СТРУМИЦА, 09.01.2017 – Покрај Битола, Скопје и Тетово, кадешто е најчесто аерозагадувањето, изминатите денови, енормно загадување на воздухот е забележано и во Струмица. Откако беа поставени мерни станици за загадувањето, се испостави дека, Струмица е најзагадениот град во Македонија во изминатите три дена. Во саботата беа измерени 670 микрограми на метар кубен, во неделата 708 микрограми на метар кубен, а денеска се измерени дури 771 микрограми на метар кубен воздух што е над 15 пати над дозволената гранична вредност од 50 микрограми кубен воздух.
По ваквите катастрофални резултати, кои се граничат на повикување на вонредна состојба, веднаш реагираа повеќе организации во Струмица. Локалниот огранок на политичката партија Левица во Струмица, на својот фесјбук профил јавно се обраќаат до општина Струмица, како и до новоизбраниот градоначалник, Коста Јаневски, прашувајќи дали се запознати со ваквата, како што велат, „апокалиптични бројки“, коишто ги покажува новопоставените мерни станици на загадувањето на воздухот во градот. Тие исто така нудат неколку мерки за решавање на овој проблем.
Граѓаните се сериозно загрижени од резултатите на ново поставената мерна станица за загаденост на воздухот од Министерството за животна средина во нашиот град. Веќе неколку денови бројќите се апокалиптични и Струмица е најзагаден град во Македонија. Ги прашуваме градоначалникот и советниците на Општина Струмица? Дали сте запознаени со овие резултати? Дали има план со мерки кои треба да се преземат за да се престане со загадувањето?, велат од Левица, ЛО Струмица.
Според нив, постојат повеќе мерки, коишто би помогнале во справувањето со аерозагадувањето. Тие предлагаат, набавка и поставување на прочистувачи на воздухот во градинките, забрана на градежните активности, забрана на работа на идустриски објекти, преполовување на воизлата низ градот на користење по системот пар-непар, продолжување на распустот на ученците, формирање на комисија, која ќе излезе на терен и да истражи од каде точно доаѓа аерозагадувањето. Тие исто така предлагаат, доколку индустриските објекти се причинители на загадувањето, нивната работа да запре додека не се реши проблемот.
Граѓанското здружение „Здрава Котлина“, коешто во последниот период е активно во борбата против отворањето на рудниците на југоистокот во Македонија, исто така се огласи со кратка анализа за факторите на аерозагадувањето, како и со конкретни предлози за интервенција и насока на делување.
Како главни причинители за аерозагадувањето тие ги анализираат затоплувањето, индустријата, сообраќајот, депониите и климата. Исто така, се обраќаат до надлежните, локални и инспекциски власти да преземат чекори со цел да се утврдат причинителите на ова енормно загадување на воздухот.
Ги повикуваме локалните власти на Општина Струмица заедно со инспекциски служби од Државен инспекторат за животна средина да излезат на терен и да направат инспекциски увиди во објеките за кои има индиции дека се без интегрирана еколошка дозвола нелегално се користат алтернативни горива.
Во спротивно ќе организираме еко патроли кои со мобилни мерни инструменти и видео камери јавно ќе се покажуваат несовесните загадувачи и капитално поврзаните профитери трујачи, велат од Здрава Котлина.
Како додатен проблем на аерозагадувањето во Струмица е и заканата од евентуалното отворање на рудникот во „Иловица“. Доколку активностите на оваа локација продолжат и понатаму, ќе биде уништено 500 хектари шумско земјиште, кадешто ќе бидат исечени огромен број на дрвја, коишто патем служат и како прочистувачи на воздухот.
Како потсетување, ПM 10 честичките се сметаат за опасни поради нивната форма на мало ноженце и микромикронска димензија, со која преку вдишувањето влегува во дишните патишта, а остава сериозни здравствени последици кај човекот. Бројката од 50 микрограми на метар кубен воздух, не треба да се надмине повеќе од 30 дена во годината, а во нашите градови тоа пречекорување е речиси секојдневно во зимскиот период.