. Иако и првиот, на одредено време, ужива во стоката што ја купил.

Сето ова во нормални времиња не само што не пречи, туку е во функција на перпетуирање на капиталистичкиот систем. Но, во услови на пандемија си го покажува своето грдо лице. Како може човекот што бил издресиран да биде себичен да покажува емпатија кон ранливите категории на коронавирусот? Како може тој да се води од солидарноста и поради тоа да ги почитува препораките, нарушувајќи си го сопствениот раат за да не го загрози животот на другите? Како може тој да прифати лишување од голем дел од консумеристичката забава, кога цел живот бил убедуван дека може да има уживање само кога се трошат пари? Како може тој да покаже истрајност и свесност, кога е издресиран веднаш да го добива она што го сака? Зошто апелите да се почитуваат препораките наидуваат на глуви уши? Па вие вакви ги направивте луѓето! Со години работевте на тоа! И сега сакате луѓето што сте ги издресирале да се однесуваат на еден начин, да почнат преку ноќ да се однесуваат на друг начин?

Во однос на пандемијата одиме во многу лоша насока. Изгубивме многу животи што не мораа да бидат изгубени. Уште повеќе ќе изгубиме допрва. Веројатно е неизбежно плаќањето данок за систематското уништување на солидарноста и емпатијата во име на прокапиталистичката себичност. За да биде поинаку, мора да го адресираме коренот на проблемот наместо да се исчудуваме зошто на луѓето им е толкав проблем да носат маски. Доста веќе се занимававме со симптомите, да се зафатиме со болеста!

 

Пишува: Здравко Савески

 

Редакцијата на „Гласник“ не нужно се согласува со ставовите изразени во колумната.

|2020-10-13T09:24:21+00:0013 октомври 2020|Актуелно, Вести, Став|