СКОПЈЕ, 10. 07. 2017 – За нецели шест месеци, 25 вработени во фабриката „Леар“ од Тетово се по втор пат затруени од храна. Првиот пат се случи во месец март кога 220 вработени беа затруени од храна во истата фабрика. На 7. јули оваа година се случи повторно вработените да се соочат со труење.
Од Агенцијата за храна ветеринарство, по извршените контроли, сметаат дека, „храната ги исполнувала соодветните хигиенски услови“.
„Со цел утврдување на причините за појавата на труењето, од страна на инспекциските служби земени се мостри за лабораториско испитување од храната која била послужена, од работните површини во мензата, како и од вработеното лице кое ја послужувало храната, а на кое му било извршено и дополнителен здравствен преглед“ истакнуваат од агенцијата.
Левица: „Со цел да се подобри бизнис климата, работниците 26 години го живеат својот пекол“
Од политичката партија Левица, ги повикуваат надлежните институции да преземат конкретни мерки за расчистување и нејзино неповторување.
„Да потсетиме, во март, 220 работници од фабриката „Леар“ добија труење, веднаш по конзумирањето на вечерата. Инаку, оваа фабрика е странска директна инвестиција, со привилигиран статус во нашето нефер општество“, потенцираат од Левица на нивната фејсбук страница.
Според Левица, во име на подобрување на бизнис климата, 26 години работниците се соочуваат со пекол. А како што нагласуваат тие, тој пекол се премолчува, во име на растот на профитот.