Катастрофата во Бопал, Индија, во 1984 година одзеде повеќе човечки животи од Чернобилската катастрофа од 1986 година. Сепак, Чернобил, а не Бопал остана врежан во сеќавањето на многумина во Македонија. На годишнината од Чернобилската катастрофа сакаме да потсетиме на Бопалската катастрофа, не за да ја минимизираме првата, туку за да ја вратиме во колективното паметење втората.
На денешен ден, во 1986 година, во Чернобил, СССР, се случи најголемата несреќа во историјата на нуклеарните централи. Чернобилската катастрофа, заедно со нуклеарната катастрофа во Фукушима, Јапонија, во 2011 година е до денес единствен случај на седми степен на нуклеарен настан според Меѓународната скала на нуклеарни настани.
Извештајот подготвен од Меѓународната агенција за атомска енергија и Светската здравствена организација заклучува дека 56 лица загинале во самата несреќа. Колку луѓе дополнително починале од рак директно предизвикан од радијацијата е прашање кое сѐ уште се дебатира, но проценките обично се движат помеѓу 4 до 9 илјади.
Поради високото ниво на радијација, околу нуклеарната централа е воспоставена забранета зона со површина од околу 2.600 км² (колку територијата на Луксембург), во која и до денес не е дозволен пристап на населението. Соседните градови Чернобил и Припјат се целосно напуштени.
Бопалската катастрофа се случи само година и пол пред Чернобилската, ноќта помеѓу 2 и 3 декември 1984 година во градот Бопал во Индија. Станува збор за најголемата индустриска катастрофа во светот, до која дошло поради протекување на гас во фабриката за пестициди во мнозинска сопственост на американската компанија „Јунион Карбид“.
Несреќата во фабриката доведе до ослободување на повеќе тони отровни гасови. Во само една ноќ, животот го загубија повеќе од 3.000 луѓе, а во текот на наредните години повеќе од 22.000. Многу од преживеаните и ден-денес страдаат од последиците на катастрофата. Напуштениот фабрички простор сѐ уште ослободува отрови штетни за човековата околина, овојпат преку воздухот и подземните води.
Зошто во Македонија речиси сите имаат слушнато за Чернобилската катастрофа, а малкумина за Бопалската? И двете се случија во ист временски период, средината на 1980-тите, при што втората, а не првата зела поголем данок во човечки животи.
Дел од причините, секако, треба да се бараат во тоа што Македонија беше изложена на ефектите од Чернобилската катастрофа, па затоа особено на повозрасните граѓани таа им се врежала во сеќавањето. Исто така ефектот има и долгогодишната борба на антинуклеарните активисти да предупредат на опасноста од нуклеарната енергија, дури кога таа не се користи за воени цели. Но, причините исто така имаат врска со капиталистичката пропаганда. Чернобилската катастрофа се случи во Советскиот Сојуз и посочувањето на тој факт перманентно се користи за оцрнување на самата идеја на социјализмот. Од друга страна, Бопалската катастрофа ја предизвика трката по профит на една приватна американска мултинационална компанија. Затоа, капиталистичката пропаганда најмногу милува за неа – да не се спомнува ништо. Едноставно да биде заборавена од што поголем број луѓе. За приказната околу бенефитите на трката по профит, странските инвестиции и јавно-приватните партнерства да не биде нарушена.
Околу Бопалската катастрофа можете да се информирате од повеќе извори, вклучувајќи го и овој документарец од „Нешанал Географик“.
Здравко Савески