Заев го посети Идризово, го виде хоророт што го живеат многу затвореници

СКОПЈЕ, 11. 09. 2017 – Денес премиерот на Република Македонија, Зоран Заев се соочи со бедните услови во најголемиот македонски затвор Идризово. Тој во придржба на Народниот правобранител, го посети затворот, а на оваа посета беше заклучено дека затворот има капацитет за 800 лица, а одамна бројот на затвореници ја надминал таа граница.

Заев во изјавата за медиумите најави дека отпочнати се процедури за амнестија на дел од осудените  преку моделот на укинување на 30% од вкупната казна. Меѓутоа, овој принцип нема да важи за сторителите на тешките форми на криминал, злосторства против човештвото и педофилија.

Народниот правобранител, Иџет Мемети, акцентот го стави на ресоцијализацијата која не се стимулира во затворот. Условите се многу нехумани и истите поттикнуваат лицето коешто одлежало казна затвор повторно да изврши криминални дејанија. За овие нехумани услови скоро никој не зборува во јавноста.

Мизеријата е одамна присутна во затворот, пренесуваат за Гласник внатрешни извори од КП Идризово. Според, изворот на Гласник, пренатрупани се ќелиите со затвореници, во таканаречениот оддел „Приемно“, а секој нов затвореник треба да плати 500 денари за душек и за ќебе. Иако капацитетите се слаби, се’ уште се праќаат на отслужување на казна во Идризово. Како што може да се види на фотографиите, затвореници спијат на душек поставен на подот на ќелијата. Немањето на базични услови на хигиена, здравстени интервенции и едукациска помош, овие луѓе ги осудува на уште поголема репродукција на криминални активности.

 

Значаен е делот поврзан со социјалниот статус на овие луѓе и како нивните животи се устроени да завршат во затвор како криминалци. Затворите се полни со луѓе кои доаѓаат од социјално ранливите категории, за кои пристапот до квалитетно образование, здравство, пристојна работа, на достоен живот генерално, е еднаков на нула, што на крај резултира со катастрофални последици по нивните животи и животите на нивните блиски.

Исто така, често се случуваат различни бунтови, поради често малтретирање на затвореници. Најчесто тие се манифестираат со качување на кровот од затворот, но, исто така и со самоповредување на самите затвореници, како што неодамна се случи во затворот во Шутка.

 

|2017-09-12T08:30:55+00:0011 септември 2017|Актуелно, Вести, Некатегоризирано|